Денес се празнува Свети Архангел: Среќна слава за верниците!

Меѓу поголемите есенски празници што нашиот народ ги празнува со домашни служби е и празникот Собор на Свети архангел Михаил. Празник на војводата на сите ангели. Именден празнуваат: Ангел, Ангелина, Михаил, Рајна, Ратка…

Меѓу поголемите есенски празници што нашиот народ ги празнува со домашни служби е и празникот Собор на Свети архангел Михаил, меѓу народот попознат како Аранѓел или Аранѓеловден. Црквата го определила овој ден за празник во чест на сите ангели, а најмногу на Свети архангел Михаил кого го смета за водач на сите небесни сили.

Пред да го создаде материјалниот свет, земјата, небото, ѕвездите, човекот ,Господ го создал духовниот свет – ангелите. Ангелите се духови поради што се невидливи, а за подобро да бидат сфатени и за да се создаде претстава за нив на фреските и иконите се претставени во човечка форма.

Тие се Господови гласници (ангел значи весник) ги пренесуваат божјите заповеди поради што на фреските се претставени со крилја. Тие се поим за младост и безгрижност поради што се претставени како деца бидејќи староста, обелувањето на косата и брчките на лицето се последица на животните грижи и страдања. Тие се насликани во бела облека што симболизира душевна чистина и невиност. Единствено архангел Михаил е претставен во војводска облека. Зошто Архангел Михаил е насликан како војвода?
Во почетокот сите ангели биле добри. Подоцна некои од нив станале лоши, се одметнале од Бога и почнале да прават зло дела. Нив ги викаме ѓаволи. Еден меѓу нив по име Деница, заслепен од големата моќ што му ја дал Бог, се одметнал од Бога, собрал големо друштво и создал цело невидливо небесно духовно царство. Свети Архангел Михаил го победил, го симнал од небото, а и подоцна продолжил да се бори за славата Божја поради што е претставен во војводска облека со меч и копје во рацете.

Кога некои ангели почнале да го напуштаат Бога и станале лоши ги собрал Архангел Михаил сите ангели и како знак на верност кон Бога почнал заедно со нив да ја слави Света Тројца. Во спомен на овој собир црквата го востановила празникот Собор на свети Архангел Михаил што се празнува на 21 ноември. Со овој празник им се оддава признание на сите ангели кои ги има безброј. Зашто токму на овој ден се празнува денот на ангелите? Според некои истражувачи месецот ноември е одбран поради тоа што во поранешното сметање на времето, кога годината започнувала од март ноември бил деветти месец, а девет се чиновите ангелски. Денот осми (според стариот календар) е одбран поради тоа што на осмиот ден од страшниот суд ќе дојде Исус да им суди на живите и мртвите.
Како што беше споменато се верува дека има многу ангели. Тие претставуваат цела небеска војска раководена од Господ Саваот (а Саваот значи господар или командант над војската). Тие се поделени во девет чинови, групирани по три степени, со по три чина. Во првиот степен влегуваат шестокрилите серафими, многуоките херувими и престолите, во вториот спаѓаат господствата, силите и властите и во третиот началниците, арангелите и ангелите. На некои им се знаат и имињата како на пр. Гаврил, Рафаил, Урило, Салатиј, Егудило, Вархило.

Заедно со Архангел Михаил најпознат меѓу ангелите е Архангел Гаврил. Како Божји гласник тој има пренесено неколку важни вести. Ги соопштил зачнувањата на Богородица, Исус Христос и Свети Јован Крстител. Неговиот празник познат како Собор на Св. Архангел Гаврил се празнува следниот ден по Благовештение, денот кога на Богородица и ја пренел веста дека ќе го роди Спасителот. На Богородица и се јавил и пред смртта кога и соопштил дека е дојдено времето да оди кај својот син и и предал маслинова гранка за да ја носат пред одарот за време на нејзиниот погреб.
За сите јавувања на Архангелот Гаврил востановен е и празникот што се празнува во месец јули исто така наречен Собор на Св. Архангел Гаврил 26 јули.
Во народното верување Архангел Михаил е претставен како со меч им ги зема душите на луѓето, поради што во некои места е наречен „Арангел душевадник”. Уште еден ден од православниот календар е поврзан со името на Архангел Михаил. На 19 септември се празнува „Спомен на чудата на Св. Архангел Михаил“ во спомен на чудото во Хон, место во Фригија, кога Свети Арангел Михаил ја спасил црквата од уривање од неверниците, кога водата што требало да ја потопи ја свртел во друга насока.

Од длабоката древност Божјите ангели се празнувани од луѓето. Но, тоа празнување често се одметнуваше во обожување на ангелите (4 Царства 23, 5). Еретиците прикажуваа сешто за ангелите. Некои од луѓето, во ангелите гледаа богови, други, иако не ги сметаа за богови, ги нарекуваа создатели на сиот видлив свет. Лаодикискиот помесен собор, којшто се одржа четири или пет години пред I Вселенски Собор, со своето 35 правило го отфрли поклонувањето на ангелите како на богови и го востанови правилното почитување на ангелите. Во времето на папата Силвестер и на александрискиот патријарх Александар (4 век), беше востановен овој празник на Архистратигот Михаил со другите небесни Сили, во месецот ноември. Зошто токму во ноември? Зашто после март, ноември претставува деветти месец. А се смета дека во месецот март било создавањето на светот. А деветтиот месец после март е земен заради деветте ангелски чинови, коишто се најпрво создадени. Свети Дионисиј Ареопагит, ученик на светиот апостол Павле, т.е. на оној апостол којшто беше воздигнат до третото небо, овие девет ангелски чинови ги опиша во книгата „За небесната Јерархија“. Тие чинови се следните: шестокрилите Серафими, многуоките Херувими и богоносните Престоли, Господствата, Силите и Властите, Началата, Архангелите и Ангелите. Војвода на целата ангелска војска е Архистратигот Михаил. Кога сатаната, Луцифер, отпадна од Бога и со себе повлече во пропаст еден дел од ангелите, тогаш Михаил стана и извикна пред неотпаднатите ангели: „Да внимаваме! Да застанеме добро, да стоиме со страв!“ И сите небесни војски на верните ангели громко запеаја: „Свјат, Свјат, Свјат Господ Саваот исполн небо и земља слави Твоеја!“ (за Архистратигот Михаил види во Книгата на Исус Навин 5, 13-15). Меѓу ангелите владее совршено едномислие, еднодушност и љубов, а покрај тоа и потполна послушност на пониските чинови кон повисоките и на сите заедно кон светата Божја волја. Секој народ си има свој ангел пазител, а освен тоа и секој христијанин има свој ангел пазител. Треба секогаш да се сеќаваме дека што и да правиме, јавно или тајно, го правиме тоа во присуство на својот ангел-чувар. А на денот на Страшниот Суд, сето огромно мнозинство ангели ќе се соберат околу Христовиот престол и пред сите нив ќе се објават сите дела, зборови и помисли на секој човек. Да нè помилува Бог и да нè спаси по молитвите на светиот Архистратиг Михаил и на другите небесни бестелесни сили. Амин.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

(ВИДЕО) КОВИД -19: 13. МИЛИОНИ ЛУЃЕ ЈА ПОБЕДИЛА КОРОНА: Во Бразил 22. илјади новозаболени за 24. часа, со вирусот се избориле 13. милиони пациенти!

Во светот од почетокот на пандемијата „Ковид 19“ се заразени повеќе од 20. милиони луѓе, …