По анализите на МАНУ и препораките на СЗО и Европскиот центар за контрола и превенција на болести – Комисијата за заразни болести усвои нов протокол за ослободување на пациенти од изолација

На денешната прес-конференција, министерот за здравство доц. д-р. Венко Филипче соопшти дека Комисијата за заразни болести усвои нов протокол за ослободување од изолација на пациенти дијагностицирани со SARSCoV-2 вирусот, при што повеќе нема да бидат потребни контролни тестирања.
Како што информираше Филипче, новиот протокол се темели на опсежни анализи на Истражувачкиот центар за генетско инженерство и биотехнологија во МАНУ, а на препорака на Светската здравствена организација и Европскиот центар за контрола и превенција на болести.
„По објавените препораки кон крајот на мај,  МАНУ анализираше повеќе од 10.000 тестирања и според анализите, досегашните сознанија укажуваат на фактот дека кај пациенти кај коишто е дијагностициран SARSCoV-2 вирусот, независно од резултатот на последователното контролно тестирање, не е присутен виабилен – репликативно компетентен, односно вирус којшто може да е доволно силен за да предизвика зараза, после 10 дена од позитивниот тест кај асимптоматските, односно после 20 дена кај пациентите коишто имаат симптоми” – објасни министерот Филипче.
Имајќи ги во предвид искуството и анализите на МАНУ, кои се идентични на бројните светски сознанија, испитувања и соодветни стручни публикации, дека кај пациентите во фаза на рековалесценција може да се детектира дел од еден ген на вирусот и тоа во подолг временски период, некогаш и два месеци, а понекогаш и интермитентната детекција, а тое се позитивните контролни тестови, сепак тоа, докажано, не може да предизвика инфекција.
„Согласно новиот протокол, позитивниот тест преку лабораториите стигнува во центрите за јавно здравје и во системот МојТермин понатаму се дистрибуира до матичните лекари. Тие ќе имаат обврска, како и досега, за секојдневно електронско следење на пациентите. Притоа, укажуваат дали пациентот има или нема симптоми. Доколку пациентот е асимптоматски, на 10-иот ден автоматски се генерира извештај за завршување на изолација, односно на 20-иот ден кај пациентите коишто имале симптоми.” – информираше Филипче и потенцираше дека предходните препораки коишто досега важеа кај нас, но и во многу други земји во светот за два негативни РТ/ПЦР тестови беа базирани на искуствата со SARS и MERS вирусите, заради тоа што овој вирус беше непознат.  Најновите препораки ги земаат во предвид сознанијата генерирани во последните 6 месеци од оваа пандемија.
Одговарајќи на новинарски прашања, министерот Филипче посочи дека и покрај тоа што со имплементацијата на новиот протокол значително ќе се ослободат капацитетите за дијагностичко тестирање, нема да има измени во алгоритмот за тестирање бидејќи, се покажува, дека тој дава добри резултати.
Во однос на тоа од кога ќе важи новиот протокол за ослободување на пациентите од изолација, Филипче одговори дека електронскиот систем треба да профункционира до крајот на неделата.
„Се подготвува модул којшто автоматски ќе го генерира извештајот на матичниот лекар за ослободување на пациентите од изолација, за да понатаму тој извештај стигне до центарот за јавно здравје.”- изјави Филипче.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Општина Центар: Во тек е Јавен повик за ангажирање на лични асистенти на учениците со посебни образовни потреби

Општина Центар распиша Јавен повик за ангажирање на лични асистенти во проектот „Образование за сите“ …