Денес се празнува Светата маченичка Христина: Честит именден!

Родум од градот Тир, ќерка на царскиот намесник Урбан, идолопоклоничка. Не се знае од кои причини родителите и го имаа дадено името Христина, но тоа ја криеше во себе тајната на нејзиното идно одење по Христа. До својата единаесетта година не знаеше за Христа ништо. А кога наполни единаесет години, нејзиниот татко, со цел до полната возраст да ја скрие од светот заради нејзината вонредна убавина, и го одреди највисокиот кат од една висока кула и ја всели да живее таму. И ги устрои сите удобности за живот, и даде робинки да ја служат, постави во нејзините одаи сребрени и златни идоли за да им принесува жртви секојдневно. Но на таа млада душа и беше тегобно во онаа идолопоклоничка средина. Гледајќи ги низ прозорецот дење сонцето и сите убавини на светот, а ноќе чудесното блескање на ѕвездите, таа по својот природен разум дојде до цврстата вера во едниот жив Бог.

Милостивиот Бог, Кој го виде нејзиниот копнеж по вистината, и испрати ангел кој ја прекрсти со крсниот знак, ја нарече невеста Христова и наполно ја поучи во богопознанието. Тогаш Христина ги искрши сите идоли по нејзините одаи и така предизвика ѕверска лутина кај татко и. Тој ја изведе на суд, ја предаде на маки, а потоа ја фрли во затвор, со намера утредента да ја убие со меч. Но таа ноќ Урбан здрав како дрен ја испушти душата и отиде во гроб пред ќерка му. Потоа двајцата намесници Дион и Јулијан го продолжија измачувањето на Светата девица. Храброста во трпењето и чудата што ги изврши Христина со силата Божја обратија мнозина тирски незнабожци во христијанство. За време на нејзиното мачење Дион одеднаш падна мртов среде народот. Неговиот наследник Јулијан и ги отсече градите и јазикот. Маченичката го зеде својот јазик и му го фрли на Јулијан во очи, од што тој одеднаш ослепе. Најпосле нејзините маки за Христа завршија со смрт под остар меч, а нејзиниот живот се продолжи во бесмртното ангелско царство. Света Христина пострада чесно во третиот век.

Преподобен Поликарп, игумен Печерски
Имаше „љубов кон Бога и кон ближните, радост заради непорочната совест, мир во победата над сите страсти, трпение при напасти и беди, благост во покорноста кон сите, милосрдност кон сиромасите, несомнена вера во вршењето на заповедите, кротост во непознавањето на гневот, воздржливост…“ Толку добро управуваше со Киево-Печерската Лавра, што по смртта не можеа да му најдат достоен наследник меѓу монасите (затоа што и оние кои беа достојни, од смирение не сакаа да го примат игуменството), па браќата беа принудени да го земат за игумен мирскиот свештеник Василиј. Свети Поликарп се упокои во Господа во 1182 година.

Светите маченици Борис и Глеб
Синови на великиот кнез Владимир, којшто го покрсти рускиот народ. Пред Крштението, Владимир имаше многу жени и деца од нив. Борис и Глеб беа браќа од една мајка. Пред смртта, Владимир им ја раздели државата на сите свои синови. Но, најстариот син, Свјатополк, кнез Киевски, посака да ги земе и деловите што им припаднаа на Борис и Глеб. Затоа испрати луѓе, па на едно место го уби Борис, а на друго Глеб. Овие двајца браќа беа необично побожни и во сè богоугодни и ја сретнаа смртта со молитва и со срце воздигнато кон Бога. Нивните тела останаа нетлени и благоухани и беа погребани во Вишгород, каде што до денес од нив исходи благодатна сила, исцелителна за маките и болестите кај луѓето.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

ДО КОГА СО ТОЛКУ ПОЧИНАТИ: За изминатите 24. часа во Македонија се регистрирани 404. нови случаи на Ковид 19: ЖИВОТОТ ГО ИЗГУБИЛЕ се 14. лица!

Министерството за здравство информира дека во последните 24 часа се направени 1524 тестирања, а регистрирани …