Дебата на тема „Кинодистрибуцијата во време на пандемија – проблеми и предизвици“ на CINEIndustry Film Market

Предизвиците со кои се соочуваат кинодистрибутерите и киноприкажувачите во земјава ќе бидат во фокус на дебатата што денеска во 11 часот ќе се организира во Џебното кино на Младинскиот културен центар. Настанот е во рамките на CINEIndustry филмскиот маркет што го организира Асоцијацијата на филмските дистрибутери на Македонија од 25 до 30 ноември.

На дебатата ќе учествуваат: Маргарита Арсова (Младински културен центар), Игор Мраков (Cineplexx MK), Јулијана Кузмановска (MCF MKD) и Огнен Антов, продуцент (Dream Factory). Модератор ќе биде Сребра Ѓорѓијевска.

Арсова е координатор за меѓународни проекти во МКЦ од 2010 година. Таа е фестивалски координатор на фестивалот „Синедејс“.

Игор Мраков е маркетинг и менаџер за продажба во „Cineplexx Macedonia“.

Огнен Антов е продуцент на документарни филмови (Шнајдерките, Тутуноберачката), потоа играниот „Џган“, како и детскиот игран „Стела“, чија премиера се случи токму годинава.

Јулијана Кузмановска е главен менаџер за дистрибуција во дистрибутерската компанија „МЦФ-МКД“ од Скопје.

Дебатата ќе може да се проследи на интернет-страницата на АФИДИ (afidi.org/cineindustry), како и на фејсбук-профилот CINEIndustry Film Market.

Во услови кога целата филмска индустрија е во криза поради ситуацијата со Ковид-19, овој настан е важен зашто ќе придонесе на едно место да се слушнат мислењата за различните елементи што ја сочинуваат дистрибуцијата, нешто што речиси не се дискутира во изминатите неколку месеци. Се надеваме дека дискусијата ќе биде првиот чекор за конструктивни решенија за иднината на дистрибуцијата во земјава.

На првиот ден на маркетот, вчера продуцентот Атанас Георгиев се осврна на успешната дистрибуција на документарецот „Медена земја“, кој е најуспешниот документарен филм во историјата на македонската кинемаграфија. Тој освои две номинации за Оскар –  за најдобар документарен филм и за странски филм.

Тој одржа мастер-клас што предизвика внимание и прашања. „Верувајте во себе и не се откажувајте“ – им порача тој на своите помлади колеги-продуценти. Георгиев низ примери укажа како се развива интересот на светот за документаристиката, но и за огромниот скок што „Медена земја“ го направи на светско ниво и погледот што го смени за овој жанр, воопшто.

Поради пандемијата, „Медена земја“ не можеше да се дистрибуира во Франција, Италија и во други планирани земји. Филмот имаше огромен успех со дистрибуцијата во САД.

Георгиев, кој во моментов работи на документарниот филм посветен на Ковид-19, кој се снимаше во Вухан, е скептик за блиската иднина на кинодистрибуцијата и киноприкажувањето во светот во наредната година.

-Ова е дефинитивно крај на ерата на кината, која не очекувам да се подобри ниту во 2021 година. Во последните години се прикажуваа сѐ повеќе документарни филмови во киносалите. Индустријата тоа го забележа и почна да инвестира во тоа. Кога станува збор за маркетинг, Американците не штедат. Тие потрошија двојно повеќе за да го донесат филмот до Оскарите. Ќе ги закупат сите билборди, реклами, сите маркетиншки алатки ги користат. За нив е многу важно режисерите да ги однесат на прва проекција во градот каде што ќе се прикажува филмот – вели Георгиев.

Утре во 14 часот ќе следува презентација на Меѓународната федерација на асоцијации на филмски дистрибутери, што ќе ја одржи Алина Попеску, генерален секретар на ФИАД. Попеску ќе одржи онлајн-презентација за работата на ФИАД и предизвиците на дистрибутерите во Европа во овие предизвикувачки времиња и планираните стратегии и мерки за помош на филмската индустрија.

На 28 ноември во 12 часот ќе се одржи предавање на тема „Сè што сакавте да знаете за онлајн-дистрибуцијата, но никогаш не сте се осмелиле да прашате“. Ќе зборува Саша Станишиќ, режисер и главен координатор на Cinesquare.net, единствената македонска Video on Demand (VoD) платформа. На 29 и 30 ноември ќе се одржат пичинг-сесии на наши филмски режисери и продуценти со одобрени проекти, кои ќе имаат прилика да разговараат со филмски агенти за продажба.

CINEIndustry се реализира со поддршка на Министерството за култура.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.


Видете следно

Во петок во НОБ – Гала оперски концерт и „Болеро“ – Морис Равел

На 22.1.2021 поради големиот интерес повторно на репертоарот на Националната опера и балет ќе се …