Во издание на „Македоника литера“ објавен романот „Теорија на чудноста“ на чешката писателка Павла Хоракова

„Македоника литера“ неодамна го објави романот „Теорија на чудноста“ на чешката писателка Павла Хоракова. Преводот е на Даниела Роус Мишевска и Донка Роус, а романот е награден со највисоката книжевна награда во Чешка „Магнезија литера“ за најдобра проза во 2019 година.

Романот претставува брилијантно прикажана потрага по длабокото значење на животот. Опишани се неколку месеци од животот на Ада Сабова, нестереотипна, млада, урбана интелектуалка, која се обидува да ги балансира приватниот живот и кариерата. Разочарана од врските, од предвидливиот модел на својот живот, а најмногу од својата работа во Институтот за интердисциплинарни студии за човекот, таа наоѓа забава во забележувањето на ситни, очигледно случајни и невообичаени детали околу неа, пред да сфати дека тие навистина следат одредени обрасци, што резултира со нешто што таа приватно го нарекува „теорија за чудноста“. Зголемената опсесија на Ада со потрагата по исчезнатиот син на колешката ја турка на нов пат: и нејзиниот уреден, предвидлив живот одеднаш ќе добие сосема неочекуван пресврт.

Книгата се чита и како љубовна приказна со загатка, но истовремено и како расудување за смислата на суштествувањето, карактерот на времето, историјата на Централна Европа, за туѓите влијанија кои Ада ги забележува околу себе, а кои со карактеристичниот хумор, саркастична перцепција и мистичност, се обидува да ги обедини во „теоријата на чудноста“. За сите овие феномени, таа бара сеопфатна дефиниција во својата „теорија за чудноста“ и открива дека не може да ги сфати бесконечните сложености на светот со чиста причина. И додека општеството околу неа сè повеќе се приврзува кон празните правила, Ада ги напушта своите структури една по една и тргнува кон слободата.

Романот „Теоријата на чудноста“ е оценет како дело на голем литературен талент во комбинација со брилијантен интелект и со т.н. женска мистика. Магазинот „Ехо“ го нарече најпаметното дело на чешката проза на деценијата. „Теоријата на чудноста“ е „софис­ти­цирана и смела, внимателно структурирана, чудно примамлива потрага по душата “. Тече како едноставна детективска приказна и постепено открива сè повеќе слоеви, истражувајќи ја состојбата на современиот свет.

Павла Хоракова (1974) е чешка писателка, литературен преведувач и радиски новинар. Нејзини објавени прозни дела се: детективска трилогија за млади (2010, 2011, 2012), новелата „Јохана“ (коавтор со Алена Шеиностова и Зузана Досталова, 2018), а во 2018 година го објави својот прв роман за возрасни „Теорија на чудноста“. Таа има преведено над 20 книги од англиски и од српски јазик и е добитник на две награди за превод.

 

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.


Видете следно

Во петок во НОБ – Гала оперски концерт и „Болеро“ – Морис Равел

На 22.1.2021 поради големиот интерес повторно на репертоарот на Националната опера и балет ќе се …