ВООДУШЕВУВАЧКИ НАСТАП НА НАЦИОНАЛНАТА ОПЕРА И БАЛЕТ ПРЕД 6000 ПОСЕТИТЕЛИ, ВО САРАЕВО!

Срушен рекордот на посетеност на настан од музичко-сценски карактер!

Националната Опера и Балет на Република Северна Македонија на 30.11.2019 г. во салата „Мирза Делибашиќ“ на Скендерија во Сараево, ја изведоа сценската кантата „Кармина бурана“ од Карл Орф. Историскиот рекорд во поглед на фасцинантната посетеност на театарски настан од музичко-сценски карактер досега припаѓал на Кинескиот државен балет со претставата „Црвениот женски одред“ која е изведена три пати во 1971 година. На 30.11.2019 тој рекорд го превзема настапот на Националната опера и балет од Република Севрна Македонија со изведбата на музичко-сценското дело „Кармина бурана“.

Со повеќе од 200 уметници на сцената, пред полната Скендерија и воодушевените 6000 посетители меѓу кои и целиот дипломатски кор акредитиран во Сараево, најавуваниот наш настап од страна на домаќините како „МЕГА СПЕКТАКЛ“ навистина се случи . Настапот започна со увертира од операта „Кармен“ во изведба на нашиот оркестар и таа енергична музика на Жорж Бизе им даде невиден импулс на сите останата уметници. Следуваше „Кармина бурана“ во која учествува огромен број изведувачки ансамбл: Оперски солисти, балетски солисти, оркестар, хор и балетски ансамбл. Под диригентската палка на домашниот диригент, Емир Нухановиќ, кој таа вечер прославуваше 35 години уметничка работа, нашите уметници се надминаа себе си. Публиката не знаеше кого попрво да награди со громогласниот аплауз.

На крајот во протоколарен дел маестро Нухановиќ додели Благодарници на своите професори и соработници, меѓу кои го спомна и нашиот диригент, проф. Фимчо Муратовски. На директорот на Националната опера и балет, Васо Ристов му беше доделено Специјално признание за исклучителен придонес во меѓународната соработка од областа на музичката уметност, кој исто така за успешната соработка, му додели Благодарница на маестро Нухановиќ.

Покрај оркестарот, хорот и балетскиот ансамбл, настапија оперските солисти Наде Талевска, Дејан Стоев и Андреа Ѕаупа од Италија, како и балетските солисти, Марија Кичевска-Шокаровска, Саша Евтимова, Ивана Коцевска, Игор Веланоски и Мирослав Митрашиновиќ.

На самиот крај, воодушевената публика со френетични аплаузи и извици „Браво“ не само што ги награди уметниците, туку инсистираше на Bis и на нивно задоволство беше повторен делот „О Fortuna“ од Кармина Бурана. Гостувањето во Сараево беше настан за паметење и пример како се претставува својата куќа и држава, односно македонската музичка култура.

 

 

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Со гала балетски концерт „Живот во движење“ и изложба се заокружува чествувањето „70 години Балет“

Чествувањето седум децении постоење на Балетот кое траеше во целата 2019 година, ќе биде заокружено …