Меѓународната автомобилска федерација (ФИА) нема да започне истрага против Луис Хамилтон, шесткратниот светски шампион во Формула 1.
Возачот на Мерцедес носеше маица со натпис во врска со убиството на Афроамериканката Бриона Тејлор пред и по трката за Големата награда на Тоскана.
ФИА во понеделникот разгледала дали Хамилтон ги прекршил правилата и како што било наведено, тие ќе им испратат на возачите решени упатства за активности пред и по трката, вклучително и што може и што не може да се носи, пренесува „Скај“.
Хамилтон победи во трката за Големата награда на Тоскана во неделата, а на подиумот излезе облечен во маица со натпис „Уапсете ги полицајците кои ја убија Бриона Тејлор“. Иста маица носел и пред трката, а изјавата по победата во Мужел ја заврши со реченицата: „Правда за Бриона Тејлор“
Полиција во цивилна облека ја убила медицинската работничка, 26-годишната афроамериканка Бриона Тејлор, во Кентаки во март, при рација во нејзината куќа, погодувајќи ја со осум куршуми.
Хамилтон е најгласен во Формула 1 кога станува збор за борбата за човекови права и расна еднаквост. Од почетокот на сезоната тој носеше маица со натпис „Животот на црнците е важен“ и клекнува пред секоја трка, заедно со уште неколку возачи.
#WeRaceAsOne#TuscanGP 🇮🇹 #F1 pic.twitter.com/go2KuK57Nn
— Formula 1 (@F1) September 13, 2020
Хамилтон на социјалните мрежи изјави дека ќе продолжи да се бори за промени и ги повика сите да се обединат со цел да се борат за правда.
„Сакам да знаете дека нема да запрам, нема да попуштам и нема да се откажам од користењето на оваа платформа за да го потенцирам она што верувам дека е исправно. Сакам да им се заблагодарам на оние кои продолжуваат да ме поддржуваат и да ми испраќаат љубов, јас сум многу благодарен. Но, ова е патувањето на сите нас, да се здружиме и да се бориме против неправдата, не само расна. Можеме да помогнеме ова да биде подобро место за нашите деца и идните генерации“, напишал Хамилтон на Инстаграм, каде го следат 20. милиони луѓе.