Денеска е спомен на Преподобен Георгиј Хозевит: Голем подвижник, молитвеник и чудотворец

Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 8 јануари. Денеска е Преподобен Георгиј Хозевит.

Овој Георгиј се родил во Кипар во втората половина на четвртиот век. Уште многу млад поминуваше долго време читајќи го Новиот завет и набргу во него се разгоре силна љубов кон монашкиот подвиг, па зедно со брат му Хераклид замина за Палестина. Во Палестина свети Георгиј се подвизуваше во Хозевскиот манастир крај Ерусалим (место по кое го доби и името Хозевит), како и во лаврата Каламон на реката Јордан. Се прослави како голем подвижник, молитвеник и чудотворец. Блажено се упокои во 625 година.

Свети Григориј, епископ Охридски
Благочестив учител и пастир на Христовото стадо. Се упокоил во 1012 година. Во натписот на црквата Света Софија во Охрид се нарекува Григориј премудриот.

Светите маченици Јулијан и Василиса
Обајцата од благородни и богати родители. Венчани во брак, се заветуваа да живеат девствено како брат и сестра. Им го раздадоа сиот свој имот на сиромашните, а самите стапија во монаштво. Јулијан основа машки, а Василиса женски манастир. Јулијан имаше десет илјади монаси, а Василиса илјада монахињи. Кога настана лутото мачење на христијаните под императорот Диоклецијан, Василиса Го молеше Бога нидена од нејзините монахињи да не се исплаши од маките и да не отстапи од православната вера. Господ ја услиши молитвата на Својата достојна слугинка и за шест месеци ги зеде кај Себе сите монахињи редум, па најпосле и нивната игуманија, самата Василиса. Пред смртта, Василиса имаше видение за своите сестри на оној свет: сите ѝ се јавија светли и радосни како ангели Божји и ја повикуваа својата духовна мајка да им дојде што побргу. Манастирот на Јулијан беше изгорен од мачителите, а самиот Јулијан го мачеа нечовечно и го убија во најтешки маки. Во маките го крепеше и бодреше Господ, па сè издржа јуначки, ја одржа верата и го прослави името Господово. Заедно со Јулијан беа убиени: синот и жената на мачителот Маркијан, Келасиј и Марионил, кои кога го видоа трпењето на маченикот и самите се обратија во Христовата вера, дваесет римски војници, седуммина браќа од она место, презвитерот Антониј и некој Анастасиј, кого Јулијан во времето на мачеништвото со молитва го воскресна од мртвите. Сите чесно пострадаа за Христа и станаа граѓани на небесното Царство околу 313 година.

Света Домника
Во времето на царот Теодосиј, дојде како некрстена од Картагена во Цариград, со уште четири девојки незнабожки. Патријархот Макариј ги крсти и им благослови да живеат како монахињи. Света Домника се предаде на подвиг со голема ревност и во таа ревност остана до смртта. Се упокои во Господа во длабока старост, околу 474 година. Имаше дар на прозирање на идните настани преку Светиот Дух, како и чудотоворна молитва.

Светиот свештеномаченик Картериј
Свети Картериј живеел во времето кога царувал императорот Диоклецијан. Тој бил свештеник и учител на христовата вера во Кесарија Кападокијска, во времето на управувањето на прокураторот Урван. Тој изградил храм Божји, собрал околу себе многубројна паства која ја поучувал да го почитува Христа со Отецот и Светиот Дух како Единствен вистинит Бог. Ревносниот служител Христов бил наклеветен пред прокураторот, и затоа се скрил. Но, Господ му се јавил и му рекол: „Картериј, оди и застани пред прокураторот, Јас ќе бидам со тебе. Ти претстои многу да пострадаш заради Моето име, но многумина преку тебе ќе поверуваат и ќе се спасат.“ Светителот се исполнил со голема радост, Му заблагодарил на Господа и го известил прокураторот каде живее, па го фатиле и го ставиле во затвор. Кога бил изведен пред прокураторот, му било наредено да принесе жртва пред Серапис (египетско божество што се почитувало и во Римската империја). Но, по молитвата на светителот, статуата на лажниот бог се срушила на земја. Тогаш, по заповед на прокураторот, 16 војници почнале да го бијат со палки исповедникот Христов, откако четворица од нив го легнале на земја. Потоа, мачителите го обесиле светиот Картериј на дрво и му ги извадиле ноктите на рацете и нозете, а телото му го растргнувале со железни куки. Но, на маченикот му се јавил Ангел Господов и му ги излекувал раните, па тој останал неповреден по тие тешки измачувања. Мачителот заповедал да го симнат од дрво, да му ги прободат стапалата со железни прачки и да му стават на градите вжештено железо и да го седнат на вжештена железна столица, а со прачките да му ги истегнуваат нозете. После тие тешки мачења, маченикот бил фрлен во затворот. Вечерта му се јавил Господ Исус Христос, го исцелил и го ослободил од веригите и го извел од затворот. Кога луѓето го виделе маченикот исцелен од сите тешки рани кои му биле нанесени, поверувале во Бога и почнале да се крстат, добивајќи истовремено исцелување од болестите од кои страдале. Мачителите повторно го фатиле Картериј и повторно го измачувале: на нозете му биле обесени тешки камења, бил биен со палки по стомакот, го гореле со оган и на раните му ставале сулфур и смола. Во устата му ставале стопено олово, а на главата вжештен шлем. На крај, го фрлиле во оган, но маченикот пеејќи благодарствени песни излегол неповреден од огнот. Тогаш еден евреин, кој присуствувал на мачењето, се разгневил и фрлил копје кон него, нанесувајќи му смртоносен удар во ребрата. Од раната на светиот маченик излегла голема количина вода, а потоа и крв и маченикот Христов Му ја предал на Бога својата света душа.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.


Видете следно

ПОВТОРНО СИЛЕН ЗЕМЈОТРЕС ВО ХРВАТСКА: Епицентарот близу Дубровик – се тресело тлото и во Босна и Херцеговина

Земјотрес со јачина од 4,3 степени според Рихтер е забележан синоќа, на границата на БИХ …