Антолог ја претстави „Клуб на обожаватели“ од Горан Трибусон

Издавачката куќа Антолог од Скопје со големо задоволство во рамките на проектот Читаме заедно! (United we read!) ви ја претставува книгата КЛУБ НА ОБОЖАВАТЕЛИ од хрватскиот автор Горан Трибусон

Горан Трибусон (1948) е хрватски писател. Магистрирал филмологија. Работел како уредник во „Школска книга”. Редовен професор е по филмско сценарио. Пишува телевизиски и филмски сценарија. Член е на Хрватската академија на науките и уметностите.

Критичарите го декларираат како еден од најважните претставници од генерацијата на борхесовците. Неговите романи се автобиографски и генерациски, со елементи од популарната култура и од митологијата на секојдневјето.

Маргините на градот се преплавени со приказни. Друштвата што произлегуваат од нив сами по себе се книжевни ликови. „Клуб на обожаватели” донесува четири раскази во кои се раскажуваат неколку необични судбини, смешни и полни со пресврти, судбини за неколку веќе средовечни другари од приградската населба Плинара.

Педесетгодишниците ги свлекоа фармерките, ги заврзаа сложените јазли на вратоврските, некои од нив тешко се разболеа и се соочија со фактот дека ветувањата биле празни и дека гротеската е единствената работа што има шанси во светот што толку сериозно се занимава со работи што ним им изгледаат трагикомични.

Со својот однос кон минатото и зборувањето за сегашноста, „Клуб на обожаватели” потсетува на најдобрите страници на Трибусон, авторот што со своето чувство за доловување на стварноста и живописноста на дијалозите ги исполнува централните простори на хрватската проза свртена кон секојдневјето.

Во изданието на „Клуб на обожаватели” на македонски јазик преводот од хрватски е дело на Владимир Јанковски, а графичкото уредување е на Марко Трпески. Книгата е објавена со поддршка на програмата Креативна Европа на Европската Унија.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Излезе нов број од списанието „МАКЕДОНИКА“

Во најновото издание на списанието „Македоника“, двобројот 23-24, што го издава Друштвото за издавачка дејност …