(ФОТО Галерија) 5. посни баклави кои можеби ќе ви се допаднат за вашите прослави!

Сите ние имаме свој испробан рецепт за баклава, особено за слава, но понекогаш е добро и’ нешто да се промени.

Секоја посна баклава може да биде мрсна ако наместо маргарин ставиме путер па овие рецепти можете да ги користите и за други пригоди освен за посни слави…

1.Посна редена чоколадна баклава
Состојки:
500 г кори за баклава
200 г крупно мелени ореви
300 г посно чоколадо
150 г посни бисквити
250 г маргарин
лимон
Шербет:
800 г шеќер
600 мл вода
1 кесичка ванилин шеќер
Подготовка: плехот за печење намрсете го, ставајте кори (не ги мачкајте или прскајте со ништо). На третата кора изрендајте 3 реда чоколадо, на следната изрендајте 3 бисквити и малку коричка од лимон, на следната ставете 3 лажици ореви. Една до две кори одат празни па повторете ја постапката, додека не ги потрошите корите и состојките.
На крај баклавата исечете ја на ромбови или коцки и полијте со истопениот маргарин.
Печете на умерена температура .
За тоа време подгответе го шербетот. Ставете ги водата, шеќерот и ванилата да зовријат, па варете 5 минути.
Кога баклавата ќе биде испечена полијте ја со топлиот шербет – топол шербет на топла баклава. Оставете до наредниот ден.
Потоа истопете чоколадо и полијте ги коцките баклава.
Совет: пред подготовка избројте ги корите па поделете го бројот за да знаете по колку од филот би одело на една кора.

2.Баклава со ореви и суви сливи
Потребно е:
500 г кори за баклава
500 г мелени ореви
400 г суви сливи
250 г маргарин
750 г шеќер
вода
сок од половина лимон
Подготовка: сувите сливи натопете ги во топла вода да омекнат, исчистете од семките (ако не користите без семки) и исечкајте ги што поситно можете. Тава (35х23 см) покријте со две кори и наросете со ореви, потоа редете по една кора и секоја наросувајте ја со малку ореви и така додека не ги потрошите сите кори. На средина на редењето ставете ги исцедените суви сливи, тука не ставајте ореви.
Кога сте ја наредиле баклавата внимателно исечете ја на коцки и полијте со истопениот маргарин. Баклавата печете ја на 200 степени додека не добие црвена боја, а потоа намалете ја температурата на 110 степени и оставете да се суши околу 90. минути.
Шербет: во соодветен сад ставете го шеќерот и додајте вода да биде 1,5 сантиметар над шербетот. Оставете шербетот да се вари половина час и на крај кога садот ќе го тргнете од рингла додајте сок од половина лимон.
Важно: врелиот шербет полијте го преку врелата баклава и веднаш покријте со друга тава и секои 5 минути тепсијата со која сте ја покриле баклавата бришете ја од капките вода. Ова е потребно да се прави 45. минути додека баклавата не се излади. Ако се придржувате кон ова правило баклавата ќе свети како стакло.

3. Дивит баклава
Потребно е;
500 г тенки кори
600 г ореви
200 г маргарин
100 г шеќер
Шербет:
500 г шеќер
450 мл вода
3 кришки лимон

Подготовка: помал правоаголен плех намачкајте со маргарин. Корите одвиткајте ги. Земете кора, намачкајте со истопен маргарин, ставете втора кора и неа намачкајте ја со маргарин и потоа обилно наросете со мелени ореви во кои сте додале 100 г шеќер.
Стапче за ражњич ставете пред себе на кората и виткајте по подолгата страна на кората. Кога сте завиткале ролат, турнете ја кората низ стапчето за да може да ја собере во тавата.
Истото направете го и со останатите кори. Оваа баклава е најдобро да се прави навечер, оставете ја во малку отворена рерна да се исуши до наредниот ден. Тогаш исечете ја баклавата на парчиња со сакана должина, намачкајте со маргарин и печете на 190 степени околу 10 минути,односно додека не поцрвени а потоа намалете на 160 степени и печете уште околу 20. минути.
Шербетот оставете го да зоврие и варете 10- инна минути до сакана густина. Шербетот за сите баклави треба да биде малку погуст за да баклавата не биде премногу мека.
Ако мислите дека ова е малку шербет направете двојна доза.
Млаката баклава полијте ја со врел шербет.

4. Баклава со лешници
Оваа баклава е дело на скопјанка која под името fragarija рецептот го има објавено на
сајтот на кулинарика.
Потребно е:
500 г кори за баклава
125 г маргарин
125 г масло
300 г мелени лешници
Шербет:
700 г шеќер
500 мл вода
1 кесичка ванилин шеќер
Плус:
посно чоколадо
цели лешници
Подготовка: истопете го маргаринот и измешајте со маслото. Корите се сечат на половина. Секоја половина кора со четка се мачка со смесата од маргарин и масло, потоа се преклопува. На почетокот на кората се става 1 полна лажица мелени лешници и се витка во ролат, а потоа во полжав.

Така се постапува со сите корички. Така подготвените полжави се редат во тава намачкана со масло. Ставете во рерна загреана на 200 степени и печете околу 25. минути, потоа намалете на 150 степени и печете уште 25 минути додека не добиете боја на старо злато.
Додека се пече баклавата подгответе го шербетот кој се вари само 5 минути откако ќе зоврие и се остава да се излади.
Кога баклавата ќе биде печена уште врела полијте ја со ладниот шербет. Плехот повторно се враќа во рерна, но со малку отворена „врата“ и се остава да се впие шербетот (до другиот ден).

Кога баклавата ќе биде изладена на секој полжав ставајте малку истопено чоколадо и цел лешник.

5. Бул бул баклава
Потребно е.
500 г кори за баклава
400 г мелени ореви
120 г маргарин
малку масло
Шербет:
700 г шеќер
вода
Плус:50 г мелени ф’стаци или мелени ореви
Подготовка: шеќерот истурете го во средно голем сад и додајте вода да биде 2 прста над работ на шеќерот и варете на силна температура околу 15. минути.

Маргаринот истопете го со малку масло.
Сомелете ги оревите и додајте 4 лажици шеќер и измешајте.
Корите исечете ги на 4 дела, да добиете 4 правоаголници.
Два правоаголници покријте со влажна крпа или прозирна фолија за да не се исушат. Останатите два, 1/3, намачкајте со маргаринот. Потоа додајте ореви. На почетокот на кората ставете потенко стапче (може за ражњичи), завиткајте до крај. Потоа од двете страни кората туркајте ја кон средината да се набере. Исечете на два еднакви дела. потоа внимателно составете ги краевите да добиете така наречено гнездо. Подготвените гнезда ставајте ги во намрсена тава со обем од 38 сантиметри.Почнете од
средина, а потоа во круг.

Подготвените гнезда ставете ги во рерна загреана на 170 степени и печете 10. минути, потоа намалете ја температурата на 140 степени и печете додека убаво не поцрвени. Се зависи од рерната. Оваа баклава е тенка и не и треба многу време за печење.
Врелата баклава залијте ја со млак шербет и оставете да се излади. Потоа украсете со ф’стаци или мелени ореви.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.


Видете следно

(ВИДЕО) Полицијата упаднала на илегална трка и пресретнала 45. егзотични возила

Во Хонг Конг нема шеги со силите на редот. По најавата за подготовка на друга …