Интервју: Оливер Пап: „Многу деца кои земале учество на „Поточиња“ се реализираат како успешни луѓе, не само во музиката, туку и во многу други области!“

Во изминативе 16. години низ детскиот фестивал Поточиња поминале над 1.300 деца како дел од хорот или солисти. Првата цел на „Поточиња“ е преку музика, игра и песна децата да стекнат чувство за одговорност и дисциплина, да бидат свесни што се здрави навики, да бидат добри личности и секако да научат нешто ново…

„Поточиња“ – може ли да кажеме дека овој детски фестивал е своевидна институција која зазема добар дел од музиката за најмладите. Да се потсетиме малку на почетоците?

– Почетоците на Детскиот фестивал „Поточиња“ датираат од 2003 година, како година на подготовки за првото издание на фестивалот, кое се одржа на 20. март 2004. година во „Универзална сала“ во Скопје. Првото издание на фестивалот имаше за цел да вклучи и анимира деца од предучилишна возраст, меѓутоа по успешното прво издание се јави голем интерес и за деца – учесници  од училишна возраст. Од 2004. година прерасна во традиција, пролетта во Скопје да се дочекува со “Поточиња”.

Од мали нозе, може така да се каже, си инволвиран во работата со „Поточиња“, но тоа не е само поради семејното наследство (Мирослав Пап) туку и музиката во тебе?

-Може да се каже комбинација и од двете. Растев со музика, сум поминал низ сите можни фази во реализација на фестивалот и благодарение на ангажманот на мојот татко денес заедно со него учествувам во комплетната реализација на Поточиња.

Имаш завршено нижо музичко училиште. Ќе ни откриеш ли зошто не продолжи и понатаму?-Се испостави дека толку ми е доволно за да компонирам (хаха). Шала на страна, во тој период по завршување на нижото музичко училиште ми се појавија некои други интереси и на крајот дипломирав политички науки на Правниот факултет Јустинијан Први.

Имаме неколку фестивали на детски песни, но чинам дека медиумски, пред се од македонските национални тв куќи некако не се доволно проследени?

-Секако дека ситуацијата не е како порано, меѓутоа сметам дека барем ние како „Поточиња“ имаме коректна медиумска соработка. Според мене оној дел каде што медиумските куќи затајуваат е во тоа што не се одважуваат да стават на располагање повеќе ресурси во одредени проекти за деца. Генерално, доколку се има волја, постои можност за поправање на состојбата.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.


Видете следно

Не напушти уште една легенда: Почина Бранка Станковска

Легендарната радио и тв спикерка и водителка, Бранка Станковска, која имаше 90 години, почина денеска …