НЕКОМУ МАЈКА, НЕКОМУ МАЌЕА – Од „Храбро срце“ со многу прашања до ФЗО кое четири месеци ги игнорира нивните барања?

Првата трансплантација на срце од починат донор во Македонија им даде малку надеж на членовите на „Храбро срце“ дека нивните најголеми грижи конечно ќе почнат да се решаваат…
„Нашето барање кое е доставено до ФЗО е заглавено во фиоката на господин Игор Нелоски и веќе четири месеци се чека на негово разгледување и одобрување. Апелираме под итно гореспоменатиот субјект да го разгледа барањето и да даде одговор“, велат од Здружението.

Од „Храбро срце“ информираат дека заклучно со денеска се извршени сите т.н. HLA типизации на пациентите за компатибилноста на евентуалниот орган што ќе се добие во иднина и тоа на терет на ФЗО. Благодарност до надлежните што го слушнаа нашиот глас и конечно, работите се придвижија, соопштуваат од здружението „Храбро срце“.

Оттаму велат дека Министерството за здравство и националниот координатор за трансплантација д-р Маја Мојсова во соработка со болничките координатори во кардиохируршките болници ги комплетирале сите HLA типизации, така што од овој момент сите пациенти на кои им е потребна трансплантација на срце, независно дали имаат механичка циркулаторна потпора или се без никаква потпора, сите се типизирани и се на националната листа за трансплантација на срце.

Тие упатуваат благодарност до гореспоменатите институции кои и покрај актуелната состојба со ковид-19, одговориле на јавниот повик, ја презеле одговорноста и го направиле првиот чекор за ваквите пациенти.

Од друга страна, пак, додаваат оттаму, ФЗО сè уште нема дадено никаков одговор на нивните барања, па како што велат, следната активност на здружението ќе биде итно закажување состанок со надлежните во делот за здравствени пакети за конечно да се добие одговор на барањето доставено во архивата на ФЗО уште во јануари годинава.
„Операцијата за вградување на овие пумпи ја покри ФЗО, благодарност за тоа, но тие воопшто не размислувале за пост-оперативниот период, па така, пациентите оперирани во ‘Жан Митрев‘ секоја контрола си ја плаќаат од свој џеб. Тука се лабораториите, ехокардиографските прегледи, преврските, несаканите следни хоспитации, мониторирање на вградената апаратура и сл. Материјалите за преврските си ги плаќаме од свој џеб, прескапо е, батериите се многу скапи, една чини 1.100 евра а имаме од 4. до 8. такви батерии кои се менуваат на 2-3 години. Во светот сите овие гореспоменати работи ги покрива државата. А, кај нас има дискриминација, зашто единствено двајца членови од нашето здружение кои се оперирани на државна клиника не плаќаат ништо,  тие кои се оперирани во странство делумно плаќаат, ФЗО им ги покрива контролните прегледи, а останатите седуммина оперирани во ‘Жан Митрев’ се третираат како граѓани од втор ред и за нив не важат истите правила, што е апсурд“, велат од здружението.

Оттаму го поставуваат прашањето дали овие седуммина пациенти се можеби осигуреници на друга држава.

„Можеби, тие плаќаат пензиско и здравствено осигурување на некоја друга држава, па затоа немаат подеднакви права со другите четворица. Ако веќе ФЗО одобрил да се извршуваат овие импланти во сите три кардиохирурши центри во државата, не може да не го зема предвид постоперативниот период на овие пациенти кој и тоа како е важен за нивно нормално функционирање до моментот до трансплантација. Од оваа институција бараме итен одговор зошто и онака доволно е комплициран нашиот живот, уште и маки да мачиме за снаоѓање за финансии на овие прескапи материјали кои се неопходни за нашите пациенти да живеат. Праксата во другите држави (Хрватска, Словенија, БИХ итн.), покажува дека ваквите пациенти се под закрила на државата почнувајќи од сите неопходни материјали за преврски (кои ни малку не се евтини, а се за еднократна употреба на неделно ниво), па сè до несакани следни хоспитализации и замена на батериите по истекот на нивниот животен век“, соопшти здружението.

„Храбро срце“ информира дека засега моменталниот број на ваквите пациенти е вкупно 11.
„Моменталниот број на ваквите пациенти е вкупно единаесетмина, што значи, ние сме поретки и од ретките, ние не сме бројка од стотина или двестемина, туку сме засега единаесетмина (двајца починаа) за кои ФЗО може и треба да ги одобри пакетите за секој пациент независно каде е опериран. Нашето барање кое е доставено до ФЗО е заглавено во фиоката на господин Игор Нелоски и на негово разгледување и одобрување се чека веќе четири месеци. Апелираме под итно гореспоменатиот субјект да го разгледа барањето и да даде одговор“, велат од Здружението.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

(ВИДЕО) Солени галети на баба

Потребно е: 300 г брашно (интегрално) 100 г путер 1 јајце 2 лажици сончоглед 2 …