Оркестарот на Филхармонија в четврток со Концертот за хармоника и оркестар „Аконкагва” од Астор Пјацола

Оркестарот на Филхармонија в четврток, во 20 часот ќе одржи концерт на кој ќе биде изведен Концертот за хармоника и оркестар „Аконкагва” од Астор Пјацола, а како солистка ќе настапи Анна Коловска од Русија. Диригент е Борјан Цанев, а на програмата се и „Песна и танец” од македонскиот композитор Томе Манчев, и „Орава” од полскиот композитор Војчех Килар.

Астор Пјацола (1921 – 1992) е еден од најзначајните аргентински композитори, кој го револуционаризираше традиционалното танго, носејќи го во нов стил што го нарече „нуево танго” (ново танго) во кое инкорпорираше елементи од џезот и класичната музика. Првиот концерт за бандонеон и оркестар, познат како „Аконкагва” (така го насловил неговиот издавач Алдо Пагани, како асоцијација за врв во неговото творештво, аналогно на највисокиот врв во Јужна Америка), Пјацола го создава во 1979 година.

Војчех Килар (1932 – 2013) е еден од најзначајните современи полски композитори, автор на класична и филмска музика. Добитник е на повеќе награди за неговата музика за филм, а негово најголемо остварување е музиката за „Дракула” на Френсис Форд Копола. Автор е и дел од музиката за филмот „Пијанист” на Роман Полански. „’Орава’ е едниственото мое дело во кое не би сменил ниту една нота. Тоа најдобро ме одразува како композитор”, изјави полскиот композитор Војчех Килар во едно интервју направено во Краков во 1997 година. Насловот на делото не сугерира само на географскиот регион, сместен меѓу Полска и Словачкиа, туку и на реката која тече во овој регион. Музичката прогресија во „Орава” може да се дефинира како поток кој тече од планинските предели низ различните пејзажи.

Томе Манчев (1950 – 2020) е еден од најистакнатите претставници на македонската музика од преминот меѓу 20 и 21 век. Автор е на обемен творечки опус во речиси сите музички жанрови, но главниот белег го остави во оркестарското творештво. Благодарение на своите темелни и систематски студии во Македонија (Властимир Николовски) и во странство (Чешка – J. Дворжачек и Ј. Церемуга и Бугарија – Д. Сагаев) Манчев имаше можност темелно да ги изучи и истражи техниките на компонирање и оркестрирање на дваесеттиот век кои ги примени и адаптира во своето музичко творештво. Во „Песна и танец” за гудачки оркестар (2000), Манчев ја инкорпирира својата суштинска препознатливост како автор која се рефектира преку фузија на македонската музичка и духовна традиција со европската авангарда.

Добитникот на македонското признание „Најдобар музички изведувач во 2013 година”, диригентот Борјан Цанев, се смета за еден од најпрефинетите музичари во Македонија. Од 1999 година е постојан диригент на Македонската филхармонија и на чело на овој оркестар постигнува забележителни резултати во својата земја и во странство. Дипломира на Факултетот за музичка уметност во Скопје, а магистрира на Државната музичка академија во Софија. Веднаш потоа, Цанев специјализира диригирање на Кралскиот музички колеџ во Лондон, каде што работи со реномираните диригенти сер Сајмон Ратл, Даниеле Гати и Јанош Фурст, а ќе биде поканет да му биде асистент-диригент на сер Колин Дејвис на Кралскaта оперска школа. Добитник е на наградата „Аугуст Манс” за најдобар диригент токму на Кралскиот музички колеџ, за потоа да диригира со Лондонскиот симфониски оркестар како дел од мајсторскиот клас на сер Колин Дејвис. Во наредните години маестро Цанев има многубројни концерти со Македонската филхармонија, како и со нејзиниот Камерен оркестар во Македонија и во странство (Рим, Париз, Истанбул, Прага, турнеја во Полска, Загреб, Њујорк).Неговото успешно деби со Софиската филхармонија во 2004 година му носи постојани ангажмани со овој виден оркестар, а во 2006 година е назначен и за негов постојан гостин-диригент. Во 2005 година, Цанев дебитира во Македонската опера и балет, каде што следната година ја поставува премиерата на „Волшебната флејта” од Моцарт. Покрај гореспоменатите, Цанев диригирал и со Црногорскиот симфониски оркестар, Филхармонијата на Арад, Симфонискиот оркестар „Вагнер” од Токио, Симфонискиот оркестар на Војводина, „Синфониета” –  Софија, Хрватскиот камерен оркестар, Задарскиот камерен оркестар, Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија, со ансамблот за современа музика „Алеа” и др.Борјан Цанев како диригент се појавува во САД, Англија, Јапонија, Италија, Франција, Чешка, Полска, Хрватска, Србија, Бугарија, Црна Гора, Турција, Романија…

 

Анна Кришталева Коловска е родена во Армавир, Русија, во 1996 година и уште од рани години се врзува за музиката, редовно концертирајќи и настапувајќи на интернационални и на домашни натпревари. Основното музичко образование го завршува во новокубанското детско музичко училиште, во класата на проф. Михаил Бојко. Во 2014 година, пак, се запишува во Ростовскиот музички колеџ во класата на познатиот професор и заслужен артист на Русија – Јури Шишкин. Нејзиниот репертоар е богат и вклучува композиции од различни музички епохи, дела од Менделсон, Григ, Московски, Лекуона, Кусјаков, Бах, Шчедрин, Семионов…, како и композиции од руската народна музика. Инаку, Анна Кришталева редовно настапува на натпревари, како и на концерти во Русија и надвор од земјата, а нејзините изведби се високо позитивно оценети од страна на критиката и опишани како „интерпретации исполнети со страст и длабочина, во комбинација со долги и драматични скали, деликатен опсег на звукот и брилијантна техника…” Кришталева е добитник на Гранд при на натпреварот „Акордеон плус” во Ростов на Дон, Русија, во 2012 година, потоа победник е во сениорска категорија за класична музика на Интернационалниот натпревар „Кастелфридардо” во Италија во 2015 година, а има освоено и прво место на вториот Интернационален натпревар за хармоника во Алкобаса, Португалија, како и прво место на натпреварот „Гридин” во Курск, Русија, во 2016 година.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.


Видете следно

(ФОТО) Во МНТ вечерва (во среда и четврток) : „Мој термин“ на Синиша Евтимов

Современата комедија „Мој термин“ вечерва, во среда и четврток, од 20. часот, ќе биде изведена …