Влошена состојбата на првиот пациент, со вградени пумпи во срцето, во Македонија: Потребна е трансплантација

Влошена е здравствената состојба на Христијан Неделковски (31) кој веќе осум години живее приклучен на батерии, со вградени две пумпи во срцето (БИВАД), интервенција која беше направена во болницата „Херцентрум“, во Берлин. Тој е примен на одделот за интензивна нега во Државата кардиохирургија, откако пумпите алармираа дека нешто се случува со неговото срце. Христијан е првиот пациент на кого му беа вградени пумпи во срцето пред осум години, а рокот на траење на овие пумпи е пет години.
Христијан во февруари годинава алармираше за проблемот кога заедно со Исмет Хаџиу единствениот пациент со вештачко срце, (кој почина пред неполн месец), беа гости во емисијата ПРОЦЕС на НОВА.
„Ситуацијата е алармантна. Неговата здравствена состојба е влошена, тешко дише, намалени се параметрите и пумпите цела ноќ алармирале, свиреле. Сега е хоспитализиран и ставен на кислородна маска. Бараме институциите да ја преземат одговорноста, да се спаси неговиот живот, без разлика дали ќе му се помогне во државата или во странство“, изјави Ирена Ралева Најдовска, член на Здружението „ Храбро срце“, кои активно се залагаат да им се помогне на овие пациенти.

Христијан живее приклучен на батерии со придружна опрема тешка 7-8 килограми и од која е невозможно да се одвои кога спие, се движи, се бања. Вештачкото срце или пупмите кои се вградуваат во развиените земји се само преодна фаза додека се најде срце и направи трансплантација.
„На нас времето времето на живот ни е ограничено. Ако немаме поддршка од ФЗО и од Министерството за здравство добрата приказна, ќе стане лоша приказна. Ќе си заминеме еден по еден“, вели за НОВА, Даниел Тодоровски, претседател на здружението„Храбро срце“, кога објавивме дека почина единствениот пациент со вештачко срце, Хаџиу.
Во моментот во државата има над дваесттина пациенти кои имаат потреба од трансплантација на срце, десеттина од нив немаат никаква механичка поддршка, а останатите имаат вградени пумпи и или механичко срце. Во државната кардиохирургија интервенција беше извршена на тројца пациенти, едниот почина. Двајца други кои се оперираа во Систина починаа, едниот од нив една година по операцијата.
Освен Христијан кој има вградено две пумпи( БИВАД) има и една 28. годишна девојка на која и е вградена една пумпа(ЕРВАД). Операцијата кај Кристијан чинеше 460.000 евра, а откога помина рокот на траење од 5. години, тој живее со многу компликации.

Трансплантацијата чини три пати помалку од вештачкото срце и вградувањето на пумпи и изнесува од 85. 000 до 100.000 евра.
Од здружението уште пред неколку месеци бараа да се започне со итна кампања за органодарителство, да може покрај бубрези тука во државата, со помош на странски лекари да се врши и трансплантција на срце. Поднеле и барање и до ФЗО за здравствени пакети за овие пациенти бидејќи услугите постоперативно сами си ги плаќаат, но одговор не добиле.
НОВА објави неколку стории на оваа тема, а во февуари годинава во ресорното министертво најавија дека годинава за прв пат трансплантацијата на срце е вклучена во Програмата за трансплантација, а предвиден е и буџет за нејзина реализација.
Од таму потенцираа дека се изработува софтверот и се подготовува Националната листа за трансплантација за срце по одредени параметри на која во моментов се наоѓаат сите пациенти од три медицински центри во државата( Универзитетска клиника за кардиохирургија, Клиничка болница Аџибадем Систина и Жан Митрев Клиника).
Инаку, не постои можност пациентите кои имаат потреба од трансплантација на срце тоа да го направат во странство, а пресадување на срце во државата се уште не се врши.
Од Канцеларијата на Националниот координатор за трансплантација во Министерството за здравство објаснија дека националните системи се конципирани на тој начин што предност во трансплантацијата имаат само државјаните на земјите во кои таква програма постои. Истото важи и за членките на Еуротрансплант, а за да нашата држава се приближи до членство мора да исполни повеќе услови.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

(Фото Галерија) На ова 8. годишно момче му бил дијагностициран аутизам: Мајка му ја открива тајната како „го отклучила“

Мајка од Аризона била „со скршено срце“ кога на нејзиниот син му бил дијагностициран аутизам, …