Филипче: „Направивме добра организација – еднаш кога ќе започне имунизацијата да не запре!“

Министерот за здравство д-р Венко Филипче и претседателката на Комитетот за имунизација д-р Александра Грозданова, денеска присуствуваа на почетокот на процесот на вакцинација во земјава, каде први вакцината против КОВИД-19 ја примија двајца здравствени работници од Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби.
Станува збор за главната сестра Габриела Темелковска и примариус д-р Добринка Наунова Јовановска – специјалист за неуроинфекции од инфективната клиника. Со денешното нивно вакцинирање практично започна имунизацијата против коронавирусот во земјава.
Во изјава за медиумите, министерот Филипче потенцираше дека главната сестра Темелковска и д-р Наунова Јовановска се дел од персоналот на Инфекивната клиника кои во изминатата година деноноќно работеа и се бореа за спасување на секој еден човечки живот.
„Докторката Добринка и главната сестра Габриела се првите коишто ја примија вакцината на Фајзер. Денеска продолжува вакцинацијата на сите вработени на инфективната клиника, а следат и вработените во сите КОВИД центри, најпрво во Скопје: ГОБ 8 Септември, Институтот за белодробни заболувања кај децата Козле, интерните клиники – сите коишто работеле и сѐ уште работат со ковид пациенти. Понатаму, за време на викендот и болниците ширум државата, како и приватните болници”, истакна Филипче.
Согласно вчерашниот разговор со претставници на компанијата Фајзер, министерот Филипче најави дека останатата количина на 4000 дози од Република Србија треба да пристигнат следната недела. Сите пријавени 4000 здравствени работници за првиот бран на вакцинација кои работат со КОВИД пациенти ќе бидат вакцинирани.
„Ние ќе ја започнеме и кампањата за подигнување на свесноста за вакцинација. Многу е важно граѓаните да се свесни дека вакцините се безбедни, без разлика од кој производител доаѓаат, дека се развиени на безбедни платформи и ова е единствениот начин да ние ја смениме сликата на пандемијата, не само ние туку сите земји во светот. Системот добро функционира. Започнува со земање анамнестички податоци, краток преглед, административната работа, внесување на податоците за веќе закажаниот термин и закажување на следниот термин за ре-вакцинацијата после три недели и тоа интензивно се спремаше во овие изминати денови. Тука е поставена целата инфраструктура, дел од вакцините се чуваат и во овие фрижидери во модуларната болница. Може да седат до 5 дена на температура од 2 до 8 степени, после што се раствораат и во рок од 5 часа мора да се аплицираат на тие што ја примаат. Ова е еден систем којшто исто така беше дел од тренингот. Посакувам успешна имунизација, направивме организација – еднаш кога ќе започне имунизацијата да не запре. Ги очекуваме и следните количини според најавите и верувам дека во следните месеци ќе имаме навистина успешен процес на вакцинација”, информираше Филипче.
По примањето на вакцината, Д-р Наунова Јовановска изјави дека процесот на имунизација е безболен и безбеден.
„Ја примив вакцината и се чувствувам одлично. Самото аплицирање на вакцината е безболно и сакам да препорачам секој од нас кој е во оваа држава да прими вакцина, по сопствен избор нормално. Тоа е единствен начин да се заштитиме од овој тип на инфекција која се случува последнава година, со која цел свет се бори, па и ние сосем добро. Втората доза се прима на 21-от ден, и тоа е закажан термин кога треба да ја примам втората доза. За мене ќе биде една голема сигурност тоа што сум примила вакцина и веројатно ќе бидам заштитена многу повеќе од оние што не примиле вакцина. Индивидуално е кој колку ќе развие антитела, меѓутоа воглавно 95% е заштитната моќ на оваа вакцина и јас се надевам дека ќе бидам во тие 95% заштитени, и тоа е она што дава некоја сигурност за понатаму”, потенцираше д-р Наунова Јовановска и додаде дека имунитетот се стекнува веќе за две до три недели, се постигнуваат заштитни антитела.
Таа е инфектолог кој интензивно работи на комуникација со матичните лекари, како и во лекување на пациенти со други инфективни заболувања сместени на други клиники.
Главната сестра на Клиниката за инфективни болести Габриела Темелковска изјави дека се чувствува добро и ја препорача на сите граѓани вакцината против КОВИД-19.
„Се чувствувам одлично и ги поканувам сите да се пријават да се вакцинираат. Секако дека се чувствуваме посигурни, со вакцинацијата ќе се намали и бројот на новозаболени и ќе почнеме да се враќаме во нормален живот.”, истакна Темелковска.
За денешниот ден, предвидено е вакцинирање на 260 здравствени работници.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

(ФОТО) Славната тенисерка родила девојче и открила кое популарно име и го дала

Каролина Возниацки стана мајка. Поранешната данска тенисерка со нејзиниот сопруг и поранешна НБА sвезда Дејвид …