Денеска е голем празник-Преподобен Симеон Столпник: Никако не го правете ова!

Симеоновден или денот на Свети Симеон Столпник е голем православен празник, кој се одбележува на 1 септември според грегоријанскиот и на 14 септември според јулијанскиот календар.

Родум Сириец, од родители селани. Во својата осумнаесетта година побегна од родителите и се замонаши. Се предаваше себеси на најтешки подвизи, понекогаш постејќи по четириесет дена. Потоа се предаде на особен подвиг: имено, деноноќно стоеше на столб, во непрестајна молитва. Неговиот столб најпрво беше висок шест лакти, потоа му подигнаа еден од дванаесет, па од дваесет и два, па од триесет и шест, и најпосле столб висок четириесет лакти. Мајка му Марта двапати доаѓаше да го види, но тој не ја примаше, туку од столбот ѝ рече: „Не ме вознемирувај сега, мајко, ако се удостојам ќе се видиме во оној свет.“ Свети Симеон претрпе безбројни напади од демоните, но сите ги победи со молитва кон Бога. Овој светител изврши големи чуда и мнозина болни ги исцели со збор и со молитва. Околу неговиот столб притекнуваше народ од сите страни, богати и сиромашни, цареви и робови. И тој им помагаше на сите; на некои враќајќи им го телесното здравје, на некои давајќи им утеха и поука, а некои изобличувајќи ги заради нивната еретичка вера. Така ја одврати царицата Евдокија од Евтихиевата ерес и ја приведе кон Православието. Свети Симеон се подвизуваше за време на царевите Теодосиј Помладиот, Маркијан и Лав Велики. Овој прв столпник во христијанството и голем чудотворец поживеа сто и три години и се упокои во Господ на 14 септември, 459. година. Неговите мошти се пренесени во Антиохија, во црквата посветена на неговото име.

На овој празник започнува Црковната Нова Година. Според верувањето и светците се раководеле по овој календар. Со празникот Свети Симеон е поврзано есенското засејување, што е проследено со посебни обичаи и верувања, иако тие се различни во разни краишта на Македонија и Светот имаат и многу заеднички елементи.
Обичаи
На 1 септември според стариот календар (или на 14 септември според новиот) започнува црковната година, а во народот овој ден се сметал за голем земјоделски празник. Тоа најповеќе се манифестирало со обичаите и верувањата поврзани со започнувањето на есенската сеидба. Се верува дека откако е собрана летнината е завршен еден годишен циклус и започнува друг со првата есенска сеидба. Преданието сведочи дека на Првиот Вселенски собор е одредено црковната година да започнува на 1 септември. И кај Евреите со месецот септември започнувала граѓанската година, тогаш се собирале плодовите и се искажувала благодарност кон Бога. Во историјата на христијанството овој месец е значаен и по тоа што во септември царот Константин извојувал значајна победа над Максенциј, голем неверник и противник на христијанството и оттогаш започнало слободно изразување на христијанската вера. Од Симеоновден започнува есенската сеидба. Се носело семе во црквата да се „очати и благослови“, а потоа дома се мешало со другото жито подготвено за сеење. Исто така се верувало дека на овој ден не се давало заем и не се изнесувало ништо од дома за да не се разнесе касметот, а ако некој барал нешто заем за да не се налути му се велело „семе изнасамо“. Сите црни предмети од куќата се криеле од пред очи (тава, грне и др.) за да нема гламна житото. Орачот на нива носел дисаѓи со жито, а во житото имало прстен (златен или сребрен), потоа китка босилек, китка од разни други цвеќиња, две гросчиња бело и црно грозје, неварено јајце, чешел за коноп и мало лепче (кравајче). Во семето се измешувале и зрна од „брадата“ од минатата година што дотогаш се чувала во амбарот. На воловите им врзувале бела крпа за да е бело житото. По пристигнувањето на нивата орачот најпрвин изорувал една бразда, потоа низ прстенот пропуштал еден грст семе и го фрлал во нивата. Чешелот го ставал во нивата за да е густ бериќетот како чешелот, белото грозје го фрлал во нивата за е бело (чисто) житото, а црното го фрлал надвор од нивата за да нема какол и гламна. Босилекот, китката со разни цвеќиња ги ставал во браздата како дар за нивата, а потоа со втората бразда сето тоа го покривал со земја.

Македонија
Низ Македонија на овој ден забележани се најразлични обичаи и верувања, но заедничко за сите е дека на овој ден започнуваат есенските земјоделски работи кои што значеле егзистенција и секогаш биле проследени со многу обичаи, верувања и магиски заштити што имале цел да обезбедат богат род на земјоделските култури. На овој ден генерално низ цела етничка Македонија не се позајмувало ништо.

