Во издание на МАКЕДОНИКА ЛИТЕРА ОБЈАВЕНА КНИГАТА „ВО ВРЕМЕ НА ЕПИДЕМИЈА“ ОД ПАОЛО ЏОРДАНО

„Македоника литера“ ја објави книгата на познатиот италијански писател Паоло Џордано „Во време на епидемија“, во превод од италијански јазик на Анета Симовска.

По италијанското издание, објавено пред четири недели, речиси истовремено книгата се објавува во 29 земјо од 31 издавач. Првите реакции на читателите во светот се над сите очекувања. На пример, првиот ден по објавувањето само во Јапонија беа продадени повеќе од 200.000 примероци од електронското издание преку `Амазон Јапонија`, а во Франција повеќе од 150.000 примероци, исто така првиот ден. Веднаш стигна на врвот на топ-листите на најбараните книги. Многу престижни светски дневни весници и списанија веднаш ѝ посветија големо внимание на книгата, отстапувајќи цели страници или и насловни страници. Огромен новински простор отстапија: Њујорк тајмс, Фајненшел тајмс, Сандеј тајмс, Л Монд, Ел Паис, Тајмс…


Профитот од објавувањето на оваа книга ќе се донира во добротворни цели за научни истражувања и за мерките за управување со оваа здравствена состојба.

„Не се плашам да се разболам. Тогаш од што се плашам? Од сѐ што епидемијата може да промени. Да открие дека оклопот на човештвото што го знам е кула од карти. Се плашам од поништување, но и од неговата спротивност: дека стравот ќе помине без да нѐ промени однатре“ – пишува Паоло Џордано во своите есеизирани и луцидни приказни од својата карантинска епизода.


Паоло Џордано книгата ја пишува во еден здив, за време на карантин. Таа е исклучително елегантна и суштинска со есеизирано раскажување и со размислувања за сосема новата ситуација и за трансформациите на современото општество и културата. Широкиот опсег, капацитетот и здивот на оваа книга веднаш беа разбрани во целиот свет и духот на оваа книга се чувствува во многу земји, затоа што сите се соочуваат со глобална криза. Токму поради тоа, како и поради стилот и пристапот на авторот, оваа книга многу брзо беше преведена и објавена во многу земји.


„Епидемијата на CoViD-19 е кандидат за најважната здравствена итна состојба на нашето време. Ја открива комплексноста на светот во кој живееме, на неговите социјални, политички, економски, интерперсонални и психички логики. Тоа низ што поминуваме има супер идентитет и супер културен карактер. Потребен е напор на имагинацијата затоа што во нормален режим не сме навикнати да го правиме ова: да се видиме нераскинливо поврзани со другите и да го земеме предвид нивното присуство во нашите индивидуални избори. Во епидемија ние сме единствен организам, заедница која ја разбира комплетноста на човечките суштества. Во време на епидемија недостигот на солидарност пред сè е недостиг на имагинацијата.“

Паоло Џордано (1982) е еден од најзначајните и најпродаваните италијански писатели. Доктор е по физика и е автор е на четири романи: Осаменоста на простите броеви (2008, Награда Стрега и Награда Оперска Прима Кампело), ​​Човековото тело (2012), Црна и сребрена (2014 и 2017) и Да се проголта небото (2018 и 2019). Добитник е највисоката книжевна награда во Италија „Стрега“. Неговите романи се објавени во педесетина земји, како и во Македонија. Пишува и за театарот, соработува со „Кориере дела Сера“.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Рок легендите АРЕА вечерва ќе настапат на Дојран Рок Фест

Здружението Андерфест ќе го одржи второто издание на Дојран Рок Фест. Оваа година фестивалот ќе се …