Денес е спомен на Светиот свештеномаченик Харалампиј: Чувар од болести

Македонската православна црква на денешен ден го одбележува споменот на Светиот свештеномаченик Харалампиј, празник попознат и’ како Чуминден…

Овој голем светител беше епископ во Магнезија и во својата сто и тринаесетта година пострада за Христа. Кога настана страшното гонење на христијаните во времето на царот Септимиј Север, старецот Харалампиј не се криеше од гонителите, туку слободно и јавно ја проповедаше Христовата вера. Сите маки ги претрпе како во туѓо тело. А кога уште жив му ја дереа кожата, незлобливиот светител им рече на царските војници: „Ви благодарам, браќа, зашто ми го истругавте старото тело, а ми го обновивте духот за нов, вечен живот“. Изврши многубројни чуда, во верата обрати многумина.

Дури и царската ќерка Галина го напушти незнабоштвото на својот татко и стана христијанка. Осуден на смрт и изведен на губилиштето свети Харалампиј ги воздигна рацете кон небото и Му се помоли на Бога за сите луѓе, за да им даде Бог телесно здравје и спасение на душите и да ги умножи земните плодови. „Господи, Ти знаеш дека луѓето се месо и крв, прости им ги гревовите и излеј ја Твојата благодат врз сите!“ После молитвата овој свет старец ја предаде својата душа на Бога пред да го спушти џелатот мечот врз неговиот врат. Пострада во 202 година. Неговото тело го зеде Галина и чесно го погреба.
Празникот Свети свештеномаченик Харалампиј народот го вика Чуминден. Поврзан е со болестите и се смета за чувар од нив, а се врзува со чумата зошто таа се смета за најопасна болест. Народот верувал дека тој е пазител од чумата која ја соборил и победил, а тоа бил ѓаволот .

Свети маченички Валентина, Павла и Енафија

Светите маченички Валентина, Павла и Енафија пострадале за верата Христова, во Палестина, во 308 година при императорот Максимијан II Галериј (308-313), од обласниот управител Фирмилијан. Светата Енафија била од околината на Газа, светата Валерија од Кесарија Палестинска, а светата Павла – од околината на Кесарија. Валентина била доведена во идолопоклонички храм за да принесе жртва. Наместо тоа, таа фрлила камен во жртвеникот и му свртела грб на жртвениот оган. Заради тоа била претепана и на крај обезглавена. Сличен крај имале и маченичките Енафија и Павла.

Преподобен Прохор Лободник


Чудотоворец печерски. Лободник е наречен зашто за цело време додека живееше во Печерскиот манастир не вкуси леб, туку се хранеше со лобода, месејќи ја на свој начин и правејќи од неа некаков леб. Кога ќе му дадеше некому од тој свој леб, лебот стануваше сладок како да е од мед, а кога некој ќе му украдеше, му стануваше горчлив како пелин. Едно време кога снема сол во Русија, Прохор му ја раздаваше на народот пепелта како сол. Пепелта што ја раздаваше со благослов стануваше сол, а онаа пепел која некој ќе си ја земеш сам си остануваше обична. Кнезот Свјатополк нареди и во неговиот дворец ја пренесоа целата пепел од келијата на Прохор без прашање и благослов на монахот. Но кога ја пренесоа, тие што вкусија од неа се уверија дека е пепел, а не сол. Тогаш Прохор му рече на народот што доаѓаше кај него по сол да одат сите кај дворецот на кнезот, па кога кнезот ќе ја исфрли онаа сол од дома, тие да си ја земат и ќе им биде сол. Народот така направи и пепелта повторно се претвори во сол. Откако се увери во ова самиот кнез се исполни со почит и љубов кон свети Прохор, а кога овој умре во 1107 година, тој со своите раце го положи во гробот крај големите руски светители Антониј и Теодосиј.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.


Видете следно

Се вакцинира наставно-воспитниот кадар од градинките и основните училишта во Општина Центар

Здравјето и сигурноста на децата кои посетуваат настава во општинските основни училишта и престојуваат во …