Денеска е спомен на Преподобна Матрона Цариградска: Исцелувала со молитва и допир!

Православната црква денеска го одбележува споменот на Преподобна Матрона Цариградска.
Од Пергија Памфилиска. Брзо ѝ се смачи бракот со некој цариградски големец Дометијан, па побегна, се преоблече во машка облека и под името Вавила стапи во машкиот манастир Свети Васијан во Цариград. Но бидејќи мажот ѝ непрекинато трагаше по неа, таа беше принудена да смени многу места, па беше во Емеса, Синај, Еусалим, Бејрут и најпосле повторно дојде во Цариград. Се замонаши кога имаше дваесет и пет години, а се подвизуваше седумдесет и пет години. Живееше вкупно сто години и кога се упокои беше игуманија на еден манастир во Цариград. Мирно почина и се пресели во радоста на својот Господ, во 492 година.
Преподобна Теоктиста Пароска
Родена е на островот Лезбос. Се замонаши во својата седумнаесетта година. Дивите Сарацени удрија на овој остров и ги заробија сите што им дојдоа под рака, па и Теоктиста со сестра ѝ. Кога Сарацените ги изведоа робовите на пазар на осторвот Парос, Теоктиста им побегна од толпата и се скри. Се криеше во некој напуштен храм сред островот и таму се подвизуваше триесет и пет години. Се упокои мирно во 881 година.
Преподобен Јован Колов
Се вбројува меѓу најголемите мисирски подвижници. „Колов“ значи малечок, а тој беше малечок по раст. Во Скитот дојде заедно со својот брат Данило и со преголема ревност се предаваше на подвиг, така што брат му Данило мораше да го насочува на умереност. Му беше ученик на свети Памво, а подоцна на свети Арсениј Велики. Негов соученик кај свети Памво беше свети Паисиј Велики. Еднаш, додека тој и Паисиј разговараа на каков начин да преземат подвиг, им се јави ангел Божји и му нареди на Јован да остане на своето место и да ги поучува другите, а на Паисиј да оди во пустината и да живее како пустиник. За да ја испита послушноста на Јован, свети Памво му нареди да залева еден сув стап забоден во земја, сè додека не зазелени. Без размислување и сомневање, Јован го залеваше ова суво дрво три години секој ден, додека навистина, со Божјата сила, не се раззелени и донесе плод. Тогаш, Памво ги собра плодовите од она дрво, ги однесе в црква и им ги раздели на браќата, велејќи: „Пристапете и вкусете од плодот на послушанието!“ Јован Колов имаше мноштво ученици. Некои од неговите мудри изреки се сочувани. Се упокои мирно и се пресели во радоста на својот Господ.
Света Евстолија и преподобна Сосипатра
Светата Евстолија беше родена во Рим. Дојде во Константинопол и стапи во еден од женските манастири. Заради својот добродетелен и строг монашки живот, блажената ги здоби љубовта и почитта од сестрите. Не само монахињите, но и многу светски луѓе доаѓаа кај неа за совет и за утеха. Светата Сосипатра, ќерка на императорот Маврикиј (582-602), наклонета кон монаштвото, се сретна со преподобната Евстолија во Влахерна, во богородичната црква. После беседата со светителката, принцезата конечно реши да го остави светот и целосно да ѝ ја предаде својата волја на наставницата, преподобната Евстолија. Во дворецот којшто ѝ го подари благочестивиот император на својата ќерка, постепено се разви манастир, којшто беше познат по строгоста на монашкиот устав. Светата Евстолија се упокои во 610 година, а светета Сосипатра во 625 година.
Свети Симеон Метафраст
Беше многу надарен цариграѓанин. Имаше и светско и духовно образование. Стана царски логотет и прв големец на дворецот. При сето тоа, живееше чисто и непорочно, како вистински аскет. Се одликуваше и со голема војничка храброст и со државничка мудрост. Заради тоа царот Лав Мудриот многу го ценеше и еднаш го испрати на Крит да преговара за мир со Арапите, коишто во тоа време го беа зазеле овој остров. Откако успешно ја заврши оваа мисија тој се врати во Цариград и наскоро се повлече од светот и од светските работи. Пишуваше житија на светителите, и тоа состави сто дваесет и два нови животописи и исправи петстотини триесет и девет. Се упокои околу 960 година. Од неговото тело потече благоухано и исцелително миро.
Свети Нектариј Егински
Свети Нектариј е роден на 1 октомври 1846 година, во Силвира, регионот на Траки (Грција), како петто од вкупно шест деца во сиромашно семејство. На возраст од 14 години се пресели во Константинопол, каде што почна да работи за да може да го продолжи образованието. Во 1866 година се пресели на островот Хиос, каде што го надополни своето образование. Во 1876 година, на возраст од 30 години, се замонаши. Во 1885 година дипломираше на Универзитетот во Атина. По дипломирањето, замина во Александрија каде што беше ракоположен за јеромонах. Заради неговата побожност и дарба за проповед на Евангелието, во 1889 година беше назначен за Митрополит на Пентапол. Остана во Каиро една година, и неправедно и без објаснување беше преместен далеку од Египет, како резултат на клевети и лаги кажани за него. Во 1891 година се врати во Грција, и две години служеше на Евија. Во 1894 година беше именуван за директор на Црковното училиште. Во 1904 година, на барање на неколку монахињи, основа женски манастир на островот Егина. Во декември 1908 година, на возраст од 62 години, ја напушти функцијата директор, и се пресели во манастирот, каде што остана до крајот на својот живот, во длабоко тихување како монах. Последните неколку години свети Нектариј боледуваше, и последните денови ги помина во болница во Атина, каде што и се претстави пред Господа, на 21 ноември 1920 година, на 74-годишна возраст. Кога докторите дојдоа да го пресоблечат, случајно неговата кошула ја фрлија на соседниот кревет на кој лежеше парализиран човек. Штом се допре до кошулата, парализираниот се излекува. Кога го пренесуваа од Атина во Егина, непрекинато течеше миро од неговото чело. На неговиот погреб присуствуваше многуброен народ. Пристигнуваа од секаде, за да се допрат до свети Нектариј. Вброен е во ликот на светителите на 20 април 1961 година.
Светите маченици Онисифор и Порфириј
Овие двајца прекрасни мажи беа мачени за името Христово во времето на царот Диоклецијан. Беа многу биени, а потоа горени на железна леса, па врзувани за опашките на коњи и влечени по камења и трње. Така беа растргнати на парчиња и Му ги предадоа своите свети души на Бога. Нивните мошти се погребани во Пентапол.
Преподобен Ефтимиј Дохијарски и неговиот ученик Неофит
По потекло се Срби и роднини на високи византиски аристократи. Ефтимиј најпрво му беше другар на свети Атанасиј и економ на неговата Лавра, а потоа основач на манастирот Дохијар. Се упокои мирно во 990 година. Неговиот внук Неофит го наследи својот чичко како игумен на Дохијар, го умножи братството и изгради голема црква. Се упокои во почетокот на 9 век.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

КАМ со донација во вредност од 633.825,00 денари за Црвен крст

Црвениот крст на Република Северна Македонија на 13.08.2020 година во просториите на центарот за логистика …