Здружението „Храбро Срце“ ја започнува кампањата за органодарителство

Како што добро знаете на 10.10.2020г. за првпат го одбележавме Европскиот ден за органодарителство. На овој настан беа присутни членови на Здружението, претставници од ФЗО, наши поддржувачи од други здруженија како и универзитетски професори и успешни кардиолози кои имаа свои предавања со цел едукација на присутните. Проф. Д-р Елизабета Србиновска имаше предавање за срцева слабост, проф. Д-р Сашко Јовев – предавање за трансплантација на срце и д-р Тања Ангушева – предавање за механичка циркулаторна потпора на срцето (LVAD/BIVAD) и животот на пациентите со овие помагала како мост до трансплантација.

Исто така на овој ден ја најавивме нашата кампања која ќе почне на 22.10.2020г. по сите национални и локални телевизии со цел што повеќе да допре до народот и да се крене свеста за потребата од донирање органи.

Од ден на ден бројот на нашите пациенти се зголемува, а истовремено неколкумина за жал не дочекаа трансплантација. За овие седум месеци изгубивме дури осуммина храбри пациенти.

Загрижувачко е тоа што сè почесто имаме млади пациенти кои добиваат ваква механичка потпора. Најмладиот пациент со пумпа има 25 години, потоа 28, 32, 35, 45, 47, па сè до 63 годишни пациенти.

Искажуваме голема благодарност на нашите поддржувачи ширум земјава за несебичната помош која ни ја даваат и ни овозможија нашиот рекламен материјал во вид на постери и флаери да биде истакнат на видни места во нивните објекти со цел луѓето да се информираат.

Особено ни е чест и задоволство да споделиме со вас дека како Здружение добивме целосна поддршка од претседателот на државата, господин Стево Пендаровски и признание за нашата хумана мисија.

Треба да сме сите свесни дека секој еден од нас може да се најде на таа листа за чекање и затоа е од особена важност што почесто да се зборува на оваа тема и да се стави акцент на потребата од донирање органи. Овие наши заложби се од општествена важност за сите сегашни и идни поколенија.

Ние искрено се надеваме на позитивни резултати од оваа кампања и да имаме што повеќе донори, но исто така се надеваме дека трансплантацискиот тим составен од врвни професионалци во својата област од државни и приватни установи што ја изведе првата успешна трансплантација и понатаму ќе продолжи да ги изведува овие операции со заеднички сили и знаења како и досега и дека тоа ќе стане практика за понатаму. Искрено се надеваме дека Министерството за здравство ќе се погрижи за нивно доусовршување и едуцирање особено кога станува збор за експлантација на механичката потпора, па потоа транспалнтација на срце (трансплантација на срце кај пациенти кои имаат вештачко срце). Впрочем, нашите пациенти сите имаат механичка потпора која бара најпрво да се отстрани пумпата, па потоа да се трансплантира органот. Во светот, експлантацијата на една пумпа пред да се пресади здраво срце во просек одзема 5 часа во развиените земји каде што е ова рутина. Времето коешто ќе се потроши на експлантација на пумпата многу зависи од тоа колку време пациентот ја носел пумпата. Колку подолго е во телото, толку повеќе сраснува со ткивата и е потешко да се извади.

Како податок, досега кај нас се вградени пумпи, но ниту една не е извадена. Затоа апелираме навистина да се сфати сериозно потребата од доусовршување на тимот кој ја изврши првата трансплантација за што е можно поуспешни трансплантации и што повеќе спасени животи на пациентите.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

(РЕЦЕПТ) 5. напитоци кои се пијат пред спиење: Додека спиете, црниот дроб се чисти, килограмите се топат, телото се подмладува!

Овие производи совршено го чистат црниот дроб и ги топат масните наслаги. За да го …