Самостојна изложба на Кристина Зимбакова: “Светилиште”

Светилиште“. Акрил, габи и лишаи (Terana caerulea, Tulostoma sp., Steccherinum ochraceum, Peniphora incarnata, Lobaria pulmonaria и шест неодредени вида) на рачно изработена хартија од габи; 37 x 37,5 cm; 2020.

САМОСТОЈНА ИЗЛОЖБА
6 ноем. – 2 дек. 2020 г.
Галерија „Расклон“, Родопи
Бугарија
Ликовната изложба се одржува на отворено, во експериментална стаклена витрина – Галерија „Расклон“, во источните предели на планината Родопи во Бугарија. Поставена е на крстосница од шумски пат помеѓу планинските села Царино, Чорбаџиско  и Валчанка, на 500 мнв во близина на грчката граница. Настанот е во организација на холандско-бугарската уметничка Фондација „Царино“ (Stichting Tsarino). 
Поставката ја сочинуваат четири симболични слики во комбинирана техника на хартија од габи, рачно изработена од авторката. Изложените дела – Распната спила, Подјармено дрво, Светилиште и Се к’ти ноќта црна, се создадени конкретно за локалитетот во периодот 2019-2020 год., а се поставени зависно од позицијата на сонцето. Габите и лишаите се најзастапено изразно средство, применети при цртање фигури или создавање мозаик, покрај акрилот, пастелот и јагленот. Видовите, од кои некои се ретки или ендемични, се собрани при лични теренски истражувања по планините низ Македонија, во соработка со биолози.

Кристина Зимбакова (1975) негува интердисциплинарен приод кон уметноста, па во нејзиното творештво се испреплетени сликарството, поезијата и природните науки. Иако нејзините дела се главно фигуративни и со лирски призвук, преку вметнувањето габи и лишаи се стреми да ја поттикне и свеста за зачувување на овие фасцинантни, прастари, но често занемарени организми иако се клучни за животот на нашата планета. Изложувала во Македонија, Европа и САД, а нејзини позначајни самостојни изложби се следниве: на врвот Сечена скала (1.740 мнв) од планината Беласица на македонско-грчката граница (2019); Факултетот за уметност при Универзитетот „Алстер“. Белфаст, С. Ирска (2017); Научниот собир на Европскиот совет за зачувување на габите, Охрид (2017). 

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

НУЦК „Марко Цепенков“ – Прилеп: Концерт на Женскиот младински хор при МКЦ – Скопје

На 26 јуни 2021 /сабота/ од 20 ч. во фоајето на ЦК „Марко Цепенков“ концерт …