ТВ Училница: Платформата 5+ во функција на формалното образование

Дали формалните наставни програми во училиштата треба да се надополнуваат со неформални едукативно-забавни содржини? Колку постојните образовни содржини се прилагодени на новото дигитално време и на технолошките предизвици и што може да се подобри на тој план? Каква е улогата на наставниот кадар од училиштата во сите овие процеси? Ова се само дел од прашањата што се наметнаа по затворањето на училиштата и градинките како заштитна мерка од коронавирусот, кога за многу кратко време воспитно-образовниот систем мораше да се прилагоди на новонастанатата ситуација со цел да се овозможи непречно продолжување на наставниот процес. Во исто време, требаше и да се најде начин да се исполни времето на децата од претшколска возраст со квалитетни содржини додека се дома.

Формалната настава се организираше преку официјалната дигитална платформа на Министерството за образование и наука (МОН), но новата состојба наложи неопходна дополнителна поддршка преку неформалното образование за на учениците да им се олесни и приближи наставен процес кој го следеа од дома. Тој дел совршено го надополни „ТВ Училница“, телевизиски проект на продукцијата ОXO кој се организираше како интервентна мерка веднаш по затворањето на училиштата и градинките и речиси три месеци се емитуваше на Македонската радио-телевизија (МРТ). Овој комплексен телевизиски проект покажа дека надополнувањето на формалните наставни програми со квалитетни едукативно-забавни содржини презентирани со современи дигитални алатки резултира со унапредување на целиот образовен процес.

„ТВ Училница“ е прв телевизиски проект во земјава преку кој неформалното образование првпат стана дел од формалниот наставен процес. Креаторите на „ТВ Училница“ посветија големо внимание во креирањето нови, интересни начини за усвојување на наставните содржини кои се лесно прифатливи за децата и дополнително им помагаат да развијат различни социјални вештини. Кон тоа придонесе вклучувањето на популарните ликови од 5+, Лина, Цветко, Дедо Менде, Лука, Ана, Марија, Цвајнштајн и Комшито, како и новиот лик Џаџи Бујар (Чичко Бујар), кои заедно со наставници од основните училишта и воспитувачи од градинките креираа интерактивни, едукативни и забавни содржини преку кои го направија учењето полесно, позабавно и поедноставно за над 250.000 ученици од земјава.

Со платформата 5+ сме дел од неформалното образование веќе 12 години преку различните едукативно-забавни содржини што ги пласираме, но со „ТВ Училница“ првпат бевме дел од импровизирано формално образование што навистина беше голем предизвик за сите. Креиравме содржини кои допреа до децата од сите возрасти и кои во исто време му беа голема поддршка на редовниот образовен процес, што ме прави особено горда. Иако сме долги години дел од образованието на децата, за мене и за целиот тим на 5+ ова е непроценливо искуство кое верувам дека и во иднина ќе го искористиме за натамошно унапредување на едукативните процеси – вели актерката Сања Арсовска, која како ликот Лина беше еден од водителите на „ТВ Училница“.

Учеството во проектот „ТВ Училница“ беше непроценливо и за наставниците и воспитувачите од градинките, кои секојдневно им беа поддршка на актерските ликови од  5+ и со кои заеднички ги презентираа наставните содржини. Со нивното наставничко искуство и знаење, тие преку телевизиските екрани им помагаа на учениците полесно да го совладаат наставниот материјал и да ги завршат зададените задачи. Нивните „часови“ на телевизија траеја по 15 минути и беа наменети за ученици од прво до деветто одделение. Воспитувачите од градинките, пак, презентираа различни едукативно-воспитни активности наменети за деца од претшколска возраст.

За најголемиот дел од наставниците и воспитувачите ова беше прво вакво телевизиско искуство, за кое велат дека од една страна било многу напорно, стресно и исцрпувачко, но од друга страна им донело огромно задоволство од квалитетно завршената работа за која добиле бројни позитивни реакции од учениците, родителите и од стручната јавност.

