Денес е спомен на Светите апостоли Сила, Силуан, Крискент, Епенет и Андроник и Светиот свештеномаченик Валентин

Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 30 јули. Денеска е Св. апостоли Сила, Силуан, Крискент, Епенет и Андроник, Светиот Валентин…
Сите се од Седумдесеттемина апостоли. Свети Сила беше испратен од Јерусалим во Антиохија со Павле и Варнава да го решат спорот меѓу верните околу обрезанието, односно дека не треба да се обрезуваат незнабожците кои преминуваат во христијанство (Дела Апостолски 15, 22). По ова, Сила патуваше со Павле по Азија и Македонија и беше поставен за епископ во Коринт, каде мирно се упокои.

Силуан им помагаше на двајцата врховни апостоли (1. Петар 5, 12; 2. Кор. 1, 19). Како епископ во Солун се потруди многу и многу претрпе додека не го замени земниот живот со небесниот. Крискент му беше сотрудник на Светиот апостол Павле (2. Тимотеј 4, 10), а потоа епископ во Галија, каде маченички пострада за Христа во времето на Трајан. Свети Епенет, кого го спомнува Светиот апостол Павле (Рим. 16, 5), беше епископ во Картагена. Андроник (Рим. 16, 7), епископ Панонски, се спомнува одделно на 17. мај.

Свети Јован, војник
Потаен христијанин. Испратен од царот Јулијан Отстапник да ги убива христијаните, тој не ги убиваше, туку им помагаше да се сокријат. Јулијан го фрли во затвор во Цариград. Кога умре злобниот цар, Јован се предаде на подвиг живеејќи во чистота и светост. Се упокои мирно на старост. По смртта им се јавуваше на некои кои имаа потреба од неговата помош. Молитвите кон него помагаат за пронаоѓање крадци.

Светиот свештеномаченик Полихрониј, епископ Вавилонски
Кога го освои Вавилон, царот Декиј го фати Полихрониј со тројца презвитери, двајца ѓакони и двајцата покрстени кнезови: Авдон и Сенис. Полихрониј не сакаше ништо да му одговара на царот а само молчеше, додека презвитерот Пармениј одговараше за сите. Царот ги одведе епископот и свештениците во Персија, во градот Кордова и ги уби со секира. А кнезовите, Евдон и Сенис, ги одведе со себе во Рим и таму прво ги фрли пред ѕверови, а потоа ги погуби со меч. Сите пострадаа чесно, во 251 година.

Светиот свештеномаченик Валентин
Беше епископ во италијанскиот град Интерамна. Го исцели болниот брат на римскиот трибун Фронтан. Кога се разболе Херимон, синот на познатиот философ Кратон, посоветуван од Фронтан Кратон го повика Валентин во Рим. Херимон беше сиот згрчен, така што главата му беше свиткана меѓу колената. Валентин се затвори во собата со болниот и цела ноќ ја мина во молитва. Утредента го изведе Херимон наполно здрав и го предаде на татко му. Тогаш се крсти Кратон со целиот свој дом и со своите тројца ученици. Херимон го остави татковиот дом и тргна по Валентин. Тогаш се крсти и синот на римскиот епарх Авундиј. Разјарен од ова, епархот го фати Валентин и откако го мачеше го уби со меч. Тогаш беа убиени и тројцата ученици на Кратон: Прокул, Евив и Аполониј. Нивните тела ги зеде Авундиј и чесно ги погреба. Сите пострадаа во 273 година и станаа граѓани на Небесното Царство.

Преподобен Анатолиј оптински, помладиот
Анатолиј (Потапов), јеромонах (1855-1922) – од народот наречен утешител, бил обдарен од Господа со големите благодатни дарови на љубовта и утешување на страдалниците, на прозорливоста и на исцелението. Смирено го извршувал пастирското служење во тешките денови на револуционерниот смут и безбожие, утврдувајќи ги своите духовни чеда во решителноста да останат до смртта верни на православието.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

ПОВТОРНО ГОЛЕМ БРОЈ ПОЧИНАТИ: После 2699 тестирања денеска се регистрирани 862 нови случаи на Ковид 19: Битката со короната ја загубија 14 лица

Министерството за здравство информира дека во последните 24 часа се направени 2699 тестирања, а регистрирани …