Во издание на „МАКЕДОНИКА ЛИТЕРА“ објавен романот „Суво мастило“ на Владимир Илиевски

Друштвото за издавачка дејност „Македоника литера“ од Скопје, деновиве го објави романот „Суво мастило“ на македонскиот писател Владимир Илиевски.

Дејството на романот го опфаќа бурниот период на преминот меѓу XIX и XX век и се одвива во неколку средини во Европа (Битола, Дрезден, Загреб, Софија…). Животните патишта на хрватски инженер и пронаоѓач и на македонски чорбаџиски син, студент по музика во Дрезден, се сечат во временски, просторни и судбински точки. Тие точки отвораат моќни егзистенцијални прашалници кои не се поврзани само со времето и просторот, туку се и универзални.

Авторот вешто ја користи историјата како моќна, објективна и вистинита книжевна подлога, а истовремено гради субјективен книжевен однос и перцепција кон таа вистинитост. Главниот лик, односно еден од трите главни лика во романот е хрватскиот пронаоѓач Едуард Пенкала, кој патентирал околу 80 пронајдоци, меѓу кои и хемискиот молив, наречен по него – пенкало. Романот се одвива на три нивоа, односно со три приказни раскажани во прво лице еднина од аспект на трите главни лика. Секоја дел е приказна за себе, но истовремено приказна која ја дополнува и приказната на другите два главни лика. Се добива впечаток дека секој дел може да егзистира самостојно, но ако се погледне, од аспект на затворената целина на романот, јасно се заклучува дека секој дел има јасна позиција и функција во прозната композицијата, и структурална и наративна. Иако раскажувањето е во прво лице еднина, во нарацијата се среќаваат три раскажувачки гласови. На овој начин јас-раскажувачот е разбиен на три одвоени раскажувачки потстила и секој од нив се одликува со сопствени карактеристики.  Во раскажувачката постапка доминира хронолошкиот ред на настани, но тој ред наместа е прекршен. Со ваквата постапка, авторот умешно го дозира наративното темпо и, кога е потребно, ја зголемува динамиката на дејствието во романот.

Владимир Илиевски (Скопје, 1970) е поет, прозаист и книжевен теоретичар. Дипломира и магистрира на Филолошкиот факултет во Скопје. Автор е на поетските книги: „Гледач на линија“ (1997), „Избор и случајности“ (2000), „Мојата лична амортизација“ (2002), „Нема исти утра“ (2008), „Ноќна еротска програма“ (2011), „Лични податоци“ (2014), „Брзината не убива“ (2016), на книгата од областа на книжевната теорија „Цитатноста во лириката“ (2007), како и на книгата со раскази „Пената на црниот бран“ (2918). „Суво мастило“ е прв роман на Владимир Илиевски.

Негова поезија е преведена на хрватски, српски, бугарски, руски, украински, литвански, полски, италијански, англиски јазик… Наградуван е на анонимни конкурси за поезија и за проза во Македонија и во странство.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Швајцарската драма „Хронофобија“ во кино „Милениум“ -хроника на невозможна љубовна приказна-

Швајцарската драма „Хронофобија“ во режија на Франческо Рици е на реперторот на киното „Милениум“ во …