Гравот има голема енергетска вредност и ги содржи скоро сите есенцијални аминокиселини
Омиленото јадење во скоро сите македонски домаќинства, она без кое не може да се замисли есенската и зимската трпеза, секако е гравот. Неговите лековити својства се познати уште од античко време, и му се припишуваат бројни чудесни моќи кога станува збор за превенција од разни болести.
Научниците велат дека исхраната богата со грав може да го намали ризикот од срцеви заболувања и одредени видови на рак. Препорачаната доза е три чаши, од оваа храна, неделно.
Покрај тоа, гравот има висока енергетска вредност и ги содржи скоро сите есенцијални аминокиселини. Богат е со лецитин, како и калиум, калциум, железо, фосфор, магнезиум, цинк и натриум.
Тој е одличен извор на протеини, а бонусот е што за разлика од другите извори на оваа хранлива материја, гравот има малку маснотии, не содржи заситени масти, како и холестерол. Тој е одличен извор на фолна киселина, витамини Б6, К, рибофлавин (Б2) и Б3. Исто така, сите видови грав се богати со антиоксиданти
Сепак, сите овие придобивки на гравот за здравјето на луѓето не се однесуваат на сите видови на оваа намирница. Најмногу антиоксиданти има во ситниот црвен грав, а потоа следи со темно црвена и црна боја.
Потемните видови на грав имаат скоро три пати повеќе фитохемикалии (растителни супстанции кои ги уништуваат слободните радикали и со тоа ги штитат клетките од оштетување) од белиот грав.
Значи, ако можете да изберете, јадете грав со потемна боја!