(ВИДЕО) Премиера на „Тука сме“ македонска верзија на „Let it be“ – музичка молитва посветена на борбата со КОВИД!

Пред извесно време пишувавме за идејата на Ѓоко Ѓорчев, да се сними песната „Тука сме“, на музика на антологиската „Let it be“ од „Битлси“…но пораката е за нашата денешна ситуација, за животот со корона вирус…
Кажано сторено. Песната е снимена, а видеото со „Тука сме“ се појави денес, точно во 12. часот…

„Хитот на легендарните „Битлси“, „Let it be“, заедно со моите пријатели го преработивме во рок-манир, со македонски текст што го напиша Огнен Неделковски и се вика „Тука сме“. Ова е порака од нас до сите луѓе во Македонија во борбата со невидливиот непријател, ковид-19. Иако сите живееме со овој глобален проблем, се надеваме дека ние пејачите и музичарите со нашите онлајн активности барем малку придонесуваме во создавањето на малку порелаксирана атмосфера во многу домови. И преку оваа песна сакаме да внесеме малку надеж и малку среќа во секој дом, а им ја посветуваме на сите што се борат против опасниот вирус и на медицинските лица што им помагаат на болните на оздрават“, велиидејниот вроец на проектот „Тука сме“, Ѓоко Ѓорчев.
Без оглед што во изведбата на песната учествуваат потврдени изведувачи, сепак, текстот на Огнен Неделковски дава посебен впечаток со својата длабочина и љубов

„Песната е посветена на сите луѓе, кои секојдневно се борат со злото наречено Корона вирус, со акцент на сите медицински работници, кои и го жртвуваат својот живот во таа борба. Воедно, песната е посветена и на сите кои го загубија својот живот од оваа чума на 21-от век. Песнава е и молитва за подобро здравје и спас на сите луѓе кои што се лечат од Ковид 19 ширум светот. Текстот поставува и прашања. Зошто ни се случи ова се’? Дали скапо ги плаќаме своите грешки и дали ќе извлечеме некој паметен заклучок од сето ова? Од мал ги сакам сите песни на ‘Битлси’ и ова беше голем предизвик за мене. Се надевам дека бев на висина на задачата и благодарен сум на мојот долгогодишен пријател и соработник Ѓоко Ѓорчев, што ми даде можност да бидам дел од оваа проказна. Се разбира, ексклузивно ја слушнав песната пред сите и воодушевен сум од одличниот аранжман на Филип и од прекрасните вокали на сите кои што ја изведуваат. Се надевам дека наскоро сите ние ќе пееме за поубави нешта“, ни рече авторот на текстот Огнен Неделковски..

Освен Ѓоко Ѓорчев, во проектот учествуваат и други врвни пејачи и музичари: Катерина Танева од групата „Нели ти реков“, Катерина Брезева од групата „Соната“, „Трио Џентлмен“, Кристина Палија, Ирена Стевановска и Филип Стевановски. Тој го направи и аранжманот за песната, а во неговото студио се снимени и дел од вокалите, но материјалот е реализиран и во други студија. Завршниот микс и видеото беа работени во „ФИС Продукција“.

„Да се работи со сите овие професионалци што ги имаме и што се дел од овој проект е голема чест и задоволство, секој на свој начин ја претстави песната, како продуцент на аудиото и видеото можам да кажам најпозитивни зборови за сите од нив. Благодарност до иницијаторот на овој проект Ѓоко Ѓорчев што со неговата енергија и професионалност она што го бараше и го доби, а навистина знаеше што сака. Благодарност и честитки од мене како продуцент на сите кои се дел од овој проект. Од мене едно големо БРАВО“, искоментира Филип Стефановски кој сето ова го „заокружи“ во песна и спот.

„ Целиот овој проект беше моја замисла и многу ми е драго што за многу кратко време успеваме да го реализираме докрај заедно со моите колеги, кои веднаш со големо задоволство прифатија сево ова заедно да го направиме. Се разбира, добивме поддршка и од неколку спонзори што застанаа зад проектот, како „Бовин“. Но, она што ми прави посебно задоволство е што во ова време – невреме можеме да се пофалиме со еден комплетен студиски производ и да покажеме дека кога се сака се може“, вели Ѓорчев.

Г.О.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Најзастрашувачкото лице на вестерн филмовите ја загубило битката со ракот

Актерот, кој често играше страшен човек, како во филмовите наградени со Оскар „In the heat …