(Аудио) НАШЕ А СВЕТСКО – Анонимна за Македонија, ѕвезда за светот: 20-годишната Андреа со мега хитот „I Know” го освојува светот

Кога светот ќе се врати во нормала и ќе почнеме повторно да патуваме, можеби ќе има една мала промена за Македонците. На едно од следните патувања, кога ќе отидете во шопинг, голема е веројатноста во позадина да слушнете звуци на модерна македонска поп музика. Андреа, 20-годишна пејачка од Скопје, уште во првите недели од излегувањето на нејзиниот деби сингл „I Know”, тивко го разбранува музичкиот свет на интернационално ниво, постигнувајќи успех за неверојатно кратко време како ниту еден друг македонски пејач досега. Нејзината песна може да се слушне на радио во над 600.000 продавници низ светот.

По само две недели од излегувањето песната е пуштана на радио станици во повеќе од 15 земји, вклучувајќи ги САД, Велика Британија, Канада, Холандија, Германија, Италија, Швајцарија, Норвешка, Грција, Мексико, Сингапур, Аргентина, Чиле и Јужна Африка. Дебитантската песна на Андреа ќе биде емитувана и во шоуто Winkelwagen во Ротердам, но и пренесувана на повеќе од 100 станици во 5 држави.

Со над 300.000 прегледи на YouTube, за само еден месец од објавувањето „I Know” стана најпрегледувано ново поп музичко видео во земјава (иако трап, хип-хоп и турбофолк музиката владеат кај нас).  Tik Tok регистрира фантастични над 4 милиони прегледи на видеа во кои е искористена песната. Во Софија „I Know” е меѓу највртените песни на едни од најголемите бугарски поп радиа, Radio Fresh и FM Plus, што придонесе оваа песна да се вброи меѓу најпребаруваните песни на Shazam во Бугарија.

Нејзината песна „I Know” е љубовна песна која трепери од возбуда од моментална привлечност… „Како што се развива транзицијата од бавен и суптилен почеток, „I Know” се отвара како птица која ги шири своите крилја, drum&bass перкусии и отсечни сајзерски тонови, како и acid сајзерски тонови кои ја доведуваат траката до момент на креирање на возвишена енергија која ја чувствуваме во оние моменти кога едноставно се вљубуваме”, пишува во рецензијата објавена од престижен музички блог од Лондон.

Токму нејзиниот исклучителен вокал е причина за договор за соработка со Александар Масевски, наш истакнат продуцент и композитор. Тој го поминал поголемиот дел од својата кариера работејќи во Амстердам за издавачки куќи како Sony, Columbia, Warner, Quest, Epic, ID&T, Arcade. Прави музика за светски пазар, како на пример, Холандија, Америка, Белгија, Германија, Словенија, Македонија, Тајван, Филипини и др. Според него Андреа е еден од најспецифичните и најмоќните вокали кои тој ги има слушнато до сега.

Андреа ќе издаде нова песна, „I Don’t Know Your Name”, на 15 Декември. Оваа песна ќе ги истакне нејзините моќни вокални способности. Во видео записот ќе учествува најнадежната млада македонска балерина, Стефанија Гаштарска, која танцува на светски познатата „Болшој Балетска Академија”. Новата песна на Андреа ќе може да ја слушнете на сите музички платформи, и локално на Метрополис Радио.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

(ФОТО) Твоето лудо срце: Потресна порака на синот на Ѓорѓе Марјановиќ

Легендата на југословенската поп музика, Ѓорѓе Марјановиќ, почина на 89-годишна возраст, на 15. мај оваа …