Дебарца
Во Дебарца (Охридско) на Свети Симеон се пеело семето за есенската сеидба. Во една чинија се ставале разни семиња: пченица, ’рж, јачмен, пченка, грав и др. Во чинијата уште се ставало и босилек, а потоа таа се завиткувала со бела шамија (тулбенче) и се носела во црквата. Тамо свештеникот ги пеел чиниите со семињата, од целото село заедно. По враќањето од црквата се одело на засевање. Ако времето не било стасано за засевање се засевало малку, барем неколку бразди, колку за адет. При засевањето најпрвин се сеело пеаното семе, а потоа босилекот се закачувал во нивата. Се верува дека босилекот има апотропејско дејство и дека нивата и житото ќе ги чува од разни несреќи, болести, поројни дождови, разни инсекти и сл. Според Веселин Чајкановиќ босилекот е божји цвет и дејствува како сигурен апотропејон. Откако ќе го насее пеаното семе орачот седнува да руча. На засевање за ручек задолжително се прави нешто сукано, за да се сучи к’сметот. Секогаш се засевувало на полна месечина и наутро кога сонцето одело нагоре. Тој ден по изнесувањето на семето не смее да се изнесува ништо црно од дома за да нема гламна житото, дури и на вода не се оди со црно котле или ѓумче. Кога прв пат се одело засевање не чинело некој со празен сад да го пресретне орачот. Може да им се случи несреќа на воловите, да му се скршат плугот или браната. Исто така, тој ден не се давало на заем ништо за да не се случи некој да го изнесе к’сметот од куќата. На заорување воловите се потураат со вода за да им лесно при орањето, како што е лесна водата или како што лесно оди водата. Кога ѕевгарот минува по патот сите што седат покрај патот стануваат и со тоа им прават чест на воловите, а се верува дека и земјата ќе им биде полесна кога ќе ораат. Очигледно во овие обичаи, верувања и магиски дејствија има многу елементи од имитативната, но и од преносната магија.

Радовишко
Во Радовишко каде што со овој празник започнувала земјоделската нова година, исто така започнувала есенската сеидба. Притоа на воловите и на ралото врзувале црвен конец со монистра „за лоши очи“, односно за од уроци. Во секоја куќа меселе зелник кој заедно со тепсијата го носеле на нивата на орачите. Овие откако благословувале, го изедувале зелникот, засевале колку за адет и се враќале при што трошките од зелникот ги закопувале во нивата за и касметот да остане на нивата и да не се разнесува.

Кумановско
Во Кумановско овој обичај бил проследен со богати обичаи и верувања. И овде се носело семе во црквата да се „очати и благослови“, а потоа дома се мешало со другото жито подготвено за сеење. И во овој крај не се давало заем и не се изнесувало ништо од дома за да не се разнесе касметот, а ако некој барал нешто заем за да не се налути му се велело „семе изнасамо“. Сите црни предмети од куќата се криеле од пред очи (тава, грне и др.) за да нема гламна житото. Орачот на нива носел дисаѓи со жито, а во житото имало прстен (златен или сребрен), потоа китка босилек, китка од разни други цвеќиња, две гросчиња бело и црно грозје, неварено јајце, чешел за коноп и мало лепче (кравајче). Во семето се измешувале и зрна од „брадата“ од минатата година што дотогаш се чувала во амбарот. На воловите им врзувале бела крпа за да е бело житото. По пристигнувањето на нивата орачот најпрвин изорувал една бразда, потоа низ прстенот пропуштал еден грст семе и го фрлал во нивата. Чешелот го ставал во нивата за да е густ бериќетот како чешелот, белото грозје го фрлал во нивата за е бело (чисто) житото, а црното го фрлал надвор од нивата за да нема какол и гламна. Босилекот, китката со разни цвеќиња ги ставал во браздата како дар за нивата, а потоа со втората бразда сето тоа го покривал со земја.

Бојмија и Разлог
Во Гевгелиско на овој ден береле црни метли и памук и го сметале за лесен празник. Интересни обичаи и верувања се забележани и во Разлошко. Во селото Драглиште уште при вршењето на житото се водело сметка за засевање да се одбере наједрото жито. Тоа го закитувале со црвени зрна од калинка, со растение смичец кое во ова село го викале староцвет и со други зелени цвеќиња. Од новото жито меселе една округла пита со дијаметар околу една педа и со дупка во средината од околу една дланка. Таа се викала Богача што значело Богова пита, или Боговица. На нивата орачот ја држел погачата над една вреќа, а друг го истурал семето низ отворот на погачата во вреќата се додека таа не се наполнела. За тоа време додека се претурало семето низ питата сите домашни биле накитени на главите со калинки и други цвеќиња. И заврзаната вреќа ја накитувале со разни цвеќиња. Потоа погачата ја држела домаќинката, а сите вртеле во круг и откинувале по еден касај. Калинките се ставале за да е едро житото, а погачата се кревала високо за да порасне високо житото и да е чисто како што е чиста питата.

Свети Исус Навин
Водач на еврејскиот народ после смртта Мојсеева. Тој и Халев, единствени од неколкуте стотици илјади Евреи, влегоа во Ветената Земја. (За неговата верност кон Бога, за неговите чуда и дела, читај во Книгата на Исус Навин). Поживеа сто и десет години и се упокои околу 1440. година пред раѓањето на Исус Христос.

извор: Википедија

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

(ВИДЕО) По 18 часа, мајка со три деца, извлечени од урнатините во Измир

Мајка и три деца се безбедно извлечени по 18 часот од урнатините на една зграда …