аойш аеш 2014 цймен амерй оеш

Израелскиот поет Амир Ор е добитникот на наградата „Златен венец“ на СВП за 2020 година

Добитник на „Златен венец“ за 2020 година, главната награда на „Струшките вечери на поезијата“, е израелскиот поет, романописец и есеист Амир Ор.

Според востановената традиција, оваа одлука се соопштува од Управниот одбор и Дирекцијата на фестивалот „Струшки вечери на поезијата“ на Свечена седница, што се одржува во Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), но заради почитување на мерките за заштита од COVID-19, се ограничуваме на соопштение до медиумите.

Наградата на лауреатот ќе му биде врачена на поетското читање „Мостови“, една од централните манифестации на  годинешното издание на фестивалот, предвиден да се одржи од 26 до 31 август.

Во образложението на одлуката, проф. д-р Елизабета Шелева, претседател на Управниот одбор на „Струшките вечери на поезијата“,потенцира:

Амир Ор е интригантен автор, кој доаѓа и се надоврзува на една, исклучително богата, интригантна и влијателна книжевна и културна традиција, како што е хебрејската, која себеси постојано се градела низ вековите како своевиден палимпсест и синтеза на плодоносни гео-културни вкрстувања и разновидни творечки  практики.

Уште на прв поглед и читање, творештвото на Амир Ор плени со својата вибрантност и енергетски полнеж, непресушниот копнеж и радикалната потрага по новото и непознатото, извонредната сугестивност на лирската интонација, како и повеќеслојната симболика на античката митологија, што моќно ги проникнува овие, дијалошки обликувани стихови и молбени обраќања кон лирското Ти – кон Другиот/Другата.

Поезијата на Амир Ор е впечатлива, приемчива, поезија која не му дозволува на читателот да остане рамнодушен, изобилно натопена со својот сочен, свеж, императивен јазик, со танцувачкиот динамичен ритам на стихот, со комплексните, емоционални и духовни немири, изнедрени „директно од бедрото“.

Амир Ор е водечки израелски поет, писател и есеист, познат како главниот глас на новата генерација од светската книжевност. Автор е на 13 збирки поезија, од кои најнови се: Плен – избрани песни 1977-2013 (2013), Крилја (2015) и Дете (2018). Неговите песни се преведени на 50 јазици и биле објавени во поетски списанија, антологии и книжевни веб-страници, како и во 33 книги низ Европа, Америка и Азија. Негови романи се Песната на Тахира (2001), фиктивна епопеја во стихови, и Кралството, роман за животот на кралот Давид.

Ор е добитник на израелски и меѓународни поетски награди, како што се: писателската награда „Фулбрајт“ во 1993 г., признанието „Плејади“ во 2000 г. за неговиот „значаен придонес кон модерната светска поезија“, наградата „Бернстајн, „Премиерската награда за литература“ во 1996 г., наградата „Оенеум“ на Тетовскиот поетски фестивал во 2010 г., „Поетската награда за песна посветена на виното“ во 2013 г. од Струшките вечери на поезијата, меѓународната награда „Стефан Митров Љубиша“ од Градскиот театар „Будва“, наградата „Европски атлас на лириката“ во 2016 г., наградата „Светот низ поезија“ во 2017 г. од Блу Мет Монтреал за „неверојатната длабочина и квалитет на неговата поезија“, наградата „Европски Хомеров медал за поезија и уметност“ во 2019 г., наградата за животно достигнување на директоратот „АКУМ“ во 2020 г., како и бројни стипендии од Универзитетот Ајова, Еврејскиот институт на Универзитетот Оксфорд, Фондацијата „Валпараисо“ од Шпанија, „Замок Хоторнден“ од Шкотска, Ирската фондација „Хајнрих Бел“, Фондацијата „Ле Трел“, како и „Прага, град на културата“ на УНЕСКО, меѓу другите.

Амир Ор на хебрејски превел 10 книги проза и поезија, меѓу кои: Евангелие по Тома, Растргнувачки копнеж – антологија на грчка еротска поезија, Приказни од Махабхарата, како и преводи на модерни поети, како Шејмас Хини, Ан Секстон, Шунтаро Таникава, Џиди Маџија, Фиона Сампсон и Анастасис Вистонитис. Неговите избрани преводи Од еврејската страна беа објавени во 2017 г. За неговите преводи од старогрчки јазик, тој е добитник на Почесната награда од израелското Министерство за култура.

Ор е роден во Тел Авив, 1956 г. Неговите баба и дедо емигрирале од Полска во 1930-тите и пристигнале во Израел како ционистички пионери. Тој е потомок на прославена династија рабини, меѓу кои Елимелех од Лежајск и Раши, чие фамилијарно стебло се протега дури до кралот Давид. Во неговите дваесетти, Ор живеел неколку години во Холандија и во Индија каде што учел медитација и техники за личен развој. По враќањето во Израел, тој основал центар за медитација и терапија, како и спиритуална заедница во Ерусалим. Студирал филозофија и компаративна религија на Еврејскиот универзитет во Ерусалим каде што и држел предавања за античката грчка религија.

Во 1987 г. Ор дебитира со Гледам низ очите на мајмунот за која ја добива книжевната награда „Хари Харшон“ на Еврејскиот универзитет. Неговите книги Лица (1991), Откупнина на мртвите (1994), Па! (1995) и Песна (1996) следат потоа. Објавил голем број написи, статии и есеи за книжевност, општество, компаративна религија и за класиците, а пишувал и книжевна колумна за „Хаарец“. Неговите избрани есеи Дискурс беа објавени во 2018 г. (Hakibutz Hameuhad publishers, TA).

Во 1990 г. Ор го основа Друштвото Хеликон за напредок на поезијата во Израел. Во 1993 г. ја формира Арапско-еврејската поетска школа Хеликон, каде што развива пионерски интегрирани методологии за учење на креативно пишување. Ор предавал во Израел, САД, Европа и Јапонија. Во 2001 г. го основал Меѓународниот поетски фестивал „Шаар“ и работел како негов уметнички директор.

Ор работел како главен уредник во списанието Хеликон, како и на серијата поетски збирки издадени подоцна. Бил уредник и на други книжевни списанија, како и на неколку антологии од хебрејски и на различни европски јазици. За неговите уреднички придонеси, тој е добитник на Наградата за уредништво на Министерството за култура во 2017 година.

Ор е национален координатор на проектот „Поети за мир“ поддржан од ОН, основач на Светското движење за поезија и на Европската асоцијација на програми за креативно пишување.

Во поздравното обраќање до македонската јавност, Амир Ор нагласува:

„Не можам да искажам колку возбуда и задоволство ми причини веста за добивањето на наградата Златен венец. Струга е преплетена во моето поетско патување над 20 години, откако мојата книга Давејќи се, дишам жива вода беше објавена во едицијата Плејади во 2000 година, долги години пред мојата избрана поезија да биде објавена на српски или бугарски јазик. Бев сведок преполн со восхит на овој годишен собир на истакнати претставници на нашата Меѓународна поетска република, кога Бонфоа, Транстромер и мојот пријател В. С. Мервин беа добитници на престижниот Златен венец на поезијата, и со враќањето тука во 2020 година како лауреат, чувствувам дека мојата работа е наградена заради тоа што овде се има слух и љубов за поезијата . Кога се враќам во Струга и Охрид, знам дека сум помеѓу луѓе кои читаат поезија, луѓе со префинет вкус за поезија, кои имаат потреба за почит кон уметноста на поезијата, луѓе кои ја разбираат нејзината длабока вредност и уникатно значење преполно со мудрост, убавина и дијалог, со мечта и креативност, како и со слободата индивидуално да размислуваме и да чувствуваме.“

 

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Донација на Филхармонија за Универзитетската клиника за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје

НУ Филхармонија се откажува од Договорот со Министерство за култура за меѓународно претставување на институцијата …