Поканата да бидам дел од овој проект и предизвикот ги прифатив без размислување. А предизвикот навистина беше огромен. Мораше да се прилагодиме, програмите да ги направиме достапни за сите ученици, да бидат поедноставни, пократки и разбирливи, за да можат нивните мозочиња да ги впијат сите информации што им ги споделувавме преку нашата ТВ училница. Условите во кои се одржуваа нашите часови во МРТ беа максимално безбедни благодарение на целата организација и луѓето вклучени во неа. Децата не беа пред нас, но мислам дека успеавме преку ТВ екраните барем накратко да ги вратиме во училишните клупи – вели Билјана Стојаковска – Дивјакоска, наставник во основното училиште „Круме Кепески“ од Скопје, која беше дел од „ТВ Училница“.

Продеканот на Педагошкиот факултет „Св. Климент Охридски“ во Скопје, професорот Бујар Саити, за потребите на „ТВ Училница“ го осмисли и реализираше ликот на Џаџи Бујар (Чичко Бујар), кој активно се вклучи во наставата на албански јазик.

Моето повеќедецениско искуство во образовно-воспитната дејност ми помогна да го осмислам и креирам ликот на Џаџи Бујар, лик кој ја обедини наставата со децата пред телевизиските екрани. Отсекогаш цврсто сум стоел на ставот дека формалното образование треба да биде следено од неформалното. Платформата 5+ и нејзините ликови со години ја поддржуваат наставата и создадоа ликови-херои кои децата ги сакаат и со кои се поистоветуваат. Тие ликови се доказ за успешност и за проектот „ТВ Училница“, кој претставува успешно продолжение на веќе поставените фундаменти, но овој пат поткрепени и од релевантните институции како неминовност за национално образовно добро – вели професорот Саити.

 

За наставничката Нела Слезенкова – Никовска од основното училиште „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје, „ТВ Училница“ е проект кој на јавноста ѝ го потврди огромното значење на наставниците за општеството, но истовремено ја покажа нивната големина и подготвеност и во кризна ситуација да работат во интерес на децата.

Никој од наставниците не беше однапред подготвен да се соочи со ситуацијата во која се најдовме. Но, како наставници секогаш се снаоѓаме и се справуваме со различни ситуации, па така и со оваа. Затоа морам да кажам дека сите наставници кои беа дел од „ТВ Училница“, што се појавуваа пред камерите, но и оние кои работеа од дома и помагаа оваа состојба да се надмине, се многу храбри, доблесни и општествено одговорни. Навистина е огромна чест да се биде дел од толку значаен проект за образованието и за нашите деца – вели Слезенкова – Никовска која исто така беше вклучена во наставата на „ТВ Училница“.

„ТВ Училница“ се емитуваше на МРТ од 16 март до 10 јуни, следејќи ја образовната програма на македонски, албански, турски, српски, босански и ромски јазик. Заедно со продукцијата „ОXО“ и МРТ, партнери-иницијатори на проектот се и Министерството за образование и наука и УНИЦЕФ. Овој проект го поддржаа и Кабинетот на претседателот на РСМ, Делегацијата на ЕУ во РСМ и Швајцарската агенција за развој и соработка.

За време на реализацијата на проектот „ТВ Училница“, продукцијата ОХО по петти пат беше дел од престижниот меѓународен фестивал за детска телевизиска продукција Prix Jeunesse, каде една од главните теми за дискусија беше „Детска ТВ продукцијата во време на Корона“. На ова издание на Prix Jeunesse ОХО учествуваше со епизодата-мјузикл „Песноден“ од петтата сезона на 5+ Фамилија, по сценарио и режија на Сандра Ѓоргиева и музика на Мите Димовски, за која стручната публика даде многу позитивни критики. На овој фестивал, во 2016 година ОХО освои UNESCO награда за краткиот анимиран филм „Прасето кое сакаше да биде птица“.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

(ВИДЕО+ФОТО) ОМИЛЕНИОТ ТВ СЛАТКАР ВО ГОЛЕМИ ПРОБЛЕМИ – Бади Валастро после тешките повреди и неколку операции:„Прашање е дали воопшто ќе можам да работам!“

Бади се повредил кога се обидел да одглави механизам во куглана што одеднаш застанал, а …