Со гала балетски концерт „Живот во движење“ и изложба се заокружува чествувањето „70 години Балет“

Чествувањето седум децении постоење на Балетот кое траеше во целата 2019 година, ќе биде заокружено вечерва со гала балетски концерт од 20 часот и изложба „Живот во движење“ која еден час порано ќе биде отворена во фоајето на Македонската опера и балет.
Концертот ќе има два дела – класичен и модерен балет и ќе учествуваат сите првенци на Балетот и целиот балетски ансамбл, како и гости од Берлинскиот балет, од Хрватска и од Словенија.
„Приказната што почна во 1949 година треба да ја негуваме и да ја воздигнуваме секогаш на повисок пиедестал. Со солистите и целиот ансамбл направивме убав колаж. Цела година беше во знакот на јубилејот, а ова ќе биде круната“, рече на прес-конференција директорката на Балетот, Олга Панго.
На свеченоста денес ќе бидат доделени благодарници на сите што придонеле во развојот на институцијата, почнувајќи постхумно за Ѓорѓи Македонски па сè до новите генерации.
На гала балетскиот концерт ќе му претходи отворање на изложбата „Живот во движење“, која преку богат архивски материјал ќе го прикаже седумдеценискиот развој на македонскиот Балет. Идејата и реализацијата на изложбата е на Наташа Јосифовска, која рече дека во фокусот е целиот балетски ансамбл.
„Целта на изложбата е да се прикаже вкупната рабопта, продукцијата во седумте декади и заедништвото во балетсскиот ансамбл, сите што оставиле трага и поради кои ние денес сме тоа што сме“, рече Јосифовска.
Изложбата е конципирана во седум делови и секој е историјат за премиерите во одделна декада и прикажува  фотографии од уметниците и од изведбите, каталози, костими и костимографски скици за претставите, медиумски написи и 19 оригинални плакати за балетски премиери, меѓу кои и за првата,  „Валпургиска ноќ“, стар 70 години… Изложбата ќе биде поставена два месеца, а во план е да гостува во повеќе градови низ земјава.
Работата на Балетот почнала на 27 јануари 1949 со премиера „Валпургиска ноќ“ од операта „Фауст“ на Шарл Гуно. Кореограф бил Ѓорѓи Македонски, основоположник на балетскиот ансамбл, кој една година претходно бил назначен за шеф на балетот на Државната опера во Скопје. Диригент на првата балетска премиера бил Трајко Прокопиев, сценограф Василие Поповиќ-Цицо, костимограф – Милица Бабиќ-Јовановиќ.
На 30 декември 1949 бил изведен и првиот целовечерен балет – „Бахчисарајска фонтана“ од Борис Асафјев, исто така во кореографија на Ѓорѓи Македонски. Во оваа претстава се појавила првата генерација македонски балетски играчи кои во наредните две децении биле главни носители на репертоарот.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Лауреатот на Златна камера 300, Јануш Камински, со порака до фестивалот „Браќа Манаки“: Едвај чекам да се видиме во Македонија!    

На вечерашниот настан за одбележување на 41. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа …