Мастер-клас на Леон Ристов: „Џифони“ ми помогна да го најдам мојот пат во филмската уметност

Младите успешни филмски уметници, секогаш имаат место во „Џифони Македонија“. Тие несебично ги споделуваат своите први искуства од филмски проекти, со цел да ги охрабрат и нашите учесници да го следат својот сон. Прв мастер-клас вчера одржа режисерот Леон Ристов, кој со својот краток филм „Ќе му се јавам на татко ти“, учествуваше и на престижниот Сараевски филмски фестивал годинава.

Леон раскажа за идејата на филмот, кој го третира врсничкото насилство.

– Се сетив на една приказна од моето детство што се случи и помислив на многу други слични приказни што се случиле во моето соседство. И сфатив дека тоа кога бевме деца ни изгледаше многу нормално, а во суштина не е во ред. Тоа што се случува во филмот не ги изненадува гледачите на Балканот, но верувале или не, ги изненадува луѓето од други места што го гледале. Филмот го снимив во моето маало, од емотивни причини. Го избрав тој наслов на филмот, како реченица која кај нас внесува страв кај децата. Јас сум обожавател на неопходни дијалози во филмовите и избирам да се зборува на суптилен начин на филм и да не користам вишок реплики – вели Ристов.

Тој им упати неколку корисни пораки на идните филмаџии. Посочи дека посетувањето работилници, мастер-класови, дружењето со млади со слични интереси ќе им го покаже патот.

– Кога и да одам на работилници, секогаш ни велат дека имате камера и имате сѐ. Јас бев дел од „Џифони Италија“ и „Џифони Македонија“. Тие ми отворија врати, ме приближија до филмот. Барајте курсеви, работилници, учествувајте…Ако имате проблем да работите сами, можете да побарате помош. Многу е важно да сте опкружени со луѓе што ги интересира филмската уметност. Со луѓе со сличен интерес, ќе најдете начин да работите заедно и да се поддржувате – рече Ристов.

Активните џифонци Мартин Чичовски и Вања Тројачанец одржаа мастер-клас во кој фокус беше ставен на нивната средношколска серија „Тремор“. Во неа третираат многу важни теми – насилство меѓу младите, дискриминација на ЛГБТ-лицата, силување и сл. Нивната дискусија предизвика големо внимание кај џифонци.

-Го избравме насловот „Тремор“, зашто станува збор за емоција која секој лик во секоја епизода ја споделува и провејува цело време. Добро е кога може да се инспирирате од реалноста и да ја претворите во филм. Сакаме да ги убедиме луѓето да зборуваат за сите овие приказни што ги имаме. Имаме епизода и на тема силување. Со секој нов филм имате поголеми очекувања, па вообичаено кога се прават првите филмови лесно е да се изморите од целиот процес – рече Чичовски.

За младиот актер Вања Тројачанец секој нареден проект значи големо искуство.

– Ние не се плашиме од критика, веруваме во пораките што ги создаваме. Многу луѓе на наша возраст, а и повозрасни се жртви на дискриминација. Ние не се плашиме да покажеме дека има ЛГБТ-заедница во Македонија, на пример – вели Тројачанец.

Џифонци ги започнаа своите работилници. Секој со својот интерес – кон музиката, дизајнот, анимацијата, фотографијата, секој има свое место под сонцето на Џифони. Овојпат исправени пред нов предизвик, духот на Џифони да го задржиме и пренесеме на новите генерации и со јазикот на технологијата.

Публиката синоќа уживаше и во проекцијата на британската комедија „Ослепен од светлината“.

Денеска на програмата продолжуваат работилниците. Мастер-клас со пренос во живо во 17 часот на фејсбук-страницата на Џифони ќе одржи Сергеј Сарчевски, студент по филмска уметност во „Вестминстер“ Лондон.

Еден час подоцна ќе следува мастер-клас на млади вклучени во програмата „Докуникулци“ која е дел од фестивалот  „Македокс“ од Скопје.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Во издание на „МАКЕДОНИКА ЛИТЕРА“ објавен романот „Суво мастило“ на Владимир Илиевски

Друштвото за издавачка дејност „Македоника литера“ од Скопје, деновиве го објави романот „Суво мастило“ на …