„Фолксваген“ ќе повлече 56.000 модели на „Голф“ со цел да ги реши софтверските проблеми што влијаат на инфо-забавниот систем и камерата за возење наназад, соопштија денеска од компанијата.
Поправката се однесува на најновите модели на осмата генерација на VW Golf, произведени до јули 2020 година.
Германската компанија наведува и дека отповикувањето не било задолжително, но дека станува збор за „мерка за доброволен сервис“.
VW мораше да го одложи лансирањето на својот најнов модел поради различните проблеми со софтверот минатата година. Германскиот производител ги опреми „осумките“ со нови технологии, како што е целосно дигитален кокпит, со цел автомобилот да биде привлечен бидејќи се’ повеќе клиенти преминуваат на кросовери или премиум хечбек модели.
Но, оваа напредна технологија предизвикала технички грешки. VW исто така се соочил со проблеми со софтвер при лансирање на својот ID.3 целосно електричен хечбек.
VW Golf беше најпродаваниот автомобил во Европа во првите 11 месеци од 2020 година, со 252.138 примероци, што е пад од 33%, според JATO Dynamics агенцијата.
Фото:Volkswagen