Денеска е спомен на Свети Мелетиј, архиепископ Антиохиски: Живот со мисија за Синот Божји!

Македонската православна црква денеска го одбележува споменот на Свети Мелетиј, архиепископ Антиохиски, Свети Алексеј митрополит Московски и преподобна Марија…

Свети Мелетиј, архиепископ Антиохиски
Овој голем и свет маж беше извонреден толкувач и заштитник на Православието. Сиот негов живот беше посветен на борбата против ариевата ерес која што не Го признаваше Синот Божји за Бог и хулеше на Пресвета Троица. Еретиците трипати го оддалечуваа од неговиот архиепископски престол на прогонство во Ерменија. Борбата меѓу православните и еретиците се водеше толку огорчено, што еднаш кога свети Мелетиј му зборуваше в црква на народот за Божествената Троица во единство, неговиот сопствен ѓакон, еретик, притрча и му ја затвори устата на владиката со рака. Не можејќи да зборува со јазикот Мелетиј зборуваше со знаци. Имено, ја подигна раката нагоре, ги отвори прво трите прста и му ги покажа на народот, потоа ја склопи раката и подигна еден прст. Учествуваше на Вториот Вселенски Собор, каде што уживаше особени почести од страна на царот Теодосиј. На тој Собор Бог покажа чудо преку овој свет архијереј: кога Мелетиј им ја докажуваше на ариевците догмата за Света Троица, тој прво подигна три прсти, раздвоено, еден по еден, па потоа ги склопи во едно. Во тој миг пред сите присутни од неговата рака блесна светлина како молња. На тој Собор свети Мелетиј го утврди Григориј Богослов на Цариградскиот престол. Порано тој го ракоположи свети Василиј Велики за ѓакон, а го крсти свети Јован Златоуст. По завршувањето на Соборот го заврши и својот овоземен живот во Цариград. Неговите мошти се пренесени во Антиохија.

Свети Алексиј, митрополит Московски
Голем јерарх на Руската Црква во времето на тешкото ропство на рускиот народ под Татарите. Еднаш, во детството, ловејќи птици заспа и во сон слушна глас: „Алексиј, зошто залудно се трудиш? Ќе те направам ловец на луѓе“. Во својата дваесетта година се замонаши и со време стана митрополит московски. Двапати одеше во татарската златна орда; првиот пат за да го ублажи гневот на канот Вердевир против рускиот народ, а вториот пат на повик од канот Амурат за да ја исцели жена му од слепило. Оваа жена беше слепа три години, но оздраве и прогледа кога Алексиј ѝ прочита молитва и ја помаза со осветена водичка. После страдалниот и многуплоден живот се упокои во 1378 година во осумдесет и петтата година од животот и се пресели во дворците Господови.

Преподобна Марија
Девојка со машка храброст. По смртта на нејзината мајка, татко ѝ посака да се замонаши. Но, Марија не сакаше да се раздели од својот татко, па по договор обајцата се упатија во еден машки манастир, и тоа Марија со потстрижена коса и во машка облека, како момче. Умре татко ѝ, а Марија се замонаши како машко и го доби името Марин. Во близина на манастирот имаше гостилница и ќерката на гостилничарот се загледа во божемниот монах Марин и откако неуспешно го искуша, го обвини овој монах за недопустлив однос со неа, а таа со некого зачна и роди син. Марија не се бранеше, па беше понижена и избркана од манастирот. Со туѓо дете на рацете проживеа пред портите на својот манастир три години трпејќи глад и студ и секаква мака и немаштија. По ова ќерката на гостилничарот полуде, а наскоро потоа Марија умре. Дури по смртта се дозна дека „монахот“ Марин бил женско. А кога лудата ќерка на гостилничарот се допре до моштите на света Марија, оздраве и потоа го призна својот страшен грев. Света Марија се упокои и се пресели во бесмртната радост во 508 година.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

За изминатите 24. часа се потврдени 76 нови случаи на ковид 19: Вкупната бројка на дијагностицирани 2.391, оздравени се 26 пациенти – почина 1 лице

Министерството за здравство информира дека во последните 24 часа се направени 885 тестирања, а регистрирани …