Денес се празнуваат Светите Седмочисленици (Климент, Наум, Сава, Горазд и Ангелариј, и нивните учители Кирил и Методиј) и Свети Пантелејмон

Рамноапостолни Климент, Наум, Сава, Горазд и Ангелариј, и нивните учители Кирил и Методиј
Големиот сесловенски просветител свети Климент Охридски Чудотворец починал на денешен ден 916 година. Но бидејќи тој и за време на својот живот именденот го празнувал на 8 декември (25 ноември с.с.) на празникот на Св. свештеномаченик Климент епископ Римски, подоцна неговиот главен празник бил поместен на овој датум, а на денешен ден се празнувал заедничкиот спомен на седумтемина рамноапостолни словенски светители познати како свети Седмочисленици (св. Кирил, Методиј, Климент, Наум, Сава, Горазд и Ангелариј). Св. Климент Охридски Чудотворец е најпознатиот ученик на светите браќа Кирил и Методиј, последен од нив починал и поради тоа денот на неговото упокојување бил земен за нивни заеднички празник.

Свети Пантелејмон
Свети Пантелејмон се родил во Никомидија од татко незнабожец, Евсторгиј, и мајка христијанка, Евула. Во младоста ја изучи лекарската вештина. Подоцна поверува во Христа и се крсти. Господ му имаше дадено голема благодат да лечи од секакви болести, не само користејќи ја лекарската вештина, туку и со силна молитва. Така излечи и еден слепец од кого сите лекари веќе беа дигнале раце. А тоа ги побуди истиве, поради нивната завист, да го обвинат пред властите како христијанин. Свети Пантелејмон беше ставен на маки, а откако стана јасно дека ништо не може да го поколеба во верата во преслаткиот Господ го испратија на губилиште, под некое маслиново дрво. Тој клекна на колена, се помоли на Бога, а потоа му беше отсечена главата. Пострада во 304. година. Чудотворец во текот на животот, тој продолжи да исцелува и преку неговите свети мошти кои се зачуваа.

Доколку планирате да започнете некаков бизнис, денес е вистинскиот ден за тоа. Се верува дека секое започнување со работа на Свети Пантелејмон е благословено и ќе ве направи успешни.
Исто така, доколку сте планирале патување, тргнете токму на овој ден.
Свети Пантелејмон бил голем патник, а денес е заштитник на сите оние на кои улицата им е втор дом.
Доколку на овој ден во црква се сретнат две непознати лица кои денешниот ден го слават како куќна слава, веднаш треба да си честитаат и прегрнат, бидејќи се верува дека се роднини.

Блажениот Николај
Јуродив заради Христа. Син на богати родители од Новгород. Го остави богатството и како јуродив јуреше по улиците и ги поучуваше луѓето преку јуродството. Другар во истиот подвиг му беше блажениот Теодор. Еднаш додека се бркаа пред народот, обајцата ја претрчаа реката преку вода. Блажениот Николај, заради Христа јуродив, се упокои во Господ во 1392 година.

Преподобна Антуса
По долг осаменички подвиг основа манастир со деведесет сестри. Во времето на иконоборството при Константин Копроним сите деведесет монахињи беа убиени, а потоа преподобна Антуса и самата се упокои во 759. година.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Денеска во Македонија се регистрирани 1085. нови случаи на Ковид 19: Починати се 12. лица

Министерството за здравство информира дека во последните 24 часа се направени 3294 тестирања, а регистрирани …