Денес е спомен на Светиот маченик Созонт: Неговите мошти чудодејствуваа!

Родум од Ликаонија. Беше овчар, а во сè го држеше Божјиот закон и ги поучуваше своите врсници и другари во благочестието. Според некое видение дозна дека ќе треба маченички да пострада за Христа. Во тоа време имаше големо гонење на христијаните во блискиот град Помпеопол од страна на некој Максимијан, хегемон киликиски. А во градот имаше некој златен идол на кого незнабошците му се поклонуваа. Созонт ги остави своите овци, отиде во градот, влезе во незнабожечкиот храм, му ја скрши раката на златниот идол, ја раздроби и им ја раздаде на сиромасите. Заради тоа, во градот настана голема тревога и незнабошците почнаа да го бараат виновникот. За да не пострада некој друг заради неговото дело, Созонт се упати кај хегемонот и се пријави себеси како христијанин и извршител на она дело. Мачителите најпрво го тепаа, а потоа го обесија на дрво и го стружеа со железни четки, а кога беше веќе на умирање го ставија на оган, каде што Свети Созонт Му ја предаде својата душа на Бога. Пострада околу 304. година. Неговите мошти чудодејствуваа и над нив беше подигнат храм посветен на светителот.
Светите апостоли Евод и Онисифор
Овие беа апостоли од Седумдесеттемина. Евод го спомнува Свети Игнатиј во своето Послание до Антиохијците со голема пофалба. Евод му беше ученик на Светиот апостол Петар и негов наследник во чинот епископ Антиохиски. Тој напиша дело за Пресвета Богородица, во кое изложува како Светата Дева е воведена на Нејзината тригодишна возраст во храмот; како остана во храмот единаесет години; како кога влезе во петнаесеттата година му беше предадена на Свети Јосиф за да ја чува и како во петнаесеттата година Го роди Господ. Напиша и едно друго дело, под наслов „Светило“. Но, обете овие дела во времето на гонењето на христијаните беа упропастени. Убиен е за Христа во времето на бавењето на царот Веспазијан во Антиохија. Светиот апостол Павле го спомнува Свети Онисифор како свој искрен пријател и помошник (2. Тимотеј 1, 16 -18). Пострада за Христа во Колофон, каде што беше епископ. Велат дека го врзале за коњи и така го растргнале. Овие верни Христови војници чесно пострадаа и се преселија во радоста на својот Господ.
Светиот маченик Евпсихиј
Син на сенаторот Дионисиј. Жестоко мачен за Христа, со биење и стружење, па потоа полумртов фрлен во затвор. Му се јави ангел Божји и го исцели. Пуштен од затвор, тој го радздаде сиот свој имот: нешто на сиромасите, а нешто на своите клеветници. Повторно го фатија и го стружеа додека не ја предаде својата душа на Господ. Од неговите рани наместо крв потече млеко и вода. Пострада во времето на царот Адријан.
Света Касијана химнограф
Преподобната Касијана живеела во IX век, во Цариград, во времето на иконоборецот цар Теофил. Потекнувала од видно семејство и се стекнала со високо образование. Основала манастир во Цариград каде што станала игуманија, по вдахновение од нејзниот духовен отец, свети Теодор Студит. Од царот иконоборец претрпела прогони и камшикување, поради тоа што не сакала да молчи и да не зборува против ереста на иконоборството. Позната е како химнограф на Црквата и е единствена жена чиишто дела се користат во православното богослужење. Нејзини творби се канонот на Велика Сабота и дел од стихирите на Рождеството Христово, на Рождеството на Предтечата и на други празници.
Свети Јован, архиепископ Новгородски
Беше најпрво свештеник, а потоа, од 1162 година, епископ во Новгород. За време на својот живот изгради седум цркви. Имаше видение на Пресвета Богородица и необична сила над демоните, коишто дури ги принудуваше и да му служат. Чудесно го сочува Новгород од нападот на седумдесет и двајца кнезови. Страдаше од искушенијата ѓаволски, но со силата на крстот и молитвата сите ги совлада. На старост се повлече во манастир, прими схима и мирно се упокои во Господ на 7 септември, 1185 година.
Преподобен Макариј оптински
Макариј (Иванов), јеромонах, (1788-1860) – ученик и соподвижник на старецот Лав, по чија смрт останал духовно да раководи со манастирот. Главната добродетел на која ги воспитувал луѓето било смирението, кое го сметал за основа на христијанскиот живот. Го започнал изданието на светоотечките дела на руски јазик, што ги обединило најдобрите духовни и интелектуални сили во Русија. Со старецот се среќавал и писателот Н. В. Гогољ.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

ПОВТОРНО ГОЛЕМ БРОЈ ПОЧИНАТИ: После 2699 тестирања денеска се регистрирани 862 нови случаи на Ковид 19: Битката со короната ја загубија 14 лица

Министерството за здравство информира дека во последните 24 часа се направени 2699 тестирања, а регистрирани …