Денес е спомен на Светиот маченик Никита

Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 15 септември.

Родум од Готите, ученик на епископот Теофил Готски, кој учествуваше на Првиот Вселенски Собор. Кога кнезот Готски Атанарик почна да ги мачи христијаните, тогаш Св. Никита застана пред кнезот и го изобличи за безбожништво и нечовечност. Мачен со страшни маки, Никита сè посилно ја исповедаше верата Христова и Му се молеше на Бога со благодарност. И умот непрестајно му беше воздигнат и вдлабочен кон Бога, а на градите под облеката ја држеше иконата на Пресвета Богородица со предвечниот Младенец Христос, во став на стоење кога во рацете го држи Својот крст. Св. Никита ја носеше оваа икона бидејќи Пресвета Богородица му се јави и го утеши. Најпосле мачителот го фрли Христовиот војник во оган, во кој маченикот издивна, но неговото тело остана неповредено од огнот. Неговиот другар, Маријан, го пренесе телото од Готската земја (Влашка и Бесарабија) во Киликија во градот Мопсуест, каде му изгради црква на Св. Никита и неговите чудотворни мошти ги положи во таа црква. Свети Никита пострада и се прослави во 372. година.

Светите маченици Теодот, Асклијад и Максим
Трачани прочуени по потеклото. Пострадаа за Христа близу Филипопол во селото Салтис (помеѓу 305 и 311 година). Оттогаш се преселија во Царството Небесно.

Преподобен Филотеј
Од селото Мирмикс или Марвин, во Мала Азија. Мајка му го носеше истото име, само превртено: Теофила. Тој беше презвитер и уште за време на животот – голем чудотворец. Во една прилика претвори вода во вино, другпат умножи леб. Се упокои во Господа во 10. век. Моштите се пројавија како мироточиви.

Св. Јосиф, епископ Алавердски
Еден од оние дванаесет отци сириски (под 7 мај) коишто беа упатени да го проповедаат Евангелието во Кавкаските предели. Свети Јосиф мирно се престави кај Господ во 570 година. Чудотворните мошти му почиваат во Алавердската соборна црква.

Свети Висарион II, Архиепископ Лариски
Свети Висарион живеел во првата половина на шеснаесеттиот век. Се родил од побожни родители во селото Велика Пила, во Тесалиjа. Од раната младост го изучувал писмото, а од десет години го возљубил монашкиот живот. Негов духовен отец бил Митрополитот лариски Марко, со кого поминал добар дел од својот живот, кој го произвел најнапред за чтец, потоа за ипоѓакон, го ракоположил за ѓакон, па јереј, и најпосле го хиротонисал за Епископ лариски. Свети Висарион многу се грижел за сиромашните и за оние што страдаат и боледуваат. На бедните им служел, а болните со молитва и слово ги исцелувал. Бил голем чудотворец за време на животот и после упокојувањето. Го основал прекрасниот и познат манастир „Христос Спасител“ во Лариската епархија, познат како Дусик. Мудро и богољубиво управувајќи со своето паство, блажениот Висарион се пресели кај Господа кога имал над педесет години од животот (околу 1541 или 1550 година), и бил погребан во црквата Свети Никола, близу манастирот Дусик.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Денеска се слави Свети Јован Златоуст: Народни обичаи и верувања!

Патријарх Цариградски. Роден е во Антиохија, во 354 година, од татко Секунд, војвода, и мајка …