Утре е Духовден: Слегување на Светиот Дух на апостолите – не се оди на гробишта!

Утре се слави Света Педесетница – Духовден (Св. Троица) – педесет дена по Велигден Празник на Светиот Дух и на основањето на христијанската црква

На овој ден се исполнило Христовото ветување за доаѓањето на Светиот Дух – Духот на Вистината, Утешителот, Силата одозгора, ветувањето на Таткото, што Христос им го даде заповедувајќи им на апостолите да не се одалечуваат од Ерусалим додека тоа не се случи.
Празникот Духовден спаѓа меѓу големите Господови празници. Според истражувањата на фолклористот проф,д-р Марко Китевски, овој празник кај народот е познат со повеќе имиња, како Дуовден, Доедни, Свети Дух, Света Тројца, Педестница итн. Се празнува десет дена по Спасовден (Вознесение Христово), а педесет дена по Велигден (Воскресение Христово).
Се вика и Педесетница не само затоа што се празнува педесет дена по Велигден туку и затоа што настанот се случил точно на еврејскиот празник Педесетница што Евреите го празнувале во спомен на денот кога Господ му ги дал на Мојсие законите во Синајската Гора.
Во народот овој празник најчесто е поврзан со душите на умрените, а и обичаите што се изведуваат на овој ден се поврзани со тие верувања.
Духовден се празнува три дена, а првиот ден од празникот секогаш е во недела. Овој е единствен од дванаесетте големи празници што нема претпразненство. Тоа се надоместува со фактот што во текот на целиот период од Велигден до Духовден се чувствува празничното расположение. На овој празник редовно му претходи задушница што се празнува во саботата пред Духовден, кога се изведуваат повеќе обичаи што им се наменети на покојните предци.
Овој ден меѓу народот е познат и под името „Мртва сабота”.
Овие денови се посветени на душите на умрените, и затоа во петокот и саботата се посетуваа гробиштата, се носеше храна, а свештениците се молеа за душите на покојните.
Се верува дека душите на покојните предци доаѓаат од оној свет кај своите најблиски, барајќи од нив храна, вода, но и за да ги видат.
Денска, пак, не се оди на гробишта, бидејќи е Духовден. Тоа не е празник на мртвите, туку празник на Светиот дух и воспоставување на црквата на земјата.

Духовден – педесет дена по празникот Воскресение Христово
Празникот Педесетница, во народот познат како Духовден, е посветен на настанот на слегувањето на Светиот Дух врз апостолите, на педесеттиот ден по Воскресението Христово, односно на десеттиот ден по Вознесението Христово. За време на Својот земен живот, Спасителот повеќе пати им говорел на Своите ученици за доаѓањето на Утешителот, Духот на вистината, Којшто ќе го разобличи светот заради гревовите на луѓето, Којшто ќе ги научи апостолите на благодатниот пат на вистината и правдата и Кој ќе го прослави Христа. Пред самото Свое Вознесение, Исус
го повторил Своето ветување за праќањето на Утешителот: „Ќе примите сила кога на вас ќе слезе Светиот Дух“. После тие Негови зборови, учениците пребивале заедно и во молитва во исчекување на остварувањето на ова ветување Христово. Слегувањето на Светиот Дух се јавило со шум и над  секој од апостолите се појавил огнен јазик. Тие се исполниле со Светиот Дух и почнале да говорат на различни јазици. Бидејќи сите Свети Таинства во Црквата се случуваат преку Светиот Дух, овој празник се смета за роденден на Црквата.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

ГРАД СКОПЈЕ ПОТПИША МЕМОРАНДУМ ЗА СОРАБОТКА СО НАЦИОНАЛНИОТ СОЈУЗ НА СЛЕПИ

Заради поефикасно остварување на социјална грижа за слепите лица, нивна поголема мобилност, вклучување во општествените …