Во издание на „МАКЕДОНИКА ЛИТЕРА“ објавен романот „Адам и Ева“ на романскиот пистаел Ливиу Ребреану

„Македоника литера“ од  Скопје, деновиве го објави романот „Адам и Ева“ од романскиот писател Ливиу Ребреану, во превод од романски јазик на Ирина Кроткова.

„Адам и Ева“ е едно од ремек-делата на големиот романски писател на 20 век Ливиу Ребреану (1885 – 1944). Ова е љубовен роман, но главната тема е верувањето во реинкарнацијата, односно метемпсихозата. Архе­тип­ска и андрогена двојка се бара и се надополнува во седум многу различни историски периоди.

Главниот лик на романот, Тома Новак, поминува низ повеќе животи, прво е свештеник во Индија, потоа гувернер во Египет, писар во Вавилон, римски коњаник во Рим во епохата на владее­њето на Тибериј, калуѓер во средновековна Герма­нија, лекар во Франција за време на Француската револуција и најпосле универзитетски професор во Букурешт. Тој се вљубува во седум различни женски личности: Навамалика, Изит, Хамма, Сервила, Марија, Ивона и Илеана.

Ливиу Ребреану изјавил дека „Адам и Ева“ е дело најблиско до неговата душа. Романот започнува со опишување на бела, санитарна сала, каде што професорот Тома Новак е повреден, ранет со четири куршуми во градите и е во смртна агонија. Кога ќе ги отвори очите, Тома Новак се сеќава на своите спротивставени дискусии со Алеман – поранешен про­фе­сор по филозофија. Тој пак повеќепати се обидува да го убеди Новак за постоењето на метампихоза (реинкарнација). Алеман самоуверено изјавува дека вистинскиот живот се состои од седум земни животи. („Зошто токму седум? О, Господе, Госпо­де, зошто седум? Затоа што седум е свет број! Отсекогаш бил свет, во сите души!) Алеман инсистира на овој број и се сеќава на материјалните и духовните планови на кои ги следат двата принципа (машкиот и женскиот) сè додека не го признаат потеклото и не се утврди дека го формираат билансниот пар. („Еден маж од милионите мажи посакува само една жена од милионите жени. Еден единствен и една единствена! Адам и Ева!“)… И така, почнува прошетката низ седумте цивилиза­циски периоди, при што Ребреану се покажува како голем ерудит со енциклопедиски знаења, доближувајќи му ги на чита­те­лот мошне сликовито тие периоди и култури. Романот содржи седум поглавја, а секое поглавје има седум потпоглавја. Всушност, романот продолжува со седум неверојатни приказни, различни во однос на ликовите и околината (земјата и времето) во кои се одвива дејството. Секој херој има тенденција да ја бара својата половина, и кога ќе ја најде, ја губи во неповолните околности на својот живот.

Книгата носи ориентален мирис, богат со егзотични, разно­бојни имиња (Навамалика, Махавира, Нефтис, Гунгунум, Хам­ма, Куфу, Ивон, Изит…) и во некои од најпривлечните пејза­жи (дејството се одвива во различни периоди, во земји како што се Индија, Рим, Египет, Франција итн.) Притоа книгата нуди богати и вредни информации, заличувајќи на книга на откри­ти­ја. И покрај разновидната терминологија за културните средини, таа е лесна за читање и воодушевува до последната реченица. Станува збор за борба и страдање. Станува збор за љубов, за смртта и животот по смртта – интригантно и магично. И мис­тич­­но, барем колку што се мистични источните (индиските) веру­вања и религии. И не случајно го сметаат за роман – енцикло­педија. Енциклопедија за љубовта, за човечката душа, за древните цивилизации.

Ливиу Ребреану (1885 – 1944) е романски писател, новинар и академик. Тој е еден од најзначајните романсиери во роман­ската литература на 20 век. Роден е во Трлуша, како прво од 13 деца на Васи­лие и Лудовика Ребреану, кои подоцна стануваат негова инспи­рација за фамилијата Херделеа која се појавува во некол­ку негови романи: „Јон“, „Буна“, „Горила“ и други. Првата негова книга е објавена во 1912 година – изборот новели со наслов „Маки“. За време на Првата светска војна продол­жил да објавува новели, а во 1920 г. го објавил романот „Јон“, кој се смета за прв модерен романски роман. За романот „Јон“ ја добил престижната награда на Романската академија, а во 1939 година и самиот тој станал член на Академијата. Од 1928 до 1930 година раководел со Националниот театар во Буку­решт, а од 1940 до 1944 година бил претседател на Сојузот на романските писатели.

Автор е на голем број новели, драми, социјални романи, психолошки романи кои претставуваат пресврт во романската литература и нацио­нал­на­та култура во тоа време. Негови најпознати дела се романите „Шумата на обесени­те“, „Адам и Ева“, „Јон“ и „Чиулеандра“, кои книжевната крити­ка ги има оценето како ремек-дела. „Шумата на обесените“ е објавен и на македонски јазик, во изда­ние на „Македоника литера“ (2018). „Адам и Ева“ е неговото второ дело на македонски јазик.

 

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

75 години од првата премиера на Македонски народен театар – претставата „Платон Кречет”

Драги наши доајени, некогашни и сегашни колеги, драги љубители на театарот! Денес ја славиме 75 …