ТРИ ДЕНА ЕВРОПСКА И МАКЕДОНСКА ЛИТЕРАТУРА НА „BOOKSTAR” ВО КИНОТЕКА

Издавачката куќа „Антолог” од Скопје со огромно задоволство најавува нови три книжевни вечери во рамките на шестото издание на Фестивалот на европската литература „BookStar” / „Книжевни ѕвезди”, кои ќе се држат од 19 до 21 октомври 2020 година во Кинотека на Северна Македонија. Под слоганот BOOKSTAR-20 vs. COVID-19, Фестивалот преку овие настани ќе се обиде да ја зачува познатата традиција на доближување на европските вредности до македонската публика преку литературата.

„Сакавме и годинава на читателите да им овозможиме средба со омилените автори, па затоа оваа недела во Кинотека најавуваме богата фестивалска програмата со промоција на најновото издание на еден од нашите најценети домашни автори, книжевна дискусија тематизирана од слоганот на фестивалот и проекција на онлајн-разговори со значајни европски автори, чие физичко присуство на Фестивалот за жал не успеавме да го реализираме поради актуелната состојба и забраните за патување”, велат организаторите на Фестивалот.

Во прилог следува целата фестивалска програма што ќе се случува во Кинотека.

 19 октомври

Вечерва со почеток во 17:30 часот ќе биде претставена првата странска гостинка на годинашното издание на Фестивалот, поетесата Јоланда Кастањо од Галиција, Шпанија, која на македонската публика ѝ е позната како учесничка на Струшките вечери на поезијата. Македонските поети и книжевни преведувачи Никола Маџиров и Никола Ѓелинченски ќе разговараат со неа за нејзината поезија, нејзината збирка песни Состојба на разговор, издание на „Антолог”, како и за предизвиците да се пишува и да се препејува поезија.

По неа ќе биде претставена мегапопуларната авторка Софија Лундберј од Шведска, која ќе зборува за своето творештво, предизвиците во пишувањето за време на пандемија, како и за своите два прекрасни љубовни романи Црвениот адресар и Прашалникот е половина срце, кои се објавени на македонски исто така во издание на „Антолог.

Двете промоции ќе се одвиваат онлајн, а ќе бидат проектирани пред публиката во Кинотека.

 20 октомври

Следната вечер исто така ќе започне со поезија, а Никола Маџиров овој пат ќе разговара со поетот Петар Матовиќ од Србија, автор на поетската книга Од среќната република. И овој настан е со почеток во 17:30 часот.

По оваа промоција, со почеток во 19 часот, по повод реобјавувањето на книгата Санитарна енигма, ќе се одржи книжевна дискусија тематизирана од слоганот на фестивалот – „книжевноста наспроти пандемијата”, на која своите размисли ќе ги споделат авторката на книгата, Јасна Котеска, како и Весна Мојсова-ЧепишевскаДушко КрстевскиДијана Петрова и Александар Маџаровски. Модераторка на дискусијата ќе биде Александра Јуруковска.

 21 октомври

На 21 октомври, со почеток во 18 часот, исто така преку онлајн-промоција ќе биде претставена книгата Модар накит од авторката Катарина Винклер од Австрија, едно од најновите и најактуелните изданија на „Антолог”. Разговорот со неа ќе го води преведувачката на делото, Елена Конеска-Светиева.

Со почеток во 19 часот ќе биде промовиран романот Скриени желби, немирни патувања од Владимир Јанковски, негово најново книжевно дело. Промоцијата е замислена како разговор со авторот, кој ќе го води писателот Владимир Мартиновски. Во рамките на промоцијата ќе биде претставено и кусо видео со извадоци од романот, направено врз основа на фотографиите на македонскиот фотограф Дејан Колевски.

 Фестивалот „BookStar 2020″ продолжува и следната недела, со доделување на наградата Bookstar на еден од најактрактивните европски писатели во светски рамки, а за настаните ќе информираме благовремено.

 Сите настани ќе бидат организирани во согласност со протоколите за организирање настани во затворен простор. Влезот е бесплатен, но бројот на посетители е ограничен, а носењето маски е задолжително за време на целите настани. Гостите се замолуваат да дојдат 15 минути пред почетокот на секој настан.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Швајцарската драма „Хронофобија“ во кино „Милениум“ -хроника на невозможна љубовна приказна-

Швајцарската драма „Хронофобија“ во режија на Франческо Рици е на реперторот на киното „Милениум“ во …