Денес е спомен на свети Кирил, епископ Јерусалимски: Голем борец за верата и Православието!

Свети Кирил, архиепископ Јерусалимски

Роден е во Јерусалим во времето на Константин Велики, а умре во времето на Теодосиј Велики (315–386). Во 346 година го посветија за свештеник, а во 350 година го наследи на престолот блажениот јерусалимски патријарх Максим. Трипати го симнуваа од престолот и го испраќаа во прогонство, додека најпосле во времето на Теодосиј не го вратија, па проживеа мирно уште осум години и Му ја предаде душата на Господа. Тој имаше две тешки борби: од една страна со аријанците кои се засилија во времето на Константиновиот син Констанциј, а од друга во времето на Јулијан Отстапник, со овој цар отпадник од верата и со Евреите. Во времето на силата на аријанците на денот на Педесетница се јави знакот на Крстот, посветол од сонце, се простираше над Јерусалим и над Елеонската Гора. Ова траеше неколку часа, а почна во девет часот наутро. За оваа појава што ја видоа сите жители на Јерусалим му пишаа и на царот Констанциј и тоа на мнозина им послужи за утврдување во Православието, а против аријанската ерес. Во времето на царот Отстапник се случи друг знак. За да го понижи христијанството, Јулијан ги наговори Евреите да го обноват Соломоновиот храм. Свети Кирил Му се молеше на Бога тоа да не стане. И имаше страшен земјотрес којшто урна сè што беше обновено на храмот. Тогаш Евреите почнаа одново да градат. Но, повторно фати земјотрес и го урна не само новоизграденото туку и старите камења кои уште се држеа на земјата. Така се обвистини зборот Господов: „ни камен на камен овде нема да остане“. Од многубројните списи на овој свет отец зачувана е само неговата „Катихетика“, првокласно дело што ја потврдува верата и праксата на Православието до денешен ден. Овој светител беше необичен архипастир и голем подвижник. Се одликуваше со смирение и кротост, а сиот беше испостен и блед во ликот. После многуплодниот живот во подвиг и витештво за верата во Христа, мирно се упокои во Господа.

Свети Анин Чудотворец
Родум од Халкидон. Според растот малечок како Закхеј, но со духот и во верата голем. Во петнаесеттата година се одрече од светот и се насели во една визба во близина на реката Еуфрат и таму принесуваше покајание и молитви, најпрво при својот учител Мајум, а по неговата смрт сам. Со силата на својата молитва еден сув бунар го наполни со вода и исцелуваше болни од разни болести и маки и ги скротуваше ѕверовите. Еден скротен лав постојано живееше кај него во послушание. Имаше дар на прозорливост на далечина. Кога еден столпник кој живееше недалеку од него го нападнаа разбојници и толку го изнатепаа што овој намисли да слезе од столбот и да оди да ги обвини кај судиите, свети Анин ја прозре неговата душа и намерата и по својот лав му испрати писмо во коешто го молеше да ја остави таа намера, да им прости на напаѓачите и да си го продолжи подвигот. Беше неискажливо милосрден. Епископот Неокесариски му подари едно магаре за да му го олесни носењето вода од реката, но тој му го подари магарето на еден сиромав кој му се пожали на својата сиромаштија. Епископот му даде друго магаре, но тој и тоа го подари. Тогаш епископот му даде трето магаре, но само на заем, како водоносец, со тоа што би морал да го чува и да му го врати. Пред својата смрт овој светител виде како му доаѓаат Мојсеј, Аарон и Ор, кои го повикаа: „Анине, Господ те вика, стани и појди со нас!“ Им го откри ова на учениците и Му го предаде својот дух на Бога. Се упокои на возраст од 110 години.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Дали ќе се врати карантинот: Се предлага продолжен викенд за Скопје, Тетово, Штип и Куманово од утре 21. до понеделник до 05. часот!

По денешната седница, предлогот на Комисијата за заразни болести е да се воведе карантин за …