Денес се празнува Свети Партениј, епископ Лампсакиски: Чудотворец, лекар на душите и телата 

Православната црква денеска го одбележува споменот на Свети Партениј, епископ Лампсакиски, Преподобен Лука Еладски, Преподобна Мастридија и на илјада и тројцата маченици во Никомидија. 

Житие за Свети Партениј, епископ Лампсакиски 

Соименик на девственоста, свети Партениј се родил во Мелитопол [2]. Татко му, по име Христофор, бил ѓакон во една од црквите на тој град. Во детството Партениј не бил научен на писменост, но додека во храмот го слушал Божественото Писмо, толку многу научил од него, што можел да се споредува со секој искусен книжевник. Како млад, често одел крај едно езеро, кое се наоѓало во близина, и таму ловел риба, а потоа ја продавал и добиените пари ги делел на сиромашните. Од најрана возраст бил исполнет со Божја благодат; уште на осумнаесет години, повикувајќи Го пресветото Христово име, почнал да изгонува бесови од луѓето и да врши многу чудеса.

Кога славата на свети Партениј почнала да се распространува меѓу луѓето, Филип, мелитополскиот епископ, го повикал кај себе. Кога проучил сè што беше слушнал за светото момче, и кога се уверил во тоа, се восхитил на неговите добродетели и на Божјата благодат во него, и наредил да го обучат на книжевна уметност. По кратко време, епископ Филип го назначил свети Партениј за презвитер, и покрај неговата неподготвеност, и му доверил да се грижи за еден од храмовите. Со чин на презвитер, свети Партениј уште повеќе се подвизувал во добродетелите. Добивајќи од Господа двојна благодат – на светост и чудотворство, тој исцелувал секаква болест и со името на нашиот Господ Исус Христос вршел многу прекрасни чуда. Меѓу тие прекрасни знаци, меѓу останатите било и следново:Еднаш чудотворецот сретнал на патот еден човек, на кого некој младич му го беше извадил окото. Болното око му висеше на образот и човекот, страдајќи и плачејќи, го придржувал со раката. Свети Партениј го зел во својата рака изваденото око, го ставил на место, и го измил со вода. По три дена болниот целосно оздравел.Друг пат, една жена, која страдала од страшна и неизлечива болест, отишла кај свети Партениј и го замолила да ја излекува. Штом преподобниот ú го прекрстил челото, таа веднаш оздравела.Еднаш свети Партениј тргнал да посети еден болен. Кога поминувал покрај домот на некој великодостојник, едно големо куче го искинало синџирот, се затрчало кон светителот и кога се фрлило со предните шепи на неговите рамења, сакало да го гризне за лицето. Но, светителот дувнал на него, го прекрстил и песот во истиот момент издивнал.

Кизичкиот епископ Ахилиј чул за тие чуда, го повикал свети Партениј кај себе и го поставил за епископ Лампсакиски. Кога пристигнал во својата епископија, свети Партениј ги затекнал сите нејзини жители оддадени на бесчесно елинско идолослужење, додека христијаните биле мошне малку на број. Добриот Христов пастир многу жалел заради тоа. Тој најпрво почнал да укорува, да изобличува и да ја смилостува својата паства. Го посочил патот на вистината и правел чуда со Христовото име, лекувал болни и така многумина приведувал кон познанието на вистинскиот Бог.

Конечно, кога видел дека жителите на градот почнуваат да напредуваат во верата и да се одрекуваат од своето идолослужење, свети Партениј намислил да ги разруши тамошните скверни идолопоклонски храмови и наместо нив да изгради велелепни свети Божји храмови. За таа цел, тој се упатил кон големиот цар Константин, за да земе дозвола од него. Примен љубезно и со почести од благочестивиот и христољубив цар, Христовиот светител од него го добил тоа што го барал. Свети Константин Велики му дал царска грамота за уништување на идолските храмови, и притоа му дал на преподобниот многу злато за изградба на светите Божји цркви и го испратил со мир.

Во вечниот покој на Христос се пресели во 6 век.

Преподобен Лука Еладски

Родум од Касторија. Уште како дете никогаш не сакаше да вкуси месо и сиот живот го минуваше во чистота и молитва. Еднаш појде на нива со семе жито за да сее. Но патем поголемиот дел им го раздаде на сиромасите, а помалиот што му преостана го посеа. Даде Бог и од тоа малку семе се собра поголем род одошто порано кога го сееше целото количество. Потоа Лука побегна од својата мајка вдовица во манастир. Нажалена мајка му Го молеше Бога да ѝ ја објави тајната каде ѝ се наоѓа синот. И Бог ја услиши нејзината молитва. Игуменот на оној манастир три ноќи едно по друго ја сонуваше една жена како остро го напаѓа што ѝ го зеде синот единец. Тогаш игуменот му нареди на Лука веднаш да оди кај мајка му. Лука отиде, се виде со мајка му, но пак си замина, овој пат бесповратно. Живееше во покајание на т.н. Јованова Гора. Ноќе Му се молеше на Бога, а дење работеше во градината и на нивата не заради себеси, туку за сиромасите и посетителите. Се хранеше само со леб од јачмен. Бог му даде дар на чудотоворство. Се упокои мирно во Господ во 946 година. Од неговите мошти одвреме навреме течеше миро.

Преподобна Мастридија

Живееше во Ерусалим во строг подвиг. Еден млад човек се загледа во неа и почна да и здодева. За да се спаси и себеси и тоа момче од грев, Мастридија зеде едно лонче со малку наквасен грав и се оддалечи во пустина. Во пустината помина седумнаесет години и за сето тоа време, со Божјата благодат, не и снема грав ниту и оветве фустанот. Се упокои мирно околу 580 година.

Илјада и тројца маченици во Никомидија

Пострадаа во времето на Диоклецијан.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

(Вознемирувачко ВИДЕО) Стравична снимка од Чешка: Полицајци убиле Ром – му клечеле на вратот, владата вели „нема чешки Флојд“!

Еден Ром во Чешка настрадал затоа што полицаец за време на интервенцијата го задавил притискајќи …