Хамилтон доминантно до израмнување со Шумахер

Британскиот автомобилистички ас Луис Хамилтон од тимот на Мерцедес победи во неделата на трката за Големата награда на Унгарија, третата годинешна трка од Светското провенство во класата Формула 1.

Актуелниот светски првак доминираше во текот на целата трка, водејќи од старот до целта, со што ја оствари својата осма победа на патеката „Хунгароринг“ со што го израмни рекордот на легендарниот Германец Микаел Шумахер по бројот на победите на една иста Голема награда. Имено, Шумахер во текот на кариерата осум пати беше најбрз на трките за Големата награда на Франција.


Покрај тоа, за Хамилтон ова е вкупно 86-та победа во кариерата, со што се приближи на само пет победи помалку од рекордерот Шумахер.

Второто место на патеката крај Будимпешта го зазема Холанѓанецот Макс Верстапен од Ред Бул, кој дури и воопшто немаше да ја започне трката. Тој на подготвителниот круг го оштети предното баланс крило на болидот и мораше во боксот каде што спротивно на очекувањата неговите механичари сепак успеаја навреме да го заменат оштетениот дел, па Версапен навреме стаса за почетокот на трката. Иако почна од седмата позиција, младиот Холанѓанец со одличен старт се проби на третата позиција уште во првиот круг, а во завршницата на трката успеа да се одбрани од нападите на Финецот Валтери Ботас од Мерцедес кој низ целта мина како трет.

Ботас во трката влезе од втората позиција, но поради слабиот старт веќе кај првиот свиок падна на шестото место. Во продолжението се пробиваше низ болидите пред него, но не можеше да постигне подобар резултат од третото место.

Со победата во Унгарија, Хамилтон го презема водството во генералниот пласман и сега има 63 бодови, пет повеќе од вториот Ботас, а дури 30 повеќе од третопласираниот Верстапен.
Во генералниот пласман кај конструкторите, пак, Мерцедес го зголеми водството по три трки со 121 бод, а најблиску до него е тимот на Ред Бул со 55 бодови.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Почина еден од најголемите тениски тренери на сите времиња

ЛЕГЕНДАРНИОТ тениски тренер Ник Болтиери починал на 90-годишна возраст. Американските медиуми пишуваат дека тој починал …