Во издание на „МАКЕДОНИКА ЛИТЕРА“ објавена серија од пет книги на најпродаваниот кинески писател за деца и млади – Шен Шиси

„Македоника литера“ деновиве објави серија од пет книги за деца и млади од Шен Шиси, најпродаваниот кинески писател за деца и млади и еден од најпродаваните современи писатели во светот. Петте книги: „Непослушната мајмунка“, „Последниот слон воин“, „Крвавооката мечка“, „Волчицата невеста“ и „Горалите скокачи“ ги содржат најпопуларните и најуспешните новели на овој автор. Шен Шиси пишува за животните и во Кина е познат како „кралот на приказните за животни“. Во новелите на Шиси се возвишува филозофијата на животот. Животинскиот свет е ист како човечкиот. Љубовта и омразата, тагите и радостите, раздвојувањата и обединувањата во животинскиот свет, преку имагинацијата на писателот, ја отсликуваат човечката природа.

„Македоника литера“ оваа серија ја објавува во копродукција со издавачот „Делфин книги“ од Пекинг, Народна Република Кина, со кого веќе заеднички објавија и 13 тома од серијата „Најдобрата кинеска литература за деца“.

Преводите на оваа серија се на Елена Саздовска, Анета Пауновска, Сибел Ајдинова и Славчо Пеев.

Шен Шиси е роден во 1952 година, во Шангај, Кина. Со пишување започнал во 1980-тите години. Автор е на повеќе од 40 книги со приказни за деца и млади. Во своите дела тој пишува за хармоничната врска меѓу човекот и природата, а неговите искрени, реалистични и трогателни приказни за животните. Поточно, тој го опишува суровиот и непредвидлив живот на животните и затоа неговите книги се подеднакво популарни и кај возрасните читатели.

Само во Кина делата на Шен Шиси се продадени во повеќе од 60 милиони примероци.

Добитник е на многу награди за литература за деца, меѓу кои Наградата на Здружението на писателите на Кина за извонредни дела во литературата за деца, добиена во три последователни години, наградата Кинеска книга, Награда за нови дела за литература за деца Бингсин и Награда за литература за деца на Тајван Јанг Хуан.

Многу од делата на Шен се вклучени во кинеските учебници за основното и средното образование.

Негови дела се преведени на повеќе јазици и има висока популарност на глобално ниво.

Неговиот прв роман за животни „Долината на слоновите“ е објавен во 1980 година. Неговото дело „Последниот воен слон“ е исто така адаптирано во сценска претстава.

До декември 2019 година, според проекцијата на пазарот на OpenBook, книгите за животни на Шен Шиси се продадени во над 60 милиони примероци веднаш по објавувањето на секое дело, од кои бестселерот „Сонувајќи да се биде крал на волците“ е продадено во близу 15 милиони примероци. „Сонувајќи да се биде крал на волците“, исто така, се најде на првото место во најпродаваната оригинална литература за деца во 2018 година. Покрај тоа, продажбата на пазарот на „Седмиот загар“, „Последниот слон воин“ и „Горалите скокачи“ надмина над четири милиони примероци по книга.

Шен Шиси имал нераскинлива врска со животните уште пред неговата писателска кариера. На 16-годишна возраст, во 1968 година, во време кога многу млади луѓе од кинеските градови биле испраќани во оддалечените рурални области, Шен побарал да замине во Сишуангбана, тропски регион во провинцијата Јунан во југозападна Кина. Тој живеел на границата на Јунан 18 години. Работел како работник во хидроцентрала и учител во планинско село, акумулирајќи искуство во оваа област. Единствената причина што Шен Шиси го избрал Јунан е тоа што имал слушано за многуте различни животни таму и можел да има куче за лов. Кога пристигнал таму, тој не само што добил куче, туку отишол да живее во куќа на ловџија, кој се однесувал спрема него како син и го водел на лов низ целата Сишуангбана. Во повеќето негови дела за животни се присутни ликот на локалниот ловец и пределите на Сишуангбана. Уникатниот пејзаж во Сишуангбана, му дал на Шен обилен простор за создавање, како и материјал за оригинален вкус на животот во шумата. Опасноста за животните од нивните непријатели, борбата меѓу видовите, недостигот од храна и суровата страна на ловот од луѓето се тематските пунктови за кои Шен Шиси отворено пишува.

Пред неколку месеци „Македоника литера“ објави две ремек-дела“ на Шиси – „Мајката чакал Скарфејс“ (роман) и „Лисицата трговец“ (новели и раскази).

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.


Видете следно

„Антолог” најавувa  – „НЕВИДЛИВИ ЉУБОВИ” ОД ВЛАДИМИР ЈАНКОВСКИ ОБЈАВЕНА НА СРПСКИ ЈАЗИК

Ве известуваме дека неодамна издавачката куќа „Граѓански форум” го објави српскиот превод на романот „Невидливи љубови” од Владимир …