Изложба на Јана Јакимовска во Куманово

На 21 јануари 2021 во 12 часот во Изложбениот салон  на НУЦК “Трајко Прокопиев“ –  во Куманово ќе се отвори изложбата на небесни пејзажи со наслов „Небо“ на ликовната уметница Јана Јакимовска. На изложбата ќе бидат претставени 20 дела во техниката акрил на платно работени во последните 3 години.

Во текстот за изложбата, историчарката на уметност Ана Франговска ќе рече: „Најновиот циклус дела на Јакимовска се пејзажи кои во класификацијата на пејзажното сликарство може да се окарактеризираат како небесни пејзажи бидејќи на нив две третини од композициската целост е посветена на небесните предели… Јана Јакимовска со своите дела ни нуди ,прозорец’ за бегство од реалноста во која живееме, нè носи во една поубава, посветла, похумана реалност, која во вонредни услови има покрај своја егзалтирачка природа и концептуална димензија – да делува психо-терапевтски на конзументот на нејзините дела.“

Во рецензијата за изложбата, историчарката на уметност Ангела Витановска вели: „Со сѐ поголемиот замав што го зема дигитализацијата и присутноста на новите медиуми, резултат на времето во кое живееме, се чини како уметниците во одредена мера да ги ,подзабораваат’, да го губат допирот, релацијата со покласичните форми и медиуми на изразување во доменот на сликарството, скулптурата и цртежот. Но, Јана Јакимовска е авторка која и покрај тоа што се занимава со концептуална уметност, главно насочена кон дигитални и фотоманипулации, во овој нејзин најнов циклус дела, преку својата четка и сликарското платно нѐ однесе на едно ,патување’ од Скопје преку Струмица и Охрид во светските гиганти Токио и Њујорк, за повторно да нѐ врати назад во Скопје, укажувајќи ни дека просторно и временски каде и да сме, тоа е она исто небо што истовремено е ОВДЕ и СЕГА, за сите исто и единствено, поради што и оваа изложба може да се сфати и како симбол за нашата, условно кажано – ,просторна ограниченост’, но истовремено и… ,бескрајна безграничност’.“

Јана Јакимовска е вонреден професор на Ликовната академија на Универзитетот Гоце Делчев во Штип. До сега има реализирано 18 самостојни и преку 80 групни изложби во земјата и во странство, а во последно време се занимава со мурално сликарство.

 

 

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.


Видете следно

Во издание на „Македоника литера“ ОБЈАВЕНА КНИГАТА „АЛБАНСКИОТ ПРОБЛЕМ ВО ЈУГОСЛАВИЈА ПО ТИТО“ НА БУГАРСКАТА ИСТОРИЧАРКА МАРИЈАНА СТАМОВА

„Македоника литера“ ја објави книгата „Албанскиот проблем во Југославија по Тито (1980 – 1990)“ од …