Филмови од „Мобил фестивал“ на гала вечер на Филмскиот маркет во Кан

Четири филмови од  „Мобил Фестивал“ се натпреваруваа во официјална селекција на натпреварот за кратки филмови на Иницијативата за светски мир и толеранција чија гала вечер се одржа вчера во рамките на онлајн Филмскиот маркет на Канскиот филмски фестивал. Тие се натпреваруваа за Карл Бартош хуманитарната награда за филмови снимени на мобилен кои се фокусираат конкретно на хуманитарни теми. Наградата лани се доделуваше на Американскиот павилјон, а годинава поради кризата Филмскиот маркет во Кан се одржува исклучиво онлајн од 22 до 26 јуни.

Четирите филмови од „Мобил фестивал“ кои беа дел од најдобрите 15 филмови селектирани  годинава од жирито и беа дел од гала вечерта се: Ice-cream and Freedom од Нено Белчев, Like and Follow од Форест Шлаге,  Silence is Deadly од Бруно Венецијано и Mis(s)Date од Анке Сабрина Берман и Нина Ејмер Фокс.

Настанот го организира непрофтната организација Новата генерација во акција (NGIA), признаена со посебен консултативен статус од страна на Обединетите нации. NGIA ја користи разновидноста на медиумските платформи за да промовира почит и достоинство без оглед на полот, расата, етничката припадност или религијата. Со својата Иницијатива за светски мир (AFI World Peace Initiative), NGIA го избра филмот како влијателно средство за едукација, просветлување и информирање на публиката од сите возрасти, низ целиот свет, со подобро разбирање на егзистенцијалните проблеми со кои се соочуваме денес. NGIA преку своите мултимедијални иницијативи, вклучувајќи ги филмските проекции и дистрибуцијата во училиштата, универзитетите, музеите и библиотеките, може да ангажира публика на Блискиот исток, Африка, Индија и Азија.

Фестивалот е во чест на професорот Карл Бартош, кој е пионер во продукцијата на филмови снимени на мобилен телефон.

Тој и самиот е во жирито на фестивалот кое годинава го сочинуваа уште десетина  експерти, професори, филмаџии, програмски директори, екологисти, хуманитарци.

На онлајн настанот присуствуваше и Весна Ристовска од „Мобил фестивал“. Сите присутни беа охрабрени да направат донација со цел да помогнат во организирање на виртуелно прикажување на филмови во насока на еукација за разновидност и социјална правда.

„Мобил фестивал“ го организира продуцентската и дистрибутерска куќа „КТ филм и медиа“ од Скопје.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Колективниот договор во културата започнува со примена од јули

На средбата одржана помеѓу премиерот Оливер Спасовски, министерот за култура Хусни Исмаили, заменик-министерот за култура …