Денес е спомен на Светата великомаченичка Варвара:Кој прв ќе ве „полази“ таква ќе ви биде годината

Православните верници денеска го одбележуваат споменот посветен на Светата великомаченичка Варвара
Таткото на оваа славна Христова следбеничка, којашто на млади години му се посвети на Христа, се викаше Диоскор и беше познат според положбата и богатството во градот Илиопол Мисирски, а во верата беше незнабожец. Својата ќерка единица, мудра во умот и убава во ликот, Диоскор ја затвори во висока кула, ја опкружи со секакви удобности, ѝ даде слугинки да ја служат, ѝ постави идоли за поклонување, ѝ изгради бања со два прозорци.
Гледајќи ги низ прозорецот земјата долу и ѕвезденото небо во висините, на Варвара ѝ се отвори умот со Божествената благодат, па Го позна единствениот вистински Бог и Создател,иако немаше никого од луѓето за учител во тоа. А кога нејзиниот татко еднаш се оддалечи од градот, таа излезе од кулата и по Божја Промисла се сретна со некои христијанки коишто ѝ ја јавија вистината на Христовата вера. Срцето на Варвара пламна со љубов кон
Господа Христа. Таа нареди да се пресече и трет прозорец на бањата за да бидат трите прозорци симбол на Света Троица; на една карпа во бањата нацрта со прстот крст и крстот се вдлаби во каменот како врежан со железо; од нејзините стапала на подот од бањата избиваше извор со вода којашто подоцна на мнозина им донесе исцеление од болестите. Кога дозна Диоскор за верата на својата ќерка, сурово ја биеше, ја протера од кулата и ја
гонеше за да ја убие. Карпата се отвори и ја скри Вравара од суровиот татко. Кога му се јави повторно, татко ѝ ја однесе пред началникот Мартијан, на кого што му ја предаде за мачење. Невината Варвара ја расоблекоа и ја биеја, додека целото тело не ѝ го прекрија во рани и крв. Во затворот ѝ се јави Самиот Господ со Ангели и ја исцели. Кога го виде тоа една жена Јулијана и самата посака мачеништво. Обете беа ужасно мачени и со исмевање
ги водеа по градот. Им ги отсекоа градите и од нив истече многу крв. Најпосле ги изведоа на губилиште, каде што таткото самиот си ја закла ќерката, а војниците ја заклаа Јулијана. Истиот тој ден удри гром во куќата на Диоскор и ги уби него и Мартијан. Света Варвара пострада во 306 година. Нејзините чудотворни мошти почиваат во Киев. Прославена во Небесното Царство, света Варвара многупати им се јавува на мнозина, понекогаш сама, а
понекогаш со Пресвета Богородица.

ВЕРУВАЊА
Нејзините мошти се наоѓаат во Киев, а светото предание сведочи дека таа повеќе пати се јавувала, некогаш сама, некогаш со Пресвета Богородица.

На овој ден се подготвува пченица за варење. Тој прв што ќе влезе во куќата наутро се вика „полезник”. Се смета дека е добро тој да е човек со „лесен полез”, поради што покануваат луѓе кои се сметаат за среќни, први да дојдат наутро и да бидат полезници, за претстојната година да биде среќна.
Верување меѓу народот е дека не се оди никаде на гости на овој ден, дома се седело. Се верува дека денес кој прв ќе ти влезе дома таква ќе ти е годината. Кој ќе те полази таква среќа ќе ти донесе, затоа народот верувајќи во ова гледал прво мало дете да ти стапне прво дома па среќа ,радост, мила да ти биде годината. Или пак тој што ќе влезе да носи леб со него – за бериќет.

Празникот на Светата великомаченица Варвара народот најчесто го поврзува со заварување (затекнување), варење и сл.
Култот на Светата маченица Варвара особено популарен бил во Разлошко каде што се верува дека таа била од овој крај и дека тука настрадала. Овде се изведуваат интересни обичаи, се празнува со собири и панаѓури. Тогаш девојките и момчињата се облекувале во специјална облека, со специјални капчиња на главите оделе кај црквата „Света Петка“ над селото, таму играле и пееле, а потоа се враќале и во групи, ужинале во некоја куќа каде што специјално за нив се готвела храна. Потоа пак играле и пееле повеќе обредни песни меѓу кои и „Света Варвара букосава Свети Никола“.

Останало запишано дека на 4 декември луѓето се собирале кај изворот со топла и лековита вода да се измијат за здравје и исцелување од секакви болести. Од 1850 година ова празнување било пренесено на средата по Велигден зашто во зима било студено, со снег.
Инаку, преданието вели дека светата маченица Варвара потекнувала од овој крај и тука страдала. На местото каде што е убиена излегла вода со црвеникава боја за која се смета дека е од нејзината крв.
Во Радовиш на овој ден подготвувале пченка за варење за да се заварат (затечат) бучуци жито. Во овој крај со Варвара бил поврзан обичајот „полазувајне“ што се среќава и во други краишта на Македонија, иако во некои места овој обичај е поврзан и со некои други празници. Имено тој прв што ќе влезе во куќата наутро се вика „полезник“. Се смета дека е добро тој да е човек со „лесен полез“ поради што поканувале луѓе што ги сметале за среќни први да дојдат наутро и да бидат полезници. Полезникот носел неколку сламки и велел: „Дујде Света Варвара сус гуденца, сус пиленца, сус детенца, и бериќет и здравје и ксмет да имате во куќата“. Полезникот го честеле со кафе, слатко и др. а му давале и пари.

Обичаи поврани со полезник се изведувале и во Гевгелиско каде што овој обичај се изведувал на Мартинци. Освен тоа домаќинката мешала повеќе житни култури (пченка, јачмен, овес, просо и др.) ги варела и им ги давала на кокошките да им се разварат цревата и да несат повеќе јајца во текот на годината.
Варење жито на овој ден среќаваме и во Кумановско. Овде најчесто во ѓезве вареле пченка и пченица (мешан бериќет) и сите од куќата каснувале утрото пред да одат на работа. Тоа се правело за да не се запече полето да биде влажно како водата во ѓезвето и да тера бериќетот. Истиот ден се јадел варен грав за да не го тепа град полето. Во Велешко верувале дека од Варвара до Игнат денот се кревал колку врв од игла, а од Игнат до Васил пак како врв од игла.
Очигледно е дека култот на светата маченичка Варвара е доста раширен во Македонија. За тоа зборува и фактот што многу семејства овој ден го имаат за домашен празник и го празнуваат со домашни служби.

Свети Јован Дамаскин


Најнапред беше министер на калифот Абдалмелех, а потоа монах во манастирот на Свети Сава Осветен. Заради ревносно застапување на иконопочитувањето во времето на иконоборниот цар Лав Исавријанин, Јован беше наклеветен од овој цар кај калифот, којшто му ја отсече десната рака. Тој припадна на молитва пред Пресвета Богородица и раката му се состави и чудесно му зарасна. Кога го виде тоа чудо калифот се покаја, но Јован повеќе не сакаше
да остане кај него како големец, туку се повлече во манастир, каде што во почетокот им беше пример на монасите во смирението, послушноста и во сите монашки подвизи. Ги состави Октоихот, Ирмологијата, Месецословот, Пасхалниот Канон и напиша многубројни богословски дела со вдахновение и длабочина. Голем како монах, и како поет, и како богослов, и како војник на Христовата вистина, Дамаскин се вбројува во големите отци на Црквата. Се
упокои мирно во 776 година, во сто и четвртата година од својот живот.

Свети Генадиј, архиепископ Новгородски
Прочуен писател, поборник на вистината и страдалник за Христовата вистина. Ги собра растурените книги на Светото Писмо во едно и го состави пасхалниот клуч за петстотини триесет и две години однапред. Се упокои во Господа во 1505 година. Неговите чудотворни мошти се чуваат во Чудовиот манастир во Москва.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Филипче: После 70 години за првпат е реновиран Здравствениот дом д-р Хаим Абраванел во Битола

За првпат после 70 години се реализираше комплетна обнова на внатрешните простории во ЗД д-р …