Денеска е спомен на Светиот апостол Андроник: Имал сила на чудотворец!

Според календарот на МПЦ денеска е Св. апостол Андроник.

Еден од седумдесетте Апостоли. Роднина на светиот апостол Павле, како што пишува самиот Павле (Рим. 16, 7), спомнувајќи ја и света Јунија, помошничката на Андроник. Андроник беше поставен за епископ на Панонија, но не живееше на едно место туку го проповедаше Евангелието по цела Панонија.

Со света Јунија тој успеа да приведе кон Христа многумина и да разори голем број идолски храмови. Обајцата имаа благодатна сила на чудотворство, со којашто ги изгонуваа демоните од луѓето и исцелуваа секаква немоќ и болест. Обајцата пострадаа за Христа и така примија двоен венец: и на апостолство и на мачеништво. Нивните свети мошти се најдени во Евгениските предели (забележано под 22 февруари).

Светиот маченик Николај Софиски


Роден во гратчето Јанина во семејство на благочестиви родители. Само што научи да чита, почна да поминува денови и ноќи во проучување на душеспасителни книги. Особено сакаше да ги чита житијата на светите и да ги подражава нивните подвизи. Кога порасна го изучи чевларскиот занает и со својот труд не само што ги хранеше родителите, туку и даваше обилна милостина. Беше благоразумен, добар, убав и строен. Турците не ги сакаа таквите христијани, па тој беше принуден да пребега во Софија. Но, и тука го привлече вниманието на Турците кои решија да го преобратат во ислам. Во една пригода, го повикаа на ручек кај некој знаменит човек и во пијалокот му ставија средство за спиење. Штом Николај заспа со цврст сон, тие над него го извршија муслиманскиот обичај на обрезание. Кога се разбуди, тој многу го оплакуваше ова исмевање над себеси, и се реши да пострада за Христовата вера. Тој го проколна лажниот пророк Мухамед, и заедно со него и лажната вера. Озлобените Турци тепајќи го, го одведоа на суд. Во текот на судењето, еден од нив го удри толку силно што му ја скрши вилицата и му ги повреди очите. Но, таа ноќ, во затворот, Господ го исцели, и сите што го видоа тоа се восхитија. Следниот ден, судот го прогласи за невин, но и покрај тоа, фанатичната толпа муслимани го извлече надвор од градот и го погуби со каменување. Тоа се случи на 17 мај 1555 година. Телото на маченикот беше изгорено, а пепелта растурена на четирите страни на светот, согласно на указите од Куранот. Од маченикот христијаните успејаа да зачуваат дел од черепот, и неколку недогорени коски, кои потоа беа положени во храмот кој беше подигнат на тоа место, во чест на маченикот.

Светиот маченик Солохон
Родум Мисирец и римски војник под војводата Кампан, во времето на царот Максимијан. Кога дојде царска наредба сите војници да им принесат жртви на идолите, Солохон се изјасни како христијанин. Истото тоа го направија и неговите двајца другари: Памфамир и Памфалон. Војводата нареди и ги биеја и ги мачеа со страшни маки, под коишто Памфамир и Памфалон издивнаа. Солохон остана и натаму жив и го ставија на нови маки. Така војводата нареди со меч да му ги отворат вилиците и да му истурат во устата од идолската жртва. Маченикот со заби го скрши железото и не го прими во себе идоложртвеното. Најпосле низ двете уши му прободоа писарско перо и така го оставија да умре. Христијаните го зедоа маченикот и го однесоа во домот на една вдовица, каде што малку закрепна од храната, па продолжи да ги советува верните да бидат истрајни во верата и во маките за неа. Потоа Му вознесе благодарност на Бога, го заврши својот земен живот и се престави кај Господ во Небесното Царство, во 298 година.

Свети Стефан, патријарх Цариградски
Син на царот Василиј Македонецот, и брат на царот Лав Мудриот. На патријаршискиот престол дојде после Фотиј и со Црквата Божја управуваше од 889 до 893 година. Мирно се упокои и се престави пред Господа, Когошто многу Го љубеше.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

За изминатите 24. часа во Македонија, после 1188 тестирања, регистрирани се 85. нови случаи на ковид 19: Оздравени се 42. пациенти – починати се 4 лица

Министерството за здравство информира дека во последните 24 часа се направени 1188 тестирања, а регистрирани …