Денеска е спомен на Светиот великомаченик Мина: Чудотворец кој помага но и казнува!

По потекло Мисирец и војник по занимање, свети Мина, како вистински христијанин, не можеше да го гледа одвратното жртвопринесување на идолите, па ја напушти војската, и градот, и луѓето, и сиот свет, та отиде во пуста планина. Бидејќи на свети Мина му беше полесно да живее со дивите ѕверови одошто со незнабожните луѓе. Еден ден, светителот го проѕре од далечина незнабожечкото празнување во градот Катуанија, па се спушти во градот и пред сите ја објави својата вера во живиот Бог Христос, а ги разобличи идолопоклонството и незнабоштвото како лага и мрак. Кнезот на тој град, некој Пирос, го запраша свети Мина кој е тој и што е. Светителот му одговори: „Татковина ми е Мисир, името ми е Мина, бев офицер, но кога го видов идолопоклонството се одреков од вашите почести. Сега дојдов пред сите да Го објавам мојот Христос како вистинит Бог, за и Он мене да ме објави како Свој слуга во Царството Небесно“.

Кога го слушна ова, Пирос го подложи свети Мина на големи маки. Го биеја, го стружеа со железни четки, го гореа со свеќи и го мачеа со разни други маки, и најпосле го убија со меч. Телото му го фрлија во оган за да не го земат христијаните, но тие сепак спасија од огнот некои делови. Овие остатоци ги погребаа чесно, а подоцна беа пренесени во Александрија и таму ги погребаа и над нив изградија црква. Свети Мина пострада околу 304 година и се пресели во Христовото Царство. Тој беше и остана голем чудотворец во двата животи, и на земјата и на небото. На секој што го слави свети Мина и во неволја со вера го повикува на помош, тој и му помага. Повеќепати се јавуваше како војник на коњ, за да им помогне на верните или за да ги казни неверните.

Светите маченици Виктор и Стефанида
Виктор беше роден римјанин, а по занимање војник, во време на владеењето на императорот Марко Аврелиј (161-180). Кога императорот почна да ги гони христијаните, Виктор одби да принесе жртва на боговите, а тоа задолжително жртвопринесување беше проверка на предаденоста на војниците кон боговите, императорот и татковината. Светиот Виктор беше предаден на мачење, но после сите измачувања остана неповреден. Со силата на молитвата тој го победи маѓесникот, кој од тој час се откажа од маѓесништвото и стана христијанин. По молитвите на светителот прогледаа војниците кои ненадејно ослепеа. Гледајќи ги сите чудеса кои се јавија од Господа преку Виктор, младата сопруга на еден од мачителите, Стефанида, отворено го прослави Христа, заради што беше сурово казнета: нозете ѝ ги заврзаа за две оптегнати палми. Кога дрвата се исправија ја растргнаа маченичката на два дела. Светиот Виктор го обезглавија. Мачениците пострадаа во Дамаск каде што потоа беа погребани.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.


Видете следно

КОРОНАВИРУС ВО МАКЕДОНИЈА – ПРЕМНОГУ ПОЧИНАТИ: Денеска се регистрирани 627. нови случаи на Ковид 19 – 47. лицa ја загубија битката со вирусот!

Министерството за здравство информира, согласно податоците од Институтот за јавно здравје: Во последните 24 часа …