Денеска се слави Преподобна Меланија Римјанка: Заштитничка на сите кои животот ги става пред тешки одлуки и искушенија

Денеска е Преподобна Меланија Римјанка
Родена е во Рим од благочестиви и многу имотни родители. Родителите ја присилија да стапи во брак со некој угледен млад човек по име Апинијан. Кога го роди второто дете, таа се разболе и му рече на мажот ѝ дека ќе може да оздрави само ако тој се заколне пред Бога дека во иднина ќе живее со неа како брат со сестра. Мажот ѝ се заколна, а таа од духовна радост и телесно оздраве. Потоа Му беше угодно на Бога па им ги зеде двете деца, а тие се решија да го распродадат сиот свој имот и да им го раздадат на сиромасите, на црквите и на манастирите. Многу патуваа по странските земји и градови вршејќи добри дела од своето богатство. Ги посетија прочуените духовници во Горен и Долен Мисир и од нив многу се научија и се вдахновија. За сето време Меланија се подвизуваше во строг пост, срдечна молитва и читање на Светото Писмо. Имаше обичај секоја година трипати да го прочита целото Свето Писмо, Стариот и Новиот Завет. Со мажот ѝ живееше како со свој брат и соподвижник. Кога дојдоа во Александрија, зедоа благослов од светиот патријарх Кирил. Потоа заминаа за Јерусалим и се населија на гората Елеонска. Овде Меланија се затвори и целата се предаде на богомислие, пост и молитва. И така проживеа четиринаесет години. Потоа излезе да им послужи на другите на патот кон спасението. Основа машки и женски манастир. На покана од својот роднина сенаторот Волусијан, незнабожец, појде во Цариград и го обрати него во верата Христова (иако претходно блажениот Августин не успеа во тоа). Потоа, повторно се врати на Елеонската гора и таму се упокои во Господа, во 439 година, во педесет и седмата година од нејзиниот живот.

Блажениот Теофилакт, архиепископ Охридски
Тој е роден на островот Евија, а воспитан е во Цариград, кај најпрочуените учители на тоа време. Како клирик на Великата Црква, против неговата волја го избраа за епископ и го испратија во Охрид, каде што помина околу дваесет и пет години (отприлика од 1082 до 1108 година). Хоматијан Охридски го нарекува „најмудриот епископ“. Човек со огромно образование, светско и богословско, со префинет византиски вкус, меланхоличен и чувствителен. Меѓу Словените на Балканот Теофилакт се чувствувал како прогонет меѓу варвари. Напишал толкувања на сите четири Евангелија и на другите книги на Новиот Завет. Тие се најдобро дело од тој вид после оние на свети Јован Златоуст, па денес се мошне скапоцени и корисни. Од останатите негови дела уште се познати „Писмата“ и „Житието на Свети Климент Охридски“. На старост Теофилакт се повлече од Охрид во Солун, каде, како што се мисли, го завршил животот и преминал во блажената вечност.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.


Видете следно

Денес е спомен на Светиот пророк Малахија: Говорел со ангелот и пророкувал!

Според православниот, односно јулијанскиот календар денеска е 3-ти јануари. На овој ден православните христијани ги …