Франческа Џонс, 20-годишна британска тенисерка, го направи едно од најголемите изненадувања на почетокот на квалификациите за Австралија опен. Таа ја победи Романката Моника Никулеску со 6-3, 6-2.
Џонс е родена со ектодермална дисплазија со по четири прсти на рацете и седум прсти на двете нозе.
„Јас играм тенис со различни карти од другите, но тоа не значи дека не можам да победувам со тие карти“, рекла Џонс пред пресметката со Никулеску во Доха, каде поради пандемијата на коронавирусот се играат квалификации за првиот грен слем во годината.
„Мислам дека мојата најголема предност е главата бидејќи минав низ секакви ситуации и многу операции во мојот живот. Многу луѓе на мое место тоа не би го гледале како предност, но гледам и чувствувам дека сум посилна поради сето тоа. Јас сум чекор напред затоа што сум болна. Научив да бидам независна и научив многу за себе и за животот“.
View this post on Instagram
Во конкуренција до 14 години, таа беше четврта играчка во светот во еден момент, но после тоа имаше низа операции што ја забавија нејзината кариера. Британската федерација двапати и даде покана за квалификации на Вимблдон. И во двата пати таа беше запрена во првиот круг.
Минатата година тенисерката од Лидс стигна до 241. место на ВТА ранг-листата и со тоа избори пласман во квалификациите на Австралија опен, каде во второто коло ќе игра против хрватската тенисерка Џејн Фет, 209-та играчка во светот.