„АНА” ОД НИКОЛО АМАНИТИ ДОБИТНИК НА НАГРАДАТА „BOOKSTAR 2020″

Организацискиот тим на Фестивалот на европската книжевност „BookStar” со големо задоволство го најавува онлајн-гостувањето на моментално еден од најактуелните италијански автори – Николо Аманити, кому оваа година ќе му биде доделена наградата „BookStar” за најчитана книга помеѓу две изданија на Фестивалот. В понеделник (26 октомври) со почеток во 19 часот во Кинотека на Северна Македонија ќе биде промовиран неговиот роман Ана, издание на „Антолог”, кој на македонски јазик го приопшти Калина Јанева. Романот беше најпродаваниот наслов на Првиот е-саем на книги во организација на „Антолог”, кој се одвиваше во април и мај оваа година, а е објавен со поддршка на програмата Креативна Европа на Европската Унија. Разговорот со авторот ќе го води книжевничката и универзитетска професорка Анастасија Ѓурчинова.

 

Главниот лик во романот, девојчето Ана, нејзиниот брат и други деца шетаат низ Сицилија, јадат слатки и конзервирана храна, борејќи се да преживеат. Храната и водата стануваат луксуз. Пожари беснеат низ целата земја. Пред четири години опасен вирус од Брисел ја заразил целата планета и го убил целото возрасно население! Останале само деца.

Организирани како детски орди, изгубените и оставени мали жители изгледаат како да ја започнуваат цивилизацијата од нула.

Поминувајќи низ низа авантури и опасности, спознавајќи ги љубовта и пријателството, Ана расте и созрева. Пред да умре, мајка им ги предупредува дека, кога ќе достигнат одредена зрелост, вирусот ќе ги убие и нив. Но им кажува и дека некој, некаде, ќе има лек!

Во овој извонреден дистописки роман, Аманити фрла остра критика на корпоративниот глобализам што владее со светот и го потсетува човештвото дека наскоро ќе исчезне ако се остави на ова и не се спротивстави.

Иако оригинално објавен пред 5 години, романот е неверојатно актуелен во моментов, пред сè поради тематиката што ја обработува, но и поради серијата снимена според него што наскоро ќе почне да се прикажува.

 

Николо Аманити (роден 1966) е италијански писател. Студирал биологија. Автор е на неколку романи и збирки раскази. Добитник е на највисоките книжевни награди во Италија – „Вијареџо” и „Стрега”. Голем дел од неговите книги се филмувани од режисери како Габриеле Салваторес и Бернардо Бертолучи. Во 2014 година и Аманити се испробува како филмски режисер.

 

Настанот ќе биде организиран во согласност со протоколите за организирање настани во затворен простор. Бројот на посетители е намален, носењето маски е задолжително за време на целиот настан. Гостите се замолуваат да дојдат 15 минути пред почетокот на настанот.

Со овој настан Фестивалот „BookStar” ги заокружува гостувањата на странски автори, а до крајот на неделата следуваат уште промоциите на две книги од домашни автори – поетската збирка Белиот шепот од Лидија Давидовска (во Скопје) и романот Виенски гамбит од Анде Јанков (во Велес).

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Пламенка Трајковска – гудачки квартет на 2 и 4 декември со концерти за деца „Магичен квартет“

Пламенка Трајковска – гудачки квартет ќе реализира концерти за деца со наслов Магичен квартет